Бројот на жалби до саморегулативното тело за говор на омраза, според Адамчевски, е во опаѓање. Компаративниот преглед на СЕММ укажува на тоа дека од 2014 до 2017 година учеството на одлуки за говор на омраза или дискриминација во вкупниот број одлуки е 28,8 проценти, во 2018 веќе опаѓа и изнесува 23,7 проценти, минатата година бројот е 20 проценти, а годинава, до 10ти август, забележани се само пет проценти. „Сепак, ова не значи дека во Македонија сè помалку се користи говорот на омраза, туку дека станува збор за негово селење, од медиумите на социјалните мрежи или, поточно, во коментарите на социјалните мрежи, каде што медиумите ги постираат своите содржини“, нагласи Адамчевски. Заради поуспешно справување со говорот на омраза во медиумите, тој препорачува граѓаните да се охрабрат да испраќаат жалби, да се интензивира координацијата меѓу членките на Мрежата за борба против говорот на омраза, како и да се зголеми соработката и координацијата со судовите и Обвинителството. „Новинарот не смее да покаже рамнодушност и резерва кон говорот на омраза, зашто таквите содржини можат да се протолкуваат како чин на одобрување и охрабрување“, вели Адамчевски.
„Традиционалните медиуми, во своето известување, во изминатата година, најчесто се воздржуваа од отворен говор на омраза, овој проблем најмногу се случува онлајн“, истакна Весна Никодинoска, раководителка на програми во Македонски институт за медиуми. Избувнувањето на глобалната криза предизвикана од коронавирусот во 2020 година, во Македонија, се поклопи со периодот пред одржување на парламентарните избори. „Овие две теми создадоа „набој“ за ескалација на дезинформациите и говорот на омраза на политичка и на етничка основа“, потенцира Никодинска. Според неа, „во сенка на известувањето за корона-кризата и на изборите останаа жените, децата, лицата со попреченост, маргинализираните и раселените лица, кои спаѓаат во категории граѓани кои беа најмногу погодени од рестрикциите воведени поради корона кризата, но и во периодот по нивното завршување“. Во периодот на кризата, како што објасни Никодинска, на површина избија стереотипите и предрасудите, сексизмот, мизогинијата и говорот на омраза кон жените, особено на социјалните мрежи. Некои од примерите вклучуваат и неколку жени-новинарки кои беа навредувани од страна на медиуми или на социјалните мрежи.
Од друга страна, „впечатокот на самите новинари е дека за лицата со попреченост се известувало малку и спорадично. Најчесто информациите поврзани со лицата со пореченост се однесуваа на мерките кои ги преземаше Владата во однос на оваа категорија граѓани, реакции во однос на мерките од граѓаните, како и информации од граѓанските организации за поддршката која им се пружа на лицата со попреченост“, истакна Никодиноска. Сепак, стануваше збор најчесто за трансмисиски вести и кратки извештаи, без лични приказни, продлабочени анализи, статистички податоци кои ќе покажат каква е навистина состојбата со оваа категорија граѓани. Не само традиционалните, туку и онлајн медиумите имаат обврска да продуцираат вести со коишто ќе им се спротивстават на говорот на омраза и дезинформациите коишто се шират онлајн, нагласи претставничката на МИМ.
Медиумите, во согласност со основната функција да информираат, ја имаат и функцијата да известуваат и за тоа дека во општеството постои говор на омраза, истакна Емилија Петреска – Камењарова, раководителка во Одделението за човекови права и медиумска писменост во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. „Но, она што не смеат да го направат е да го прекршат Законот и да станат извор на омраза. Тие не смеат да емитуваат директни повици на насилни дејствија, да претставуваат извор на говор на омраза и да известуваат непрофесионално во случаи кога информираат за постоење говор на омраза“, објасни Петреска – Камењарова.
Петреска – Камењарова упати и на посебните забрани од член 48 во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, според кои „аудио и аудиовизуелните медиумски услуги не смеат да содржат програми со кои се загрозува националната безбедност, се поттикнува насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, се повикува на воена агресија или на оружен конфликт, се поттикнува или шири дискриминација, нетрпеливост или омраза врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус, или која било друга основа“.
Во согласност со Препораката Бр. R(97) 20 на Комитетот на министри до земјите – членки во врска со говорот на омраза „националното право и практика треба да прават јасна разлика меѓу одговорноста на авторот на изјавата со говор на омраза од една страна, и одговорноста на медиумите и медиумските професионалци за придонесот во нејзината дистрибуција, како дел од нивната функција да изнесуваат информации и идеи за прашања од јавен интерес, од друга страна“.
Секое ограничување на слободата на изразување, нагласи Петреска – Камењарова, треба да биде резултат на мониторинг кој „треба да го следи начинот на кој Европскиот суд за човекови права проценува дали има или нема потреба од ограничување на слободата на изразување во секој поединечен случај, односно дали ограничувањето на слободата на изразување е: пропишано со закон, има легитимна цел и е неопходно во демократско општество“.
„Потребно е да се отвори дебата и со филмските продуценти кои продуцираат ТВ-серии, каде што се забележуваат стереотипизирачки улоги на мажите и жените. Таму се среќаваат стереотипи и во однос на другите ранливи групи. Ни недостига дебата со сите актери, сите фактори, кои влијаат во процесот на социјализација“, истакна Снежана Трпевска, претседателка на Институтот РЕСИС.
„Голема улога во сузбивањето на говорот на омраза имаме и ние, како саморегулаторно тело, укажувајќи им на медиумите да внимаваат каква содржина пласираат на профилите на Фејсбук и потоа да бидат одговорни за администрирање на коментарите“, нагласи Теофил Блажевски, член на Комисијата за жалби при СЕММ. Она што може да има влијание, според него, се санкциите за носителите на говор на омраза на социјалните мрежи. Клучна улога во тоа има Обвинителството како прва алка, а потоа и Судот, рече Блажевски.