Статут на Здружение Совет за етика во медиумите на Македонија ЕТИКА ПРЕС Скопје

Врз основа на член 18, член 22, член 23, член 24 од Законот за здруженија и фондации (Службен весник на РСМ бр. 52/2010, 135/2011, 55/2016) Собранието на Советот за етика во медиумите на Македонија – ЕТИКА ПРЕС Скопје, на седницата одржана на ден 28.12.2021 година, го усвои и го донесе овој пречистен текст од Статутот на Здружението со кој се уредува дејноста, организационата поставеност и функционирањето на организацијата и го депонира во Централниот регистар на Република Северна Македонија.

Статут

на Советот за етика во медиумите на Македонија – ЕТИКА ПРЕС Скопје

(ПРЕЧИСТЕН ТЕКСТ)

ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1

Советот за етика во медиумите на Македонија (во натамошниот текст Совет) своите цели, задачи и дејности ги остварува во согласност со Уставот и законите на Република Северна Македонија, врз основа на Кодексот на новинарите на Македонија, како и врз основа на сите меѓународни документи ратификувани од страна на Република Северна Македонија кои се однесуваат на слободата на медиумите, слободата на говорот и правата на човекот.

Советот е саморегулаторно тело со мисија и цели да се унапредат и заштитат професионалните стандарди и етиката во медиумите во Република Северна Македонија.

Член 2

Овој Статут е во согласност со Член 18 став 1 од Законот за здруженија и фондации и ги уредува:

  • името и седиштето, целите на Советот,
  • целите на Советот,
  • дејностите со кои се остваруваат целите,
  • начинот на одлучување за зачленување, исклучување и престанок на членувањето на Советот,
  • правата, обврските и одговорностите на членовите,
  • видот на органите и нивниот состав, начинот на избор и разрешување траење на мандатот на членовите во органите и начинот на одлучување,
  • застапувањето по закон,
  • начинот на стекнување и располагање со средствата,
  • начинот на донесување финансиски и други извештаи,
  • начинот на остварување на јавност и отчетност во работата,
  • начинот на донесување, изменување и дополнување на Статутот,
  • начинот на одлучување за статусни промени и престанок на Советот,
  • начинот на донесување на планови и програми и постапувањето со средствата и/или имотот во случај на престанок на Советот,
  • знакот и симболот на Советот,
  • начинот на донесување на други акти,
  • судирот на интереси,
  • начинот на разрешување на спорни и други прашања од значење за работата и остварувањето на целите на Советот.

Член 3

Советот е невладина, неполитичка и непрофитна организација која, по принципот на слободна волја, ги здружува своите членови заради остварување на целите и дејностите утврдени со овој Статут.

Советот својата работа ја заснова врз принципите на јавност и транспарентност и слободно ги промовира своите ставови и мислења, поведува иницијативи и учествува во градење и надградување, заштита и унапредување на професионалните стандарди и на етиката во медиумите во Република Северна Македонија.

Советот е орган за саморегулација на медиумите преку примена на морални санкции кон оние кои не ги почитуваат професионалните стандарди и Кодексот на новинарите.

Советот има својство на правно лице.

Седиштето на Советот е на адреса: Теодосиј Гологанов 54/2, 1000 Скопје.

Полното име на советот е: Совет за етика во медиумите на Македонија. Кратенката од името на советот е: СЕММ.

Името на Советот на англиски јазик е: Council of Media Ethics of Macedonia.

Советот може да го промени седиштето и името по предлог на Управниот одбор.

Одлука за промена на седиштето носи Управниот одбор на Советот.

Одлука за промена на името носи Собранието на Советот.

 

ЦЕЛИ И ДЕЈНОСТИ НА СОВЕТОТ
ЦЕЛИ

Член 4

Советот е тело за саморегулација кое што врши одреден степен на регулација на медиумите преку:

  • Заштита на слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана,
  • Спречување на влијанието на државата, политичките партии и другите центри на моќ врз медиумите
  • Штитење на интересите на јавноста преку обезбедување независен ефикасен и правичен процес на решавање на поплаки за медиумските содржини
  • Промовирање на квалитет во медиумските содржини, усвојувајќи јасни и практични упатства за работењето на уредниците и новинарите
  • Подигнување на свеста на јавноста за професионалнитие и етички стандарди кои треба да ги почитуваат медиумите
  • Создавање амбиент за самокритичност, самосвесност и отчетност на медиумите кон публиката
  • Олеснување на пристапот на публиката до медиумите,
  • Континуиран развој на етичкиот кодекс на новинарите и
  • Намалување на сите форми на цензура и самоцензура во новинарството.

