Повод за ваквата реакција на Советот за етика во медиумите се бројните жалби кои во последно време пристигнуваат до Советот, меѓу кои и денешниот допис од Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија во врска со изјавата на Неделковски дадена на маргините на настанот на „Граѓанско движење за Македонија“ на 26 февруари, во Кавадарци.
Во реакцијата на ОБСЕ, со изјавата на Неделковски според која голем број лица, повеќето новинари и политичари, треба „да се закопаат длабоко и врз нив да се стави една дебела, силна, армирана, бетонска плоча за веќе да немаат никакво влијание врз ова што се случува“, како и други негови забелешки, тој ја надмина црвената линија во говорот на омразата, што е дејство што не смее да се толерира.
Повикувајќи го Советот за етика во медиумите на Македонија да ги разгледа последиците од таквите изјави, Мисијата на ОБСЕ констатира дека во слободата на говорот и размената на различни мислења постојат граници кога се загрозени правото на живот и физичкиот интегритет на други лица. Освен тоа, според ОБСЕ, ова e штетно врз моралната едукација на идните генерации во државата.
„Забелешките на Неделковски се продолжение на негативната пракса на говор на омраза, како дел од неговите редовни искажувања. Мисијата на ОБСЕ во Скопје е вклучена во проекти против говорот на омразата. Доколку во медиумите се дозволува ширење на таков говор се компромитираат и се потценуваат нашите заложби“, се вели во реакцијата од Мисијата на ОБСЕ. Според тоа, Мисијата на ОБСЕ во Скопје „одбива каков било контакт со Неделковски и со сите медиуми што му обезбедуваат платформа за да ги искаже таквите ужасни пораки“.
Советот за етика во медиумите на Македонија внимателно ги разгледува појавите на прекршување на етичките принципи во новинарството и во најбрзо време ќе го соопшти својот одговор на таквите случувања. Советот ќе продолжи силно да се спротивставува на деградирањето на новинарската професија и нејзина злоупотреба за пренесување говор на омраза и ќе ги осудува сите случаи на негово присуство во медиумите, апелирајќи да се спречи понатамошно ширење во јавниот простор и дискурс.