Средбата, на која присуствуваа двасетина учесници, меѓу кои уредници, сопственици на медиуми и директори на информативни редакции, беше можност да се дискутира за идниот развој на Советот за етика, а особено за потребата од поддршка на саморегулацијата во медиумите и решавање на предизвиците со кои се соочува ова саморегулаторно тело.
Искуството на Советот за етика во Норвешка го претстави Шел Нухус, кој нагласи дека Советот го носи приматот на „гласноговорник“ за слободата на изразување во оваа држава. Норвешкиот совет за етика е чадор – организација на сите медиумски организации во државата, а главниот фокус на организацијата е дејствување при забележани случаи на загрозување на слободата на говор.
Професор доктор Енес Османчевиќ, зборувајќи за значењето на саморегулацијата во Босна и Херцеговина, потенцира дека главната цел на тамошното тело за саморегулација, кое постои веќе 16 години, е да се заштитат медиумите од влијанието на политиката и да се заштити јавноста од непрофесионализмот. Еден од најчесто забележаните проблеми е злоупотребата на Интернетот, најчесто за таканаречени идеолошки војни. Во голем дел од нивната работа, тие се соочуваат и со справување со говор на омраза. „Говорот на омраза во БиХ се поместува од омразата врз национална и верка основа кон ширењето омраза кон политички неистомисленици и ЛГБТ заедницата“, рече професор Османчевиќ.
Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби, ја нагласи потребата од измени во Кодексот на новинарите, во согласност со актуелните трендови и случувања и повика на поддршка од медиумите во објавувањето на одлуките на Комисијата.
За начините на функционирање на саморегулацијата во самите редакции зборуваше Александар Дамовски, главен и одговорен уредник на порталот Мкд.мк. Тој нагласи дека порталите честопати се злоупотребени од политичарите и „во целиот процес на делба на медиумите, тие неретко се оставени самите на себе“.