 

ДЕЈНОСТИ
Член 5

Остварувањето на целите утврдени во членот 4 Советот го врши преку следниве дејности и активности: ја унапредува и штити новинарската унапредување и заштита на етичките стандарди во медиумите, саморегулацијата во медиумите во Република Северна Македонија.

  • Следење на примената на професионалните стандарди во новинарското известување во Република Северна Македонија;
  • Обезбедување стручна и советодавна помош за членовите на Советот, на пошироката и стручната јавност;
  • Организирање семинари, работилници, конференции, дебати, со цел да се унапредат професионалните стандарди и да се промовира работата на Советот;
  • Покренување иницијативи пред надлежните органи со цел создавање услови за непречено работење на саморегулаторното тело за медиуми во Република Северна Македонија
  • Покренување иницијативи за вклученост на јавноста во случаи на сериозни прекршувања на етичкото и професионалното работење на медиумите
  • Размена на искуства и информации со сродни здруженија и други невладини организации во земјата и во странство
  • издавање книги, брошури, билтени и други публикации, и создавање и редовно ажурирање на веб-страница заради остварување на целите на Советот.

 

Член 6

За постигнување на своите цели и задачи, Советот дејствува врз основа на Уставот и законите на РСМ, врз основа на Кодексот на новинарите на Македонија, врз основа на принципите на Меѓународната федерација на новинари, врз основа на Насоките за етичко известување во онлајн медиумите и Препораките за известување за деца и млади, како и врз основа на сите меѓународни документи ратификувани од стана на Република Северна Македонија кои се однесуваат на слободата на медиумите, слободата на говорот и правата на човекот.

 

ЧЛЕНОВИ HA СОВЕТОТ
Член 7

Членовите на Советот може да бидат редовни и придружни. Под редовни членови се подразбираат членовите коишто имаат право на глас, а придружни се оние коишто немаат право на глас на Собранието на СЕММ.

Член на Советот се станува со потпишување и прифаќање на Статутот.

Членови на Советот  се медиуми и здруженија кои се занимаваат со заштита и унапредување на работата на медиумите.

Член може да биде секој медиум што создава сопствени содржини од информативен карактер во согласност со професионалните стандарди и етички норми претставени преку соодветна асоцијација, здружение или друга легитимна форма на групирање. Во членството ќе биде претставен и јавниот сервис преку еден член.

За прием на нов член одлучува Управниот одбор, кој го разгледува барањето за пристапување и утврдува дека кандидатот го прифаќа овој Статут и програмата на Советот.

Членовите плаќаат годишна членарина, чиј износ се утврдува на Собранието.

Советот за своите членови води регистар кој се ажурира најмалку еднаш годишно.

 

Член 8

Членовите на Советот ги имаат следниве права и одговорности согласно

одредбите на овој Статут:

  • да се придржуваат до одредбите на овој Статут, морално и на други начини да го чуваат угледот на Советот, да избираат и да бидат избрани во органите на Советот,
  • активно да учествуваат во остварувањето на целите и задачите на Советот согласно со овој Статут,
  • да предлагаат, избираат и нивни претставници да бидат избрани во органите на СЕММ преку асоцијациите, здруженијата, јавниот сервис и друг вид на групирање
  • да бидат навремено информирани за работата на Советот,
  • да присуствуваат на сите собири кои ги организира Советот,
  • да даваат предлози, да поставуваат прашања и да бараат одговори,
  • да остваруваат други права и поволности во согласност со одлуките и другите акти на Советот,
  • да бараат помош и поддршка од Советот при решавање на професионалните и другите прашања,
  • да ги почитуваат и објавуваат одлуките на Комисијата за жалби, особено кога жалбата се однесува на нивниот медиум.

Членовите на Советот се рамноправни во остварувањето на своите права и должности.

 

Член 9

Членството во Советот престанува:

  • со доброволно истапување од Советот врз основа на писмено известување доставено до Претседателот на Советот,
  • со необјавување на одлуките на Комисијата за жалби три пати во една година, кога жалбата се однесува на медиум – членка и доколку бил претходно опоменат. Во ваков случај, за повторно аплицирање за членство во СЕММ треба да помине една година од датумот на исклучување,
  • со исклучување од Советот поради кршење на Статутот и одлуките на органите на Советот или поради нарушување на угледот на Советот,
  • поради неплаќање членарина подолго од шест месеци,
  • поради престанок на работата на правното лице,
  • поради престанок на работа на Советот.

