Примери за најчестите прекршувања на новинарските стандарди во време на избори

Праксата покажува дека известувањето за време на изборен период е една од потешките новинарски задачи, затоа што токму тогаш професионалните и етичките стандарди подлежат на сериозен притисок. Жестоките политички пораки, брзината со која се работи и улогата на онлајн платформите често ја обременуваат границата меѓу професионалниот интегритет и политичкото или комерцијалното влијание. А токму во изборен период улогата на новинарите, како непристрасни и одговорни репортери, е клучна за обезбедување навремени, точни и балансирани информации што ќе им помогнат на граѓаните
да одлучат кому да го дадат својот глас.

Искуството на Советот за етика во медиумите на Македонија, врз основа на поднесените претставки до Комисијата за жалби, за време на избори, но и во поширока временска рамка, покажува дека најчесто се прекршуваат неколку членови од Кодексот на новинарите на Македонија, поточно членовите 1, 10, 13, 8 и 3, кои од новинарите бараат точно известување од најмалку два проверени извори, без говор на омраза, без сензационализам, со јасна разлика меѓу вест и коментар, и со исправка доколку се случи да биде објавена грешна информација.

Во анализата „Најчести прекршувања на новинарските стандарди во време на избори“ даваме преглед на разгледувани претставки, поднесени до Комисијата за жалби при СЕММ или до Координативното тело за следење на почитувањето на Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми, а поврзани со известувањето на медиумите за неодамнешните локални избори 2025, со примери за  неколку конкретни примери за непочитување на етичките норми во содржината на домашните медиуми.

Најчести прекршувања на новинарските стандарди во време на избори

Оваа публикација ја подготвија Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) во рамки на регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“, со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на авторите и издавачот и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.

Scroll to Top