Прекршувања и претставки за време на Локалните избори 2025

За време на кампањата и непосредно по Локалните избори 2025 година, Координативното тело за следење на почитувањето на Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на избори и рефенедуми, каде што СЕММ е учесник, ја потврди својата улога на механизам за брза реакција во случај на неетичко однесување на интернет – каде што најчесто се шири говор на омраза и манипулативна комуникација.

До Координативното тело, во периодот од официјалното распишување на Локалните избори, на 9 август 2025, до заокружувањето на вториот круг гласање, на 2 ноември 2025, беа поднесени осум претставки, главно од кандидати за јавни функции во локалната управа, политички коалиции и новинари, што се однесуваат на медиумски содржини, објави на социјалните мрежи и јавни настапи на кандидати.

Жалителите реагираа на случаи каде што, според нив, се прекршени начелата за фер изборна комуникација, точност на информациите и почитување на приватноста и достоинството на политичките ривали.
По својата природа, примените претставките може да се групираат во неколку категории:

✅Дезинформации и неточни објави во онлајн медиуми:
-Во три претставки, поднесени од Коалицијата ВЛЕН (против порталите Tetovasot.mk, Triling.mk и Fokus.mk) жалителот наведува дека медиумите „наместо проверени и непристрасни информации“ имаат објавено „неточни, непроверени и сензационалистички содржини, шират политичка пропаганда и дезинформации и го нарушуваат правото на Движењето ВЛЕН на еднаков и фер медиумски третман во предизборниот период, директно влијаејќи на јавното мислење.“

Во сите три случаи, Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), каде што според одредбите од Кодексот претставката беше препратена за мислење, е констатирано прекршување на член 1 и член 13 од Кодексот на новинарите на Македонија (Кодекс на новинарите на Mакедонија – СЕММ), во кои од новинарот се бара да објавува точни и проверени информации, да ги вклучи сите засегнати страни и да прави разлика меѓу вест и коментар (меѓу фактите и мислењето).

558084642 122113717539001593 7112535638254616244 n

Координативното тело, врз основа на мислењето од СЕММ, во објавените заклучоци за сите три жалби, укажа дека ваквите прекршувања на стандардите за етичко и професионално медиумско известување можат да влијаат врз расположението за време на изборите и да ја нарушат довербата во медиумите, особено кога нема јасно наведени извори за објавените содржини и непристрасен пристап кон сите засегнати страни.

✅Недолична и навредлива комуникација на социјалните мрежи:
-Две претставки доставени до Координативното тело (против кандидатот за советник во Општина Битола Иван Чулакоски од независната листа – Поинаку, како и против кандидатот за градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски од ВМРО ДПМНЕ) се однесуваат на јазикот и воопшто на комуникацијата на политичките претставници со своите ривали, со медиумите или со граѓаните. Попрецизно, жалителите во овие две претставки наведуваат дека кандидатите за функции во локалната управа се служат со „вулгарен, дискриминирачки и навредлив говор“ во јавната комуникација.

Во двата случаи, Телото утврди прекршување на член 5 од Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на избори и рефенедуми Кодекс за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми – Изборен Кодекс, каде што една од одредбите повикува на користење примерен и учтив јазик.

Во однос на жалбата против Орце Ѓорѓиевски, која се однесуваше на неговиот настап во ТВ дебата и обраќање кон неговиот политички опонент во вториот круг од гласањето, Координативното тело посочи дека тој пречекори неколку одредби од Кодексот, наведени во членот 5, кои се однесуваат на политичките претставници:

– Ќе се воздржуваат од злоупотреба на моќта на социјалните мрежи и од намерно креирање, објавување и ширење информации со цел промовирање на неточни, нецелосни или злонамерни информации и спинови;
– Ќе настојуваат да користат аргументи и факти во јавните дебати и дискусии, примерен и учтив јазик во комуникацијата со јавноста, и ќе ги почитуваат различните ставови и мислења;
– Ќе се воздржат од водење негативна кампања против своите опоненти;
– Ќе се воздржуваат од и строго ќе го осудуваат користењето говор кој поттикнува насилство, религиска или меѓуетничка нетолеранција или дискриминација врз која било основа.

✅Нееднаков пристап до медиумскиот простор:
-Кандидатката за градоначалничка на Кочани Жаклина Филипова–Свеќаровска, поднесе претставка до Координативното тело поради тоа што локалното Радио Кочани, каако што наведува „на 03.10.2025 има закажано дебата на која што има повикано само двајца од шесте кандидати за градоначалник на Кочани“.Претставката беше упатена до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како членка на Координативното тело надлежна за постапување во однос на радиодифузерите, која со допис го потсети медиумот дека, согласно Изборниот законик, има обврска во време на изборна кампања да им овозможи на сите учесници еднакви услови за претставување.

✅Злоупотреба на службени страници за изборна промоција:
-За претставката против градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски – Џими, и кандидат за нов мандат, во која се наведува дека тој во објава на социјалните мрежи „навредува, шири говор на омраза и шпекулации“ против лице од градот, Координативното тело утврди дека таков говор не е идентификуван. Но, притоа забележа дека градоначалникот Атанасовски ја користи официјалната страница на Општина Македонска Каменица за промоција на неговите активности во изборната трка, поврзувајќи го личниот профил на Фејсбук, означен со партиски симболи и број на гласачкото ливче, со општинскиот профил, што е спротивно на духот на Кодексот и принципите за транспарентност.

Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на избори и рефенедуми, усвоен во 2023 година, е нов механизам што треба да служи како насока за добро однесување, да обезбеди интегритет на информациите и транспарентност на политичкото рекламирање и неговото финансирање, приватност и безбедност на личните податоци и спречување дезинформации, говор на омраза и дискриминација во онлајн простоорт.

Врз основа на неговите одредби, жалителите, кои сѐ уште се во мал број, повикувајќи се на Кодексот побараа интервенција од Координативното тело поради чувство на неправеден третман во медиумскиот простор или поради оценка дека во медиумите се претставени со неточни и непроверени содржини, или пак се дискриминирани – што може да влијае врз јавното мислење и може да го поткопа интегритетот на изборниот процес.

Претставките за медиумски содржини се однесуваа главно на онлајн порталите, едно радио и една телевизија чија дебата беше достапна на социјалните мрежи – што сугерира дека дигиталните медиуми и социјалните мрежи се главното поле за изборна кампања.

Констатацијата дека најчестите прекршувања се однесуваат на неточност и сензационализам во онлајн медиумите, како и на непримерна комуникација на социјалните мрежи, ја потврдува потребата од континуирана едукација за подобрување на медиумската писменост на политичките актери, новинарите и јавноста во Северна Македонија.

Scroll to Top