Одлука за престанување на својство на член на Советот носи Собранието по предлог на Управниот одбор. Членот на Советот писмено се известува за исклучување од Советот, со наведување на причините поради кои е исклучен.

Лицето кое не е задоволно со одлуката на Советот може да поднесе жалба до Собранието на Советот во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката. Собранието на Советот ја разгледува жалбата на првата наредна седница и по истата носи конечна одлука.

 

Член 10

По жалба на член на Советот кој е исклучен, Собранието на Советот може да донесе правилник кој ќе биде во согласност со Законот и овој Статут, а со кој поблиску се уредува начинот и постапката за пристапување во членство и престанокот на членството.

 

ОРГАНИ HA СОВЕТОТ
Член 11

Органи на Советот се:

  • Собрание
  • Управен одбор
  • Надзорен одбор
  • Извршен директор.

Органите на Советот се должни:

–      во рамките на своите права и должности работите да ги извршуваат совесно и во согласност со овој Статут и другите акти на Советот,

–      да ја развиваат и унапредуваат работата на Советот и за тоа да ги известуваат членството и јавноста,

–      да обезбедуваат непречено учество на членовите во управувањето и нивно активно учество во остварувањето на целите и дејноста на Советот.

 

СОБРАНИЕ
Член 12

Собранието е највисоко тело на Советот и го сочинуваат сите негови

членови.

Собранието избира Претседател и заменик на претседателот на Собранието од редовите на членовите пред почетокот на собранието.

Собранието на Советот го свикува и води Претседателот на СЕММ, а во негово отсуство тоа го прави заменикот, најдоцна 15 дена пред неговото одржување. Претседателот на Собранието е должен да свика седница на Собранието кога тоа го бараат најмалку една третина од вкупниот број членови. Собранието на Советот може да биде свикано и на барање на две третини од членовите на Управниот одбор на Советот.

 

Член 13

Собранието на Советот работи и одлучува на јавни седници врз основа на овој Статут и другите акти на Советот ако на нив присуствуваат мнозинството од сите членови на Собранието (организирани преку нивните асоцијации, здруженија, јавниот сервис или друга легитимна форма на групирање). Во членството ќе биде претставен и јавниот сервис преку еден член. Собранието одлуките ги донесува со просто мнозинство гласови од вкупниот број членови, освен ако со овој Статут не е поинаку определено

Изјаснувањето на седниците на Советот е јавно.

 

Член 14

Членовите на Собранието не можат да гласаат по прашањата во кои страните имаат конфликт на интереси, доколку на нив се однесуваат прашањата.

 

Член 15

Надлежности на Собранието:

-го усвојува Статутот, програмата за работа, Деловникот и други акти;

– усвојува годишен извештај за работата и финансиски извештај,

– избира претседател и потпретседател на Собранието,

– ги избира и ги разрешува членовите и замениците на Управниот одбор,

– ги избира и ги разрешува членовите и замениците на Надзорниот одбор,

– врши и други работи во согласност со Статутот.

 

Член 16

Собранието одржува најмалку една седница годишно, a по потреба се свикуваат и вонредни седници.

Собранието работи во согласност со овој Статут и Деловникот за работа на Собранието, кој поблиску ги определува условите, начините, потребното мнозинство и постапките за свикување, работење и носење одлуки на Собранието и изборот на лица, органи и тела во негова надлежност.

 

Член 17

Собранието се свикува со јавен повик и со писмена покана до членовите од претседателот на Управниот одбор.

Потребниот кворум за работа на Собранието е просто мнозинство од бројот на членовите на Собранието организирани преку членските организации, здруженија, асоцијации, и други легитимни форми на групирање. Во членството ќе биде претставен и јавниот сервис преку еден член.

Собранието одлучува по пат на јавно гласање, освен за изборот на членовите на Управниот одбор.

Во случај на елементарни непогоди и вонредни ситуации, седниците на Собранието може да се одржуваат онлајн или комбинирано, со физичко и онлајн присуство.

 

УПРАВЕН ОДБОР HA СОВЕТОТ
Член 18

Управниот одбор е извршен орган на Советот, кој го организира и го усогласу- ва работењето на Советот помеѓу две седници на Собранието. Управниот одбор ја спроведува програмата на Советот, финансискиот план и одлуките на Собранието.

