Потсетуваме на првиот член од Кодексот на новинарите што наложува информациите да бидат точни и проверени.
Со оглед на тоа што се работи за исклучително чувствителни вести, поврзани со здравјето и со животот на граѓаните, одговорноста во информирањето би требало да биде максимална, а пристапот професионален и ослободен од сензационализам или битка за ексклузивитет.
СЕММ истовремено апелира до надлежните да престанат со неофицијални брифинзи што апсолутно не помагаат во креирањето на здрав и одговорен јавен дискурс.
Ситуацијата во којашто се наоѓаме бара сериозен однос кон процесот на информирање на населението од страна на сите актери задолжени за комуникација, без импровизации и без шпекулации, а со консултација и цитирање на строго официјални извори во однос на бројката на заразени и починати.
СЕММ ја повикува јавноста, колегите и претставниците на граѓанскиот сектор и на институциите, да реагираат со поднесување на жалба до нашата Канцеларија секогаш кога ќе наидат на новинарски производ што сметаат дека е надвор од професионалните стандарди.