Група студенти на Правниот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, учесници во регионалниот студентски проект „Медиа 2040“, деновиве имаа можност да се запознаат подетално со работата и целите на Советот за етика во медиумите на Македонија, но и со други организации од медиумската индустрија.
Проектот „Медиа 2040“ обединува студенти по новинарство од јавни универзитети во Србија, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија, Косово и БИХ, а е поддржан од Кралството Холандија, со цел младите одблиску да се запознаат со различните аспекти на новинарската професија и улогата на новинарството во демократско и функционално општество.
На средбата, на факултетот „Јустинијан Први“ при УКИМ, студентите разменија погледи за иднината на новинарството и медиумите во Македонија со претставници на СЕММ, на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, на Националниот сервис – МРТ и со медиумски експерти.
Младите се заинтересирани за практична работа во медиумите, паралелно со студиите, но и за соработка и помагање низ другите механизами за поквалитетно новинарство и медиумска саморегулација.
Средбите со колегите од другите земји во Западен Балкан ги сметаат за добра основа за натамошна соработка и разговор за проблемите и решенијата и за проектирање на покредибилен медиумски систем до 2040 година.
Запознавање на студентите со работата на СЕММ и особено со механизмот за медиумска саморегулација, преку делувањето на Комисијата за жалби, е дел од активностите на Советот за етика во медиумите опфатени во проектот „Градење доверба во медиумите во Југоисточна Европа: поддршка на новинарството како општо добро“ финансиран од УНЕСКО.