Член 19

Управниот одбор има девет членови и девет заменик членови. Членовите на Управниот одбор и замениците ги избира Собранието на здружението за период од четири години, со можност за реизбор. Шест членови на УО се избираат од членските организации, здруженија, јавниот сервис и други легитимни форми на организирање (по 1 претставник) и тројца од новинарите што ги предлага ЗНМ.

Управниот одбор од своите редови бира претседател и еден заменик на Претседателот.

Член 20

Управниот одбор се состанува по потреба, а најмалку четири пати во годината. Седниците на Управниот одбор ги свикува претседателот или, во негово отсуство Потпретседателот, најдоцна седум дена пред одржувањето на седницата. На седницата присуствуваат членовите, но во случај кога некој од нив е спречен учествува неговиот заменик.

Член 21

Управниот одбор ги има следниве надлежности:

  • Ги подготвува седниците на Собранието;
  • Го подготвува нацрт-статутот и другите акти кои ги донесува Собранието
  • Ја спроведува политиката, заклучоците и одлуките на Собранието;
  • Одлучува за користењето на средствата на Советот во согласност со финансискиот план;
  • Утврдува полугодишни и годишни пресметки за извршување на годишниот план на активностите;
  • Поднесува на усвојување до Собранието периодични или годишни извештаи за својата работа;
  • Именува и разрешува членови на Комисијата за жалби;
  • Донесува одлуки за награди и признанија;
  • Одлучува за набавката, продажбата и отпишувањето на вредности на основни- те средства;
  • Разгледува и одлучува за предлози и извештаи кои ги поднесува Извршниот директор;
  • Врши и други работи кои ќе му бидат доверени од Собранието во согласност со Законот и со овој Статут и
  • Избира извршен директор со јавен оглас.

Член 22

Управниот одбор може правосилно да донесува и да усвојува одлуки со присуство на мнозинството од вкупниот број членови.

Одпуките на Управниот одбор се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови.

Изјаснувањето на седниците на УО е јавно.

Член 23

Член на Управниот одбор може да биде разрешен од должноста пред истекот

на мандатот:

  • на лично барање,
  • ако неоправдано не присуствува на три последователни седници
  • ако со своето однесување го наруши угледот на Советот
  • во други случаи предвидени со Закон или овој Статут и други акти на Советот.

За престанокот на членство расправа и одлучува УО на Советот, а одлуката ја потврдува Собранието на Советот

 

Член 24

Претседателот и заменикот на Управниот одбор истовремено се претседател и заменик на Советот.

 

Член 25

Претседателот на Управниот одбор ги има следниве надлежности:

  • ги свикува седниците на Управниот одбор самоиницијативно или на барање на најмалку една третина од неговите членови,
  • раководи со работата на Управниот одбор и на Советот,
  • се грижи за спроведувањето на програмската работа, одлуките, заклучоците и насоките на Собранието,
  • се грижи за извршување на планот на приходи и расходи на Советот,
  • ги потпишува актите кои ги донесува Управниот одбор,
  • самостојно или заедно со членовите на Управииот одбор остварува непосредни контакти со сите субјекти кои можат да дадат материјална и друга помош на Советот,
  • подготвува анализи, информации и други материјали за Собранието,
  • врши и други работи кои ќе му ги доверат Собранието и Управниот одбор.

НАДЗОРЕН ОДБОР HA СОВЕТОТ
Член 26

Надзорниот одбор има пет члена и пет заменик – членови. Членовите на Надзорниот одбор ги избира Собранието на здружението за период од четири години, со можност за реизбор. Тројца од членовите на Надзорниот одбор се избираат од членските организации, здруженија, јавниот сервис и други легитимни форми на организирање (по 1 претставник) и двајца од новинарите што ги предлага ЗНМ.

  • Членовите на НО од својот состав избираат Претседател на НО и еден заменик. Мандатот на членовите на НО е четири години, со можност за реизбор. Во случај на предвремен престанок на членството во Надзорниот одбор на некој член, новиот член на Надзорниот одбор, кој ќе го замени, ќе го доврши неговиот мандат.

Надзорниот одбор на СЕММ:

  • Врши контрола врз примената на Статутот и врз другите општи акти на СЕММ
  • Врши контрола врз материјално-финансиското работење на СЕММ
  • Врши контрола врз наменското располагање со средствата и приходите на СЕММ;
  • Најмалку еднаш годишно до Собранието на СЕММ поднесува Извештај за своите наоди и одлуки;
  • Ако оцени дека е потребно, согласно со Статутот на СЕММ, може да предложи свикување вонредна седница на УО на СЕММ.
  • На седницата присуствуваат членовите но во случај кога некој од нив е спречен учествува неговиот заменик.

ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР HA СОВЕТОТ

Член 27

Советот има Извршен директор кој го избира Управниот одбор, со мандат од четири години и со можност за реизбор. Извршниот директор е одговорен пред Управниот одбор и пред Собранието.

Извршниот директор е одговорен за финансиско – материјалното работење на Советот и поднесува извештај до Управниот одбор.

 

Член 28

Извршниот директор ги има следниве надлежности и обврски:

  • одговорно и во согласност со Законот да ги спроведува работите на Советот,
  • да учествува во работата на сите органи на Советот,
  • да предлага до Управниот одбор стратегиски план и план на активности за те- ковната година,
  • да презема мерки и активности за спроведување на усвоениот годишен план, одлуките и други акти донесени од Собранието и од Управниот одбор,
  • да поднесува периодични и годишни извештаи за работа и финансиски извештај до Собранието, преку Управниот одбор
  • по овластување на претседателот на Управниот одбор, да го застапува и да го преставува Советот во јавноста,
  • да одговара за организацијата и водењето на работите во административно- техничката служба на Советот и во другите оддели, ако постојат, во согласност со Правилникот на описот на работните задачи и актите за систематизацијата на работните места,
  • да извршува и други работи во согласност со Законот и со овој Статут
  • да го претставува и застапува Советот во правната заштита.

 

Член 29

Извршниот директор на Советот може да биде разрешен од должноста пред истекот на мандатот од Управниот одбор:

  • на лично барање
  • ако не ги извршува работите и задачите наведени во договорот за работа
  • во други случаи предвидени со Законот и со овој Статут.

Член 30

Одлуката за разрешувањето на Извршниот директор ја донесува Управниот

одбор.

 

КОМИСИЈА ЗА ЖАЛБИ
Член 31

Во Советот дејствува советодавно тело, Комисија за жалби, која ја именува Управниот одбор со консензус, на мандатен период од четири години, со можност за реизбор. Комисијата за жалби е составена од седум члена кои се избираат по следниот принцип:

  • двајца претставници на сопствениците на медиумите;
  • двајца претставници на новинарите предложени од ЗНМ;
  • тројца претставници од јавниот живот кои се експерти од областа на медиумите, етиката во новинарството, медиумското право и други сродни области.

Именуваната Комисија за жалби (или поплаки) од своите редови избира претсе- дател и еден заменик , кои имаат обврска да ги свикуваат и водат седниците на Коми- сијата.

 

Член 32

Членовите на Жалбената комисија не можат да бидат Членови на УО на Советот, политичари и членови на партиски тела.

 

Член 33

Комисијата за жалби ги има следниве обврски и надлежности:

  • разгледува жалби од граѓани, правни лица, граѓански организации и меѓународни организации, во врска со објавените содржини во печатени, електронски и онлајн медиуми;
  • посредува меѓу лицата кои упатиле жалба и медиумот на чија содржина се однесува жалбата;
  • донесува одлуки по жалбите во врска со евентуални прекршувања на Кодексот
  • упатува препораки до уредниците и медиумите за да не дојде до прекршување на Кодексот и на принципите на Меѓународната федерација на новинари
  • усвојува насоки и упатства врз основа на толкувањето на одредбите од Кодексот;
  • иницира сопствени испитувања на одделни значајни прашања поврзани со одредбите од Кодексот;
  • разгледува резултати од мониторинг и од истражувања на почитувањето на професионалните стандарди во медиумските содржини и по сопствена процена да покрене иницијатива за јавна реакција;

 

Член 34

Жалбената комисија на Советот може да донесува одлуки со мнозинство од вкупниот број членови.

 

Член 35

Жалбената комисија се состанува по потреба, а најмалку еднаш месечно. Начинот на работата на Жалбената комисија се регулира со посебен правилник за работата на Комисијата, кој на предлог на Управниот одбор го усвојува Собранието.

 

ИМОТ HA СОВЕТОТ

Член 36

Имотот на Советот се состои од парични средства, движен и недвижен имот. Движниот и недвижниот имот е составен од основни средства и инвентар.

Член 37

Советот се финансира од следниве извори:

  • членарина,
  • донации и подароци од јавни институции, физички и правни лица, како домашни така и странски, во готово, со услуги и имот од каков било вид,

камати, кирија, хонорари и слични извори на пасивен приход стекнати со оства- рување на целите и активностите на Советот, како што е одредено со Статутот и

– други приходи во согласност со Законот и со овој Статут.

