Леунора Калиќи е избрана за нов претседател на Управниот одбор на Советот за етика во медиумите на Македонија. Таа е новинарка во Вториот програмски сервис на МРТ, со повеќе од две децениско работно искуство. Леунора беше предложена и доби едногласна поддршка од членовите на УО на СЕММ, избрани на годишното Собрание на СЕММ што се одржа на 19.06.2023. Таа доаѓа на местото на Катерина Синадиновска, која на позицијата Претседател на УО на СЕММ беше во текот на два мандати, од 2015 година.
За заменик-претседател на УО е избрана Сашка Цветковска, уредничка во Истражувачката репортерска лабораторија.
Управниот одбор на СЕММ го сочинуваат: Леунора Калиќи (МРТ), Сашка Цветковска (ИРЛ), Ирена Мулачка (Фокус), Анета Андонова (МРТ), Меваип Абдиу (ТВ Коха), Бранко Геровски (Плусинфо) и Семи Мехмети (Алмакос).
На годишното Собрание беше избран и нов Надзорен одбор на СЕММ, во состав: Адријан Ќерими, Сашо Дамовски, Сали Мемед, Генур Исени и Драган Ивановски.
Новите членови на работните тела на СЕММ се заложија дека целосно ќе се посветат на постигнување на основните цели на Советот за етика – подигање на професионалните стандарди во медиумите во земјава, преку почитување на Кодексот на новинарите и Насоките за известување во онлајн медиумите, засилување на медиумската писменост и неширење дезинформации.