Регионална кампања “Вистината е важна” за опасностите што ги носат дезинформациите и говорот на омраза

Вистината има клучна улога за заштита на демократијата и на општествениот интегритет, а регионалната кампања “Вистината е важна” e од витално значење за информирање на граѓаните на Југоисточна Европа и Турција за опасностите што ги носат дезинформациите и говорот на омраза, како онлајн така и офлајн.

Регионалната кампања, што ја реализира Советот за Етика во медиумите во Македонија заедно со шест регионални совети за новинарство (медиуми ), ја промовинарме денес – на 3ти Мај, по повод Светскиот ден на слобода на медиумите, како дел од проектот “Градење доверба во медиумите во Југоисточна Европа”: Поддршка на новинарството како јавно добро”. Овој проект ги опфаќа земјите од Западниот Балкан  и Турција,  со поддршка од ЕУ и УНЕСКО, со цел да ја охрабри слободата на изразување во регионот.

Во рамки на кампањата изработени се две видеа чија цел е информирање на граѓаните за можностите за делување доколку се жртви на говор на омраза или дезинформација, самите или некој друг. Видео пораките ја промовираат важноста на професионалното и етичко новинарство за секое демократско друштво, а особено за заедниците соочени со масовна злоупотреба на медиумите. Во тој контекст посебно е акцентирана улогата на медиумската саморегулација и работата на Советот за етика во медиумите во борбата против дезинформациите и говорот на омраза.

Податоците што укажуваат на фактот дека лажните вести шест пати побрзо стигаат до граѓаните отколку вистинските/реалните вести, а истовремено 73% од нив повеќе им веруваат гласините отколку на официјалните информации – се алармантни и бараат итна акција.

Поради тоа посебен акцент во нашата кампања е ставен на “борците за вистината” – новинарите кои доследно ги следат принципите на етичкиот кодекс, тежнеејќи кон интегритет, професионализам и одговорност во новинарството.

Ги повикуваме граѓаните да бидат активни во борбата против дезинформирањето и говорот на омраза, да се обратат до Советот за етика во медиумите во Македонија доколку сметаат или препознаат дека самите тие, или некој друг, е жртва на неетичко известување во медиумите. Пријавите можат да ги упатат на следната маил адреса: info@semm.mk.

Scroll to Top