Висината, начинот на плаќање на членарината, како и начинот на средствата од членарината, се регулира со Одлука за членарината ва Собранието.

Член 38

Управниот одбор поднесува на усвојување годишен финансиски план и извештај до Собранието. Доколку од која било причина Собранието не може да се состане, привремениот финансиски план и извештај го усвојува Управниот одбор. Во согласност со финансискиот план и со програмата за работа, средствата на Советот можат да се користат само за остварување на целите на Советот.

Член 39

Во согласност со овој Статут и Законот, Управниот одбор е надлежен за оства- рување, користење и употреба на средствата на Советот. Одлуките за приходите, расходите, покривањето на загубата и отписот на ненаплатените побарувања ги доне- сува Управниот одбор, во согласност со финансискиот план и програмата на Советот.

Остварувањето, користењето и располагањето со средствата на Советот се утврдува со финансискиот план, кој на предлог на Управниот одбор го усвојува Собранието.

Член 40

На лицата на избраните функции на Советот и останатите лица може да им се одреди паричен надоместок за покривање на трошоците кои ги имаат со вршење на доверените работи и задачи.

Одлуката за надоместок од претходниот став ја донесува УО на Советот.

Член 41

Материјално-финансиското работење на Советот се води во согласност со општоприфатените сметководствени принципи, со обврска за составување полуго- дишен и годишен финансиски извештај, во согласност со важечките законски прописи.

Член 42

Управниот одбор може да донесе правилници и акти со кои поблиску се утврдува начинот на собирање и распоредување на средствата.

ПРИСОЕДИНУВАЊЕ, РАЗДВОЈУВАЊЕ, ТРАНСФОРМИРАЊЕ И ПРЕСТАНОК

НА РАБОТАТА HA СОВЕТОТ

Член 43

Советот може да се присоедини, раздвои или трансформира само во друго здружение. Одлуката од претходниот став ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови на сите членови. Со оваа одлука се регулира имотот и седиштето на Советот, т.е. поделбата на имотот, правата и обврските, како и други статусни прашања.

Член 44

Советот може да престане со работа доброволно или по сила на Законот. Од- лука за доброволно престанување на работата на Собранието на Советот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од сите членови.

Собранието истовремено донесува план за ликвидација на Советот, со кој се утврдува распределбата на имотот, правата и обврските на Советот, во согласност со Законот и со овој Статут, со тоа што претходно мораат да се подмират законските и договорените обврски. Врз основа на одлуките на Собранието, преостанатиот имот, по подмирувањето на обврските од претходниот став ќе се додели на друго здружение кое врши исто или слично статутарно дејствие.

Член 45

Иницијатава за престанок на работата на Советот може да дадат една третина од сите членови на здружението, во случај ако:

  • бројот на членовите на Советот се намали под законски пропишаниот минимум за основање на здружение;
  • ако Советот две години по ред не спроведува активности, а финансиската состојба е на нула;
  • и во други случаи утврдени со Законот.

Иницијативата за престанок на работата на Советот се поднесува до претседа- телот на Советот кој го подготвува материјалот за Собранието.

Член 46

Советот престанува со работа по сила на Законот и согласно со одредбите на Член 51 и Член 52 од Законот за Здруженија и фондации.

Советот е обврзан секоја статусна промена да ја пријави во надлежното мини- стерство во законски утврдениот рок.

ЈАВНА РАБОТА
Член 47

Работата на сите органи на Советот е јавна, а се остварува со непосредно информирање и преку медиумите.

Член 48

За ставовите, заклучоците и службените одлуки на Советот, јавноста редовно ќе се информира по пат на соопштенија за јавноста и веб-страницата, а членовите на Советот по пат на билтени, телефон, и-мејл адреси или писмо пратено на лична адре- са на членовите.

Секој член на Советот има право усно или писмено да постави прашање во вр- ска со кој било заклучок, донесена одлука или сегмент од работа на Советот, т.е на не- говото прашање ќе добие одговор во најкраток рок.

За јавното работење на Советот одговорен е Извршниот директор на Советот.

 

СТАТУТАРНИ И ДРУГИ ПРАШАЊА НА СОВЕТОТ

Член 49

Измените и дополнувањата на Статутот на Советот ги усвојува Собранието на Советот со просто мнозинство гласови од вкупниот број на членови.

