Од крајот на септември годинава, граѓаните до оваа организација може да испраќаат жалби за непрофесионално информирање во електронските, пишаните и онлајн-медиумите.
Поплаките за нарушување на професионалните и етички стандарди ќе ги разгледува Комисија за жалби составена од новинари, претставници на сопствениците на медиумите и од граѓанскиот сектор.
Претседателот на Комисијата, Мирче Адамчевски, на прес-конференцијата кажа дека моментот на формирање на ова тело е мошне важен за медиумската сфера во Македонија.
– Имаме шанса да ги заштитиме граѓаните и јавноста од непрофесионалните новинари и медиуми, да им помогнеме на сопствениците на медиумите да го избегнат ризикот да плаќаат високи казни и да си помогнеме себеси со јавна осуда на оние што не водат грижа за етиката во новинарството. Знам дека во денешни услови во Македонија ваквата цел некој ќе ја нарече донкихотовска, но тоа не ни дава за право да не се обидеме да направиме чекор во насока да ги одвоиме професионалците од непрофесионалците. Знам дека кај нас во моментов нема амбиент за ваков чекор, но што ако се седи со скрстени раце – вели Адамчевски.
Според него, седењето со скрстени раце им одговара на оние што го создаваат тој амбиент.
– Затоа веќе еднаш треба да се почне – смета тој, објаснувајќи дека Комисијата нема да разгледува анонимни жалби. Жалба може да поднесе секој граѓанин, правно лице или други претставници на јавноста, вклучително и новинарите.
Како што истакна Адамчевски, жалбите ќе се поднесуваат против одреден медиум, а не против поединечни новинари, и тоа најдоцна до еден месец откако е објавена информацијата. Комисијата ќе има рок од еден месец за да се изјасни за жалбата.
Одлуката на Комисијата за жалби се испраќа до медиумот, кој треба да ја објави. Важно е што Комисијата за жалби ќе разгледува и жалби што се однесуваат на медиуми кои не се членови на Советот за етика.
– Многу е значајно Комисијата да работи непристрасно, за што максимално сите ќе се залагаме. Не помалку важно е Комисијата да создаде углед во јавноста како професионално тело на кое јавноста ќе му верува – вели Адамчевски.
Како што истакна претседателката на Управниот одбор на Советот за етика, Катерина Синадиновска, членовите на Советот се свесни за сите тешкотии што ќе се појават.
– Токму затоа ова тело е подготвувано девет месеци, работено е на сите аспекти и мошне внимателно се пристапи на формирање на Комисијата, Управниот одбор и Надзорниот одбор. Во Комисијата се селектирани професионалци, луѓе кои уживаат кредибилитет во својата фела и оттука време е вниманието да го свртиме кон граѓаните. Главниот предизвик е да се задоволи правото на секој граѓанин да биде информиран. Не е проблем само тоа што новинарите се соочуваат со тешкотии во својата работа, туку и тоа што граѓаните имаат недостиг на квалитетна и вистинска информација. Токму затоа ги повикуваме сите граѓани да станат свесни дека ова тело е тука да ги штити нивните права и на тој начин да се подигнат сите стандарди во нашата работа – истакна Синадиновска.
Теофил Блажевски, член на Комисијата за жалби, подвлече дека принципот на работа на ова тело е саморегулација.
– Колку повеќе ќе има саморегулација, толку помалку ќе има регулација од страна на државата или од некој друг – рече Блажевски.
Од Советот за етика оценуваат дека преку работата на оваа организација ќе се намали бројот на тужби против новинари.
– Меѓународните практики покажуваат дека има намалување на бројот на тужби по стартот на работата на Советот за етика – истакна Беким Ајдини, член на Комисијата за жалби.