На ваквите примери Советот реагира веќе подолго време, но во последниве неколку дена тие се зачестени до загрижувачки нивоа.
Особено загрижувачки е начинот на информирање на медиумите во кои што се забележуваат новинарски извештаи со еднострано информирање и информации што ги подгреваат стравувањата за можни немири во општеството, содржејќи повици за мобилизација на граѓаните во служба на одбрана на интересите на определени политички партии.
Потсетуваме дека медиумите не смеат да бидат злоупотребени за пренесување повици за обединување поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството, а особено на член 10 од Кодексот кој вели дека „новинарот нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа“. Медиумите мора да го почитуваат Етичкиот кодекс, бидејќи во спротивно последиците од непридржувањето кон неговите одредби би можеле да бидат фатални.
Медиумите имаат особено важна улога во заштитата на граѓаните од појавата на нетолеранција и недоверба и нивна изложеност на ризик од насилство.
Истовремено, повикуваме на реакција и од другите институции, вклучувајќи ја Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Јавното обвинителство во осудата на ваквиот хушкачки и потпалувачки говор, како и во преземање на неопходните мерки во согласност со законската рамка.
СЕММ продолжува да го набљудува начинот на информирање на медиумите, како на оние кои се дел од членството, така и на оние кои се’ уште не се негови членки и ќе повикуваме на доследно почитување на Кодексот на новинарите како предуслов за припадност на ова наше, заедничко, професионално тело за саморегулација во медиумите.