Иницијатива за измени и дополнувања на Статутот може да поднесат две тре- тини од вкупниот број на членови. Иницијативата се упатува до Управниот одбор, кој подготвува предлог за измени и дополнување на Статутот. Конечните измени и допол- нувања на Статутот ги усвојува Собранието.

Член 50

Советот може освен Статутот да има и други општи акти. Органите на Советот донесуваат општи акти на Советот: правилници и одлуки, кои мораат да бидат во сог- ласност со Законот и со овој Статут.

ПЕЧАТ И ЗАШТИТЕН ЗНАК HA СОВЕТОТ

Член 51

Советот има печат во форма на круг, со дијаметар од 4 см., со полукружно напишан текст.

Член 52

Употребата, чувањето и уништувањето на печатот на Советот се регулира со посебна инструкција на Управниот одбор за чие спроведување се грижи Извршниот директор на Советот.

Член 53

Здружението има свој заштитен знак, односно лого кое одразува еднаквост, рамнотежа, правда и слобода.

 

НАЧИН НА ЗАСТАПУВАЊЕ И ПРЕТСТАВУВАЊЕ HA СОВЕТОТ

Член 54

Во правниот промет Советот го претставуваат и застапуваат Извршниот директор и претседателот на Управниот одбор, во рамките на своите овластувања утврдени со овој Статут и со Закон.

Член 55

Во постапките во кои Советот учествува како странка за остварување на своите права, должности и одговорности пред надлежните органи, Претседателот на УО може да даде писмено полномошно за застапување на адвокат или на друго стручно лице.

 

ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 56

Овој Статут стапува во сила на денот на усвојувањето, а ќе се применува од денот на уписот на Советот во Регистерот на здруженија во надлежното министерс- тво.

Член 57

Образложение на овој Статут дава Собранието на Здружението

 

ПРЕСТАНОК НА РАБОТА НА СОВЕТОТ

Член 58

Советот ќе престане да постои, ако е:

  • Донесена одлука за престанок на постоење во согласност со Статутот;
  • Поминато е двојно повеќе време од времето предвидено за одржување на седница на највисокиот орган, утврден со Статутот, а таа не е одржана;
  • Во две последователни години не е поднесена завршна сметка во согласност со Законот;
  • Статусна измена која предвидува престанок на постоењето на Здружението
  • Со одлука на надлежен суд;
  • Стечај;
  • Спроведена ликвидација согласно одредбите од член 68-71 од Законот за здруженија и фондации и
  • Ако бројот на членовите се намали под бројот определен за основање на Советот.

Член 59

По законскиот престанок на работа на Советот, имотот и средствата што остануваат по намирувањето на обврските, преминуваат во сопственост на легитимен правен наследник, кој дополнително ќе биде определен.

Во спротивно, имотот и средствата се пренесуваат на Општина Центар или Градот Скопје.

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 60

Статутот на Советот го усвојува Собранието со просто мнозинство од вкупниот број на членови на Советот, а го потпишува претседателот на Советот.

Овој Статут стапува во сила на денот на донесувањето.

Постојните тела, органи и овластени лица на Советот, од денот на стапувањето во сила на овој Статут до денот на одржувањето на новото изборно собрание, ги задржуваат своите називи и продолжуваат да ги вршат своите овластувања и обврски како техничко и преодно решение, во обем и на начин неопходен за тековно функционирање на Советот, но без преземање непредвидени материјални обврски, како и без склучување обврзувачки и товарни акти со и кон трети лица и особено без донесување интерни акти и одлуки, со што ќе се попречи, одложи или ќе се оневозможи одржувањето на изборното собрание.

Сите акти што се во спротивност со кажаното во став 1 на овој Член ќе се сметаат за ништовни и нема да произведуваат правно дејство.

Член 61

Веднаш по донесувањето на овој Статут, ќе се пристапи кон гласање и усвојување на правилници за постапка за кандидирање и спроведување избор на органите и телата на Советот предвидени со Статутот. Кандидирањето и изборот на органите и телата на првото следно изборно собрание ќе се спроведе во постапка според овој Статут и правилниците.

Член 62

Во постапка утврдена со овој Статут и Правилникот за кандидирање и избор на органите и телата на Советот, на првото следно изборно собрание најпрвин ќе се изберат нови членови на Управниот одбор, Надзорниот одбор, претседател на Управниот одбор односно на Советот, а новоизбраниот Управен одбор во рок кој ќе го задолжи Собранието ќе распише конкурс за избор на Извршен директор на Советот.

