„Главната цел за креирањето на овој Регистар, иницијатива што ја спроведовме со ЗНМ и Стопанската комора, ни беше да го поттикнеме процесот на професионализација во работењето на онлајн медиумите, а со тоа и подобрување на нивниот кредибилитет, како и препознавање на оние кои ги почитуваат стандардите наспроти неетичните кои го нарушуваат угледот на професионалните оналјн медиуми“, истакна Марина Тунева, извршна директорка на СЕММ.
Во моментот Регистарот брои 140 членки, а интересот за зачленување во него се зголемува. „Потсетуваме дека главни критериуми кои треба да ги исполнат онлајн медиумите за да станат дел од Регистарот се: транспарентно сопствеништво, објавен импресум, почитување на стандардите на Кодексот на новинарите, Повелбата за етичко известување за избори и Статутот на СЕММ, објавените текстови да се потпишани од автор, а доколку се преземени од други медиуми тоа да биде наведено, во согласност со Законот за заштита на авторски права“, рече Даниел Димитриески, координатор за програми и прием на жалби во СЕММ.
И покрај тоа што во регионот сè уште не постои иницијатива од ваков вид, присутните претставници на советите за етика изразија интерес за разгледување заеднички иницијативи на ниво на регионот на Балканот. „Би било добро доколку советите за етика се вклучат во разгледување на можностите за нивен придонес во борбата со дезинформациите во онлајн просторот, а примерот со постоењето на Регистарот на СЕММ би можел да послужи како поттик за преземање дополнителни иницијативи во регионот“, истакна Аделин Хулин од УНЕСКО.
Вебинарот беше организиран во рамки на проектот „Градење доверба во медиумите во Југоисточна Европа и Турција – фаза 2“, поддржан од УНЕСКО и Европската Унија.