На настанот учествуваа претставници на електронски, печатени и онлајн медиуми, граѓански организации од медиумската сфера, регулаторни тела, државни институции и меѓународни организации.
Во своето излагање, претседателот на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите, Мирче Адамчевски се фокусираше на медиумската саморегулација и на нејзините перспективи во иднина, низ призма на досегашното работењето на Советот. „Од досега над 50-тина жалби, речиси една третина се однесуваат на загрозени човекови права, говор на омраза, поттикнување на насилство и дискриминација по разни основи. Има жалби за објавување на непроверени информации, без консултирање на два или повеќе извори, за непочитување на приватноста, се мешаат фактите и мислењата, веста и коментарот“ – истакна Адамчевски.
Сефер Тахири, членот на Комисијата за жалби, се осврна на најкарактеристичните нарушувања на професионалните стандарди во медиуми, и на неизбалансираното новинарското известување. „Во многу медиуми воопшто не се води сметка на тоа дека во својата работа новинарите треба да настојуваат да одржат баланс помеѓу чесна конкурентност и професионална солидарност. Односно дека ниту новинарите, ниту уредниците не би смееле да си дозволат да се пресметуваат со свои колеги преку сопствените медиуми“ – вели Тахири.
Енес Османчевиќ, претставник на Советот за печат и Интернет медиуми во Босна и Херцеговина, во своето обраќање ги истакна клучните предизвиците во одбраната на професионалното и етичко новинарство на Интернет и на улогата на саморегулаторните механизми. Тој смета дека говорот на омраза е најголем проблем во онлајн медиумите во БиХ, но и во регионот. Според него, за разлика од 90-те години кога промотори на говорот на омраза биле политичарите и верските великодостојници, денес, тоа се корисниците на Интернет, а меѓу нив неретко може да се забележат познати естрадни уметници, спортисти, актери итн.
Во продолжение на конференцијата, се дискутираа досегашните искуства и наоди од следењето на медиумското покривање за време на избори, како и влијанието на огласувачите врз содржините во медиумите во текот на изборниот процес. Во овој дел, Мартин Хакерби, долгогодишен новинар и уредник во водечки британски медиуми, ги потенцираше клучните должности на медиумите за време на избори. „Ако изборите им припаѓаат на граѓаните тогаш медиумите треба да вложат дополнителен напор во насока на застапување и претставување на интересите на гласачите. Тоа може да го направат на повеќе начини, преку анкети, дебатни емисии, или, пак, преку различните интернет форми да ги афирмираат потребите и мислењата на граѓаните“ – истакна Хакерби.
Конференцијата „Новинарска етика и медиумски вредности во специфични околности и за време на избори” е последна активност од регионалниот проект „ Отчетноста на медиумите во Југоисточна Европа“, кој е имплементиран од УНЕСКО и од Македонскиот институт за медиуми како регионален партнер, а со финансиска поддршка од Европската Унија.
(Текстот е преземен од www.mim.org.mk)