Секоја професија, вклучително и новинарската, регулирана e со одредени етички кодекси кои служат за регулирање на општествената дејност и заштита на основните човекови права и слободи. Новинарската професија се заснова на работа со луѓе и невозможно е да се избега од општествената одговорност која им налага на медиумските работници да постапуваат во согласност со својата совест. Медиумските работници воедно имаат должност да ја вршат својата работа согласно договорените етички норми кои се прифатени во општеството.
Во денешно време, под притисок на сензационалистичкиот пристап во известувањето, етички вредности и професионалната одговорност на новинарите често паѓаат во втор план. И покрај постоењето на етички кодекси, но и закони кои јасно го регулираат етичкото известување бројни се прекршувањата, односно непочитувањата на основните етички стандарди при известувањето. Со кршење на основните етички принципи, новинарската професија, чија цел пред се е да пренесе точни информации од јавен интерес, се става во незавидна положба и провоцира недоверба кај јавноста. Исто така, медиумските работници кои не се водат во својата работа од етичките принципи што ги бара новинарската етика го доведуваат во прашање кредибилитетот на професијата.
Медиумските работници треба да известуваат на начин на кој ја почитуваат и промовираат културата на земјата во која живеат и да се однесуваат достоинствено кон луѓето. Потребно да се почитува е и слободата на изразување што им е дадена во согласност со одредени етички норми.
Во услови кога се зголемува бројот на медиумски производи во кои се препознава дезинформација поради недостиг на втора страна, сензационалистички пристап или служење на политиката наместо работа за јавен интерес, се најчести прекршувања на етичките стандарди. Советот за етика преку Комисијата за жалби и Здружението на новинари на Македонија со Совет на честа постапуваат по пријави за прекршители но како тоа да не е доволно. Можеби потребен е друг вид на санкции? Какви? Не може да се прецизира без сеопфатна анализа на прекршителите и на видот на прекршувања на етичките стандарди. Авторите на дезинформации директно им штетат на професионалните медиуми и новинари кои независно дали пишуваат и објавуваат вест, извештај или анализа, ги почитуваат стандардите на најмалку два извори на информации коишто се проведуваат пред да се објават.
Но за жал, засега професионалното новинарство се става во ист кош со дезинформирачкото. Професионалците се демотивираат кога на крајот на денот ќе ги пребројат кликовите на објавените медиумски производи. Тие се помалку, во споредба со не проверените или напишани со само еден извор информации. И токму тие, поточно дневни, неделни или месечни кликови, а не квалитетот на објавените вести се репер за закупување на рекламен простор од страна на фирми или маркетинг агенциите.
Во последните години, две до три, локалните професионални медиуми се игнорирани од компаниите закупувачи на рекламен простор во споредба со тие кои работат во главниот град на државата. Кампањите завршуваат кај вторите без разлика на содржините, квалитетот и професионалноста на содржините кои се продуцираат. Засега декларативна е улогата на Стопанската комора која вети дека ќе им препорача на своите членови рекламирање на медуми кои се професионални и работат според етичките правила и норми. Медиумите во внатрешноста на државата немаат клиенти од бизнис заедницата која членува во Стопанската комора.
Во настојувањето да се задржи професионалното медиумско милје потребен е и отворен дијалог со политичките партии чиишто кампањи, во изборните циклуси, делумно завршуваат кај медиуми основани за една намена и делумно кон медиумски поддржувачи.
Професионалните медиуми и покрај лошата финансиска состојба во која се наоѓаат во секојдневната работа го штитат јавниот интерес на граѓаните. Затоа заслужуваат фер третман. Нивните очекувања се дека СЕЕМ и ЗНМ ќе го направат многу по видлив Регистерот на професионални медиуми и често ќе го промовираат како во локалните заедници така и пред бизнис заедницата.
Oвој новинарски текст е подготвен од авторот Убавка Јаневска ангажирана од Советот за етика во медиумите во Македонија, во рамките на проектот „Медиумска саморегулација: зајакнување на медиумскиот професионализам за јавно добро“ поддржан од УНЕСКО и не ги одразува ставовите на донаторот или нарачателот.