 

Член 63

Сите прашања значајни за организацијата, дејствувањето и работата на Советот кои не се регулирани со Статутот, се регулираат со посебни одлуки и правилници.

Согласно овој Статут, приоритетни правилници кои ја прецизираат работата на Советот, а кои се во надлежност на Собранието се:

  • Правилник за членство и членарини;
  • Правилник за избор и работа на Управниот одбор;
  • Правилник за избор и работа на Надзорниот одбор;
  • Правилник за работа на Собранието;
  • Правилник за избор и работа на претседателот на Управниот одбор, односно на

Советот;

  • Правилник за избор и работа на (Жалбената комисија) Комисијата за поплаки;

Согласно овој Статут следните правилници кои ја прецизираат работата на Советот, a за чие донесување е овластен Управниот одбор се:

  • Правилник за основање и работа на секции, работни групи и други тела;
  • Правилниците од став 2 на овој Член Управниот одбор е должен да ги изготви и донесе во рок од 30 дена по неговото конституирање.

Член 64

Претседателот на Советот ќе објави јавен повик за свикување изборно собрание на СЕММ во согласност со одредбите од овој Статут, најдоцна во рок од 60 дена од денот на усвојување на Статутот.

Со одредбата од став 1 на овој член, се смета дека е донесена одлука за свикување Изборно собрание, па доколку од кои било причини претседателот на СЕММ не објави јавен повик, тогаш работната група за подготвување на овој Статут има делегирано право да го објави јавниот повик, со што ќе се смета дека свикувањето и јавниот повик се легитимно реализирани.

 

Член 65

 

Измени и дополнувања на овој Статут се вршат по иста постапка, како и за неговото донесување.

Автентично толкување на одредбите на овој Статут дава Собранието на Советот на седница на Собранието.

Помеѓу две собранија, толкување на одредбите од Статутот дава Управниот одбор на Советот.

Член 66

  1. Програмата и дејствувањето на Советот не можат да бидат насочени кон:
  • Насилно уривање на уставниот поредок на Република Северна Македонија;
  • Поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална,

расна или верска омраза или нетрпеливост;

  • Преземање активности поврзани со тероризам или активности кои се спротивни на Уставот или Законот и се повредуваат слободите и правата на други лица.
  1. Здружението е правно лице.

Советот одговара за своите обврски со целиот свој имот и средства.

Членовите на органите на Советот одговараат лично и неограничено за нивните обврски кон Советот, за злоупотреба на средствата на Советот, за постигнување цели што за нив како поединци се забранети или за злоупотреба на Советот како правно лице за да им нанесат штета на своите доверители.

Членовите на органите на Советот и нивните застапници по закон се одговорни солидарно за штетата на Советот предизвикана од нивната работа, ако таа е предизвикана од грубо невнимание или со намера да се предизвика штета, освен во случаите кога во одлучувањето го издвоиле своето мислење на записник или ако не учествувале во одлучувањето.

Барањето за надомест на штета го поднесува Собранието.

  1. Финансиските средства на Советот се употребуваат за остварување за целите на Советот определени со Статутот и Програмата за работа.

Членовите на органите на Советот и нивните застапници по Закон се должни да управуваат и работат со внимание и во согласност со начелата на добро управување, во интерес на Советот, а над личните интереси, односно во интерес на остварување на целите, во согласност со Законот и со Статутот.

Средствата на Советот не може да се исплаќаат на членовите, основачите, членовите на органите, застапниците, вработените или со нив поврзани лица, освен во случај кога член на Советот е корисник на услугите на Советот во согласност со целите определени со Статутот и Програмата на Советот.

Работата во органите на Советот е доброволна, а членовите на Советот може да примаат надоместок за патни и дневни трошоци, како и за вршење на работи во органите во Советот во согласност со Законот.

Вработените имаат право на плата и надоместоци, кои ќе бидат исплаќани во согласност со Законот, Колективен договор и Правилник за исплата на плати и надоместоци на вработените.

Користењето и располагањето со средствата на Советот се врши на начин утврден со овој Статут, Правилник и според останатите законски норми.

Советот донесува годишен финансиски план за приходите и расходите на Советот.

Финансискиот план ги содржи приходите кои се стекнуваат по член 36 од Статутот, како и расходите за планираните актавности, за заедничка потрошувачка на вработените, материјални трошоци за работата на Советот и други расходи сврзани со работата.

28.12.2021 година, во Скопје

 

Овластено лице – застапник по закон:

Катерина Синадиновска

 

 

Scroll to Top