Разговори за етичкото новинарство со средношколци и студенти

Главниот извор на информации за средношколците со кои разговаравме во скопската гимназија “Јосип Броз Тито” се социјалните мрежи. Велат дека во традиционалните и онлајн медиуми не веруваат многу, иако тешко им е да ги објаснат причините за тоа. Разменуваат информации меѓу себе, главно преку Инстаграм и Тик-Ток, а за случувањата во градот и во земјата, доколку се заинтересирани, најчесто се информираат од своите родители и блиски лица.

За подобра подготвеност на младите да одберат свој доверлив извор на информации, да умеат да препознаат дезинформации и манипулативни содржини, но и за важноста од почитување на правилата за одговорно новинарство, Советот на етика во медиумите на Македонија организира десет работилници, во средни училишта и универзитети низ земјата, како цел на проектот „Поттикнување етички пристап во известувањето кај потенцијалните млади новинари“, поддржан од Европската Унија.

Работилници ќе се одржат во вкупно шест средни училишта во Скопје, Тетово и Штип, но и на факултетите за новинарство, комуникации или за правни науки на универзитетите во овие градови.

Младите се често жртва на дезинформации и манипулативни содржини, а не ретко се впуштаат и во виртуелни дискусии кои резултираат со дискриминација или дури и говор на омраза. Важно е да ги согледаат ризиците од неселективното и некритичко следење и ширење содржини на интернет, односно постојано да ја унапредуваат својата медиумска писменост, паралелно со технолошкиот развој на медиумите и новите ризици што го го носи овој процес.

Медиумската саморегулација е нов поим за најголемиот број средношколци, но по кустото запознавање со целите на овој механизам за корекција на новинарските содржини и за правота на граѓаните да реагираат доколку се сомневаат дека некој медиум шири неетички содржини и го крши Кодексот на новинарите на Македонија, велат дека „сега моќта е во нaши раце“.

Проектот “Поттикнување етички пристап во известувањето кај потенцијални млади новинари” е дел од пошироката проектна активност со наслов „Тренинг Академија за новинари и медиумски работници -Т-АЈМ“ што ја реализира Здружението на новинари на Македонија.

Scroll to Top