Претворање на трагедиите во медиумски содржини што ќе привлечат многу читатели или „онлајн кликови“ претставува сериозно нарушување на етичките стандарди во новинарството и директно отстапување од основните принципи на професијата.
Во известувањето за судскиот процес, што е во тек, за трагедијата на мајка и дете, како последица на семејно насилство, дел од медиумите го преминаа професионалниот праг, објавувајќи и нагласувајќи детали од приватниот живот на жртвите, што не придонесуваат за информирање од јавен интерес.
Ваквиот пристап не само што не ја подобрува информираноста на јавноста, ниту пак придонесува за разбирање на стапката и последиците на семејно насилство во земјата, туку го нарушува достоинството на засегнатите лица и придонесува за нивна дополнителна виктимизација.
Потсетуваме дека, согласно член 7 од Кодексот на новинарите, новинарот е должен да ја почитува приватноста на личноста, особено во ситуации на лична болка и жалост. Членот 8, пак, од Кодексот, налага известување без сензационализам во случаи на семејни трагедии и судски постапки, со почитување на сите инволвирани лица, без сугерирање вина, односно исход на судската постапка.
Во оваа насока, Советот за етика во медиумите на Македонија и Судот на честа при Здружението на новинари на Македонија, апелираат новинарите јасно да го разграничат јавниот интерес од заинтересираноста на јавноста.
Јавниот интерес подразбира објавување информации што се од суштинско значење за целата заедница, за разбирање на функционирањето на институциите, одговорноста на системот и заштитата на човековите права.
Објавувањето интимни детали, пишувањето и објавувањето наслови што поттикнуваат сензационалистичка љубопитност, како и дозволувањето дигиталните платформи да се претвораат во простор за морални пресуди и јавен линч, пред заокружување на судскиот процес, се во директна спротивност со овие принципи и со професионалната одговорност на медиумите.
Нагласуваме дека секоја информација не е за објавување и секој детаљ не е вест. Изборот на содржината е суштинска професионална и етичка одлука.
Овој случај дополнително ја потврдува потребата од унапредување и прецизирање на етичките стандарди, вклучително и во насока на засилена заштита на жртвите, ограничување на објавувањето детали од приватниот живот без јасен јавен интерес и зголемена одговорност на медиумите за содржините што се објавуваат и модерираат на нивните дигитални платформи.
СЕММ и ЗНМ апелираат медиумите да не го нарушуваат човечкото достоинство и да се држат до основните принципи на одговорно, професионално и етичко новинарство.