Енес Османчевиќ: Промоцијата на професионалните и етичките стандарди меѓу новинарите и уредниците е клучно за одбрана на професијата на Интернет

 

СЕММ: Како накратко би ја опишале ситуацијата со почитувањето на професионалните и етичките стандарди во онлајн медиумите, во споредба со ситуацијата во традиционалните медиуми?

Енес Османчевиќ: Професионалните и етичките стандарди се кршат и во традиционалните и во Интернет медиумите. Но, за волја на вистината, тоа повеќе е случај кај Интернет медиумите, и за тоа постојат неколку причини. Интернет медиумите делуваат во сајбер-простор кој се карактеризира со поголем степен на комуникациска слобода и неуредување на содржините. Во зависност од националните законодавства, онлајн медиумите, главно, не подлежат на строга регулација. На пример, во Босна и Херцеговина за да се создаде онлајн медиум не е потребна никаква дозвола, па дури не постои ниту обврска за упис во судски регистар. Ваквата ситуација со онлјан медиумите Николас Негропонте ја објаснува со тврдењето дека секој поединец на глобалната Интернет мрежа е потенцијална ТВ станица која нема дозвола за емитување. За разлика од онлајн медиумите, кои на нашиве простори главно се составени од мали групи поединци кои немаат обврска да се едуцираат во областа на новинарството, традиционалните медиуми имаат поцврсто изразена структура, организација и поголем број на вработени со соодветно образование. Но, како што традиционалните медиуми се должни да ги почитуваат законите и новинарските кодекси, тоа се должни да го прават и онлајн медиумите. Во БиХ постои единствен кодекс за печатени и онлајн медиуми, за чиешто почитување се грижи Со ветот за печат, преку механизмите за саморегулација. Додека, пак, телевизиите и радијата се опфатени со регулаторните механизми што ги спроведува Регулаторната агенција за комуникации.

СЕММ: Имајќи ја предвид слободата и неограничените можности што ги овозможува Интернет просторот, во која мера сметате дека онлајн медиумите ја злоупотребуваат таа слобода практикувајќи непрофесионално новинарство?

Енес Османчевиќ: Премногу злоупотреби се присутни во комуникацискиот простор на Интернет. Најчесто, тоа е последица на анонимната комуникација која овозможува користење на повеќе идентитети, од кои ниту еден не мора да биде вистински. Тие злоупотреби најмногу се манифестираат преку крадење на идентитети, интелектуална сопственост, плагијаторство, говор на омраза и поттикнување на насилство. Покрај непрофесионалното новинарство, на Интернет ги имаме и коментарите од корисниците, дискусиите на разни форуми и блогови кои се карактеризираат со неуредувачки пристап во однос на објавените содржини. Во тек се бројни дебати за иднината на Интернетот, регулацијата на интелектуалната сопственост и идентификацијата во комуникацијата, со цел да се намалат можностите за злоупотреби. Но, дури и овие дебати честопати се злоупотребуваат, па останува да видиме како сето тоа ќе се заврши.

СЕММ: Во трката по кликови и реклами, кои аспекти на кршење на етичките и професионалните стандарди во Интернет сферата се најзагрижувачки?

Енес Османчевиќ: Најзагрижувачки се лажните и невистинити содржини кои секојдневно се пласираат на голем број онлајн медиуми. Тоа е, всушност, сензационализам кој се пласира со единствена цел да се придобијат голем број кликови. Освен тоа, тука имаме сериозно кршење на основните постулати на новинарството, според кои комерцијалните и информативните содржини мора да бидат одвоени. Но и покрај тоа, секојдневно сме сведоци како комерцијалните содржини, односно – реклами, промоции и економска пропаганда се прикажуваат како информативни. Дополнително, загрижува и константниот потпалувачки јазик што им се сервира на Интернет корисниците како некој вид на спектакл и арена за вербална војна. Тоа многу често се претвора во говор на омраза и поттикнување на насилство, што во повеќето национални законодавства е кривично дело, кое се санкционира со затворска казна.

