Повик за новинарски награди: Факти и дезинформации за климатските промени

Ја исполнуваат ли медиумите клучната улога што ја имаат во справувањето со климатските промени? Дали доволнo влијаат за подигање на свесноста, дали доволно го застапуваат јавниот интерес и повикуваат на акција, дали доволно едуцираат и повикуваат на одговорност?

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), препознавајќи ја клучната улога што медиумите ја имаат во координираниот пристап за намалување на последиците од климатските промени, глобално и локално, охрабрува креирање медиумски содржини, запазувајќи ги највисоките професионални и етичките стандарди, за корените и последиците од климатската криза, за решенијата и одговорноста.

Едуцирајќи ја својата публика, промовирајќи решенија, разобличувајќи ги дезинформациите и барајќи одговорност од сите инволвирани, медиумите можат да го придвижат општеството кон значајна акција во полза на човековата околина и добробит на сегашните и идните генрации.

СЕММ во соработка со УНЕСКО, во рамки на проектот „Градење доверба во медиумите во Југо-источна Европа: Поддршка за новинарството како јавно добро“, објавува повик за најдобри новинарски стории на тема „Факти и дезинформации за климатските промени“.

Повикот за апликации е отворен за сите професионални новинари и фото/видео репортери во Северна Македонија, за стории објавени во регистриран медиум, традиционален или онлајн, во периодот од 1 мај 2024 година до 15 април 2025 година.

Критериумите за наградите вклучуваат автентична и аналитична новинарска сторија, фотографија или видео од широк јавен интерес, што ги задоволува највисоките етички стандарди во новинарството.

Пријавениот труд може да биде во различна форма или жанр (текст, ТВ-прилог, радио приказна, документарец, репортажа, интервју, фотографија, видео…) објавен на македонски јазик или јазик на етничките заедници (со превод/титл на македонски јазик). треба да вклучат линк до медиумската содржина, но и прикачен документ од текстот/фотографијата/прилогот во пораката.

Најдобрите две стории и најдобрата фотографија/видео ќе ги одбере жири составено од реноминирани медиумски претставници.

Авторите ќе бидат наградени со поединечен паричен износ од 1200 и 800 USD.

Новинари поединци и редакции можат да пријават до три (3) стории. Конкурсот е отворен до 15.04.2025 година. Апликациите треба да се испратат по е-пошта на info@semm.mk со назнака „За новинарска награда 2025“.Пријавите треба да вклучат линк до медиумската содржина, но и прикачен документ од текстот/фотографијата/прилогот во пораката.

                                                                                

Scroll to Top