Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“.
За потребите на ТВ емисијата со наслов „Кревките шуми“ наградените автори Александар Методијев и Сузана Мицева ги следат трагите на големи количини илегално исечени дрва, водени низ планинските превои на Јабланица од локални еко-активисти кои алармираат дека во „организиран бизнис“ неповратно страда природата во нивната околина, без интервенција од институциите што ќе ја запре илегалната сеча.
Втората награда ја доби новинарката Викторија Димитрова Јованова, дописничка на МИА, за текстот со наслов „Штипските пожарникари имаат над 70 интервенции по завршување на жетвата“. Текстот зборува за праксата на локалните земјоделци да ги палат стрништата по жетвата и покрај уверувањето од земјоделските експерти дека тоа не е гаранција за поквалитетна почва, како што обично се верува, и претставува ризик за палење на околните шуми. Штипските пожарникари само во една сезона биле принудени 70 пати да ја покренуваат целата своја опрема за да интервенираат, справувајќи се со последиците од палењето стрништа, што најчесто завршува со голема штета врз околината во голем радиус.
Од вкупно пристигнатите 20 новинарски стории, од 13 автори, жирито во состав Билјана Георгиевска – извршна директорка на СЕММ, Кирил Сотировски – професор и декан на Факултетот за шумарски науки во Скопје и Васко Маглешов – новинар, одлучи да пофали уште тројца новинари за посветено следење на теми од екологијата: Вања Мицевска – ММС, Мартин Пушевски – МРТ и Светлана Дарудова – МИА.
Темата на повикот на СЕММ за новинарски награди „Факти и дезинформации за човековата околина“ се совпаѓа со годинешното мото на Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 Мај, со наслов „Медиумите за планетата – Новинарството соочено со еколошка криза.
Одбирајќи ја оваа специфична тема, СЕММ се обидува да поттикне поголема посветеност на медиумите и новинарите на проблемите што произлегуваат од глобалната климатска криза но и од локалното запоставување на човековата околина. Советот за етика во медиумите сака да охрабри што поквалитетни, етички и одговорни новинарски приказни што ќе покренат акција, кај населението и властите за решавање на проблемите кои се одразуваат не само на здравјето на природата туку и на здравјето на луѓето.
Наградите беа доделени во Европската куќа, во Скопје, со учество на амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир, регионалниот координатор на УНЕСКО, Џошуа Масаренти како и гости новинари и активисти од повеќе невладини организации.
Новинарските награди на СЕММ се реализираат како дел од проектот поддржан од УНЕСКО и од Европската Унија – „Градење доверба во медиумите на Југоисточна Европа: Поддршка на новинарството како општо добро“.