Во изминатиот период се преземени извесни напори кои што резултираа со подобрување на амбиентот во кој работат новинарите и медиумските работници, што, пак, го подобри имиџот на државата во меѓународните извештаи за слобода на медиумите во светот. За илустрација, нашата земја е рангирана на 95-то место според последниот светски Индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“, скокајќи 14 места во однос на претходниот извештај за 2018 година.
Сепак, потсетуваме дека клучните системски промени во медиумскиот сектор сè уште не се завршени, меѓу кои се реформите во јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор. Освен тоа, комерцијалните медиуми и понатаму се соочуваат со силни предизвици поради малиот и ограничен медиумски и маркетиншки пазар, што, пак, влијае врз квалитетот на медиумските содржини. Во исто време, апелираме до власта и институциите на системот секое решение во однос на подобрување на состојбите во новинарството и медиумските содржини да биде во координација и усогласено со професионалната медиумска и новинарска заедница во државата.
Во првата половина од 2019 година бележиме повеќе инциденти во кои што се повредени правата на новинарите, снимателите и останатите медиумски работници, на што ние, како организации кои ги штитат интересите на новинарите, постојано укажуваме. Го повикуваме Основното јавно обвинителство и судовите да ги обработат и доведат до завршница случаите на повреда на правата на новинарите, како и случаите на говор на омраза, со цел да се надмине долгогодишната пракса на неказнивост, спречувајќи ја на тој начин неправдата кон новинарската и медиумската заедница.
Потсетуваме и на потребата од преземање итни мерки во однос на работничките права на новинарите и медиумските работници, имајќи предвид дека половина од нив се без договор за вработување на неопределено време, а особено во сферата на онлајн медиумите. Во таа насока, од институциите на системот очекуваме санкционирање на постојаните прекршување на Законот за работни односи и обезбедување атмосфера која ќе поттикнува социјален дијалог и решавање на прашањето на работните услови.
Четирите организации и во иднина ќе се залагаат за силно промовирање на медиумската саморегулација како механизам за унапредување на професионализмот, етиката и независноста во медиумите, спречување на влијанието на различни центри на моќ и исполнување на правото на јавноста за квалитетно и независно информирање.
Во пресрет на вториот круг на претседателските избори во државата, четирите организации ги потсетуваат медиумите на нивните обврски да известуваат професионално и во согласност со Повелбата на СЕММ за етичко известување на медиумите, чии принципи се следниве:
-вистинитост и објективност
-избалансираност
-јасна дистинкција меѓу информациите и коментарите
-чесност и независност
-професионална солидарност меѓу медиумите
-уредувачка независност и професионален интегритет
-почит и толерантност
-слобода и одговорност.
Продолжуваме и понатаму со интензивната соработка со нашите значајни меѓународни партнери Европската федерација на новинарите (EFJ) и Меѓународната федерација на новинарите (IFJ). Заедно застануваме во поддршка на овогодинешната кампања на Меѓународната федерација на новинари (IFJ) „Улогата на медиумите во изборите и демократијата“, која се залага на медиумите да им се овозможи пристап до слободни и разновидни информации, независни од влијанијата на центрите на политичка и економска моќ.
Совет за етика во медиумите на Македонија (СЕММ)
Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ)
Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)
Македонски институт за медиуми (МИМ)