Жалба нема да може да се поднесе за конкретен новинар, туку само за целиот медиум, и тоа за сите телевизии, радија, весници и интернет-медиуми.
– Да се обидеме да ги заштитиме граѓаните и јавноста од непрофесионалните новинари и медиуми, да им помогнеме на сопствениците на медиумите да го избегнат ризикот да плаќаат баснословни казни поради нивниот непрофесионален уреднички и новинарски кадар и да си помогнеме себеси, на новинарската заедница, со јавна осуда за оние кои не водат грижа за етиката во новинарството. Знам дека во денешни услови во Македонија, ваквата цел некои ќе ја наречат донкихотовска. Но, тоа не ни дава за право да не се обидеме да направиме чекор во насока да ги одвоиме професионалците од непрофесионалците – рече новинарот Мирче Адамчевски.
Комисијата за жалби е составена од седум членови, од кои двајца се од редот на новинарите, двајца од сопствениците на медиумите и тројца претставници од јавноста. Од редот на новинарите се Мирче Адамчевски и Беким Ајдини, од граѓанскиот сектор се Теофил Блажевски и Сефер Тахири, од сопствениците Мери Јордановска, а членови се и новинарите Филип Ѓурчиновски и уредничката на „Канал 5“, Лидија Богатинова.
На мејлот info@semm.mk сите граѓани, новинари, организации, компании и други субјекти ќе може да испратат жалба за некој медиумски производ за кој сметаат дека е создаден спротивно на новинарските стандарди, дека е неетички и непрофесионален.
Комисијата потоа ќе ги разгледува сите пристигнати жалби поврзани со кршење на професионалните и етичките стандарди. Анонимни жалби нема да се разгледуваат. Потоа, овие жалби ќе одат на филтрирање во извршната канцеларија која ќе види дали таа е во надлежност на комисијата. Оваа канцеларија, ќе може да прави помирување на страните во спорот, како и да побара медиумот да го искористи своето право на одговор на подносителот на жалбата, односно да ги образложи своите мотиви и аргументи зошто го објавил прилогот или текстот.
Прекршителот ќе треба да ја објави одлуката на место определено од Советот за етика. Објавувањето е бесплатно во сите медиуми членки на Советот. Комисијата за жалби ќе разгледува и жалби против медиуми кои не се членови на Советот. Сите одлуки и мислења ќе бидат објавувани на веб-страницата на Советот.