Улогата на медиумите во услови на тензии е да ги смират страстите, да повикаат на одржување на јавниот ред и мир, како и изворно да ги пренесуваат информациите без шпекулации и селективен приказ на случувањата.
Ги потсетуваме медиумите на должноста за следење на јавниот интерес во информирањето и непристрасно пренесување на информациите од случувањата, со нивна внимателна проверка. Во исто време ги повикуваме медиумите да не ја злоупотребуваат етничката припадност на граѓаните и да бидат исклучително внимателни во пренесувањето изјави што содржат говор на омраза и потпалувачки речник што може да ја вознемири јавноста и да доведе до нови инциденти.
Нецелосната проверка на информациите и шпекулациите, освен што е драстично прекршување на професионалните стандарди, може да доведе и до значителна штета врз јавноста и објективното разбирање на проблемите и случувањата.