СЕММ: Во која мера регулаторните и саморегулаторните механизми успеваат да се спротивстават на повредата на професионалните и етички стандарди во онлајн медиумите?

Енес Османчевиќ: Механизмите за регулација ги дефинира државата, а во нејзино име ги спроведува агенција која би требало да биде независна. Регулацијата подразбира санкции – парични казни, па дури и одземање на лиценца за емитување. Саморегулацијата се заснова на доброволно прифаќање на етичките кодекси, за чие спроведување е задолжен Советот за печат и онлајн медиуми, како што е случај во Босна и Херцеговина. Дополнително, саморегулацијата не располага со механизми за санкционирање. Нејзината улога е да ги штити медиумите од политички влијанија, а публиката да ја заштити од лошо новинарство. Во последните години, Советот за печат во БиХ годишно добива повеќе од 1.000 претставки од граѓани во врска со објавени содржини во печатените и онлајн медиуми. Тоа упатува на фактот дека публиката е сè повеќе сензибилизирана во однос на кршењето на етичките стандарди, но и во однос на кредибилитетот на Советот за печат. Исто така, повеќето претставки од граѓаните се решаваат со медијација, преку објавување на исправка. Промоцијата на професионалните и етичките стандарди и нивното доследно спроведување е континуирана задача, која од една страна претставува заложба за професионализација на медиумите и унапредување на новинарските стандарди, а од друга страна ја едуцира публиката и корисниците и ја унапредува медиумската писменост и култура.

СЕММ: Како член на Советот за печат, какво е вашето досегашно искуство со случаите на кршење на професионалните и етичките стандарди во онлајн медиумите?

Енес Османчевиќ: Во Босна и Херцеговина, во периодот пред Советот за печат да ја преземе обврската за саморегулација во сферата на онлајн медиумите, имаше многу случаи на кршење на професионалните и етичките стандарди на веб-порталите. Некои од тие случаи беа пријавувани, но повеќето не беа. Откако Советот за печат започна со саморегулација и на онлајн медиумите, повеќето портали ги прифатија етичките кодекси и се согласија на саморегулација. Оттогаш, многу труд и енергија се вложи за промоција на етичките стандарди меѓу уредниците и новинарите во онлајн медиумите во БиХ, но и за едукација на корисниците, пред сè, од аспект на нивното право на жалба и исправка на неточните објави во онлајн медиумите. Тоа, од една страна, резултираше со зголемена сензибилизираност на корисниците на онлајн медиуми да препознаат кршење на новинарскиот кодекс во печатените и Интернет медиуми, но, исто така, придонесе и за зголемување на бројот на претставки. Од друга страна, имавме поголема подготвеност од уредништвата на онлајн медиумите да прифатат медијација, да објават исправка или да коригираат содржини кои се неточни или содржини кои по кој било основ преставуваат кршење на Кодексот. Целта на тие активности е да имаме сè помалку драстично кршење на Кодексот, односно сè помалку недоразбирања помеѓу оние кои ги продуцираат и оние кои ги консумираат содржините на онлајн медиумите.

СЕММ: Според вас, како ситуацијата може дополнително да се подобри во блиска иднина и кој би бил најадекватниот пристап во тој правец?

Енес Османчевиќ: Мислам дека промоцијата на етичките стандарди меѓу новинарите и уредниците е најдобриот пристап. Тоа е постојана „жива“ тема за новинарската професија и нејзината важност и актуелност никогаш нема да престане. Од друга страна, треба да се работи и со корисниците на онлајн медиуми, со цел да се унапреди нивното дигитално и медиумско образование. Тука, освен Советот за печат, важна улога имаат универзитетите и факултетите кои ги образуваат новинарите, веб-дизајнерите, менаџерите, наставниците, професорите, политичарите, дипломатите, правниците и сите останати чинители во општеството.

Scroll to Top