Говорот на омраза во медиумите: ЛГБТ+ заедницата под напад

 

Порастот на поднесени жалби за говор на омраза во медиумите и на социјалните мрежи  може да укажува на две тенденции – или дека се зголемува свеста кај граѓаните да пријавуваат говор на омраза и дискриминација во медиумите, во Комисијата за жалби на СЕММ, или дека се зголемува употребата и ширењето на говор на омраза и дискриминација преку медиумите.

Пишува: Мери Јордановска

Често се зборува за слободата на говорот и за бенефитите што ги носи, но не многу често се зборува за тоа дека слободата на говорот со себе носи и одговорност. Одговорноста е клучна за она што ќе го проговориме јавно, како новинари, но и како граѓани. Но за жал, таа често отсуствува и тоа токму во и од медиумите, кои не треба да го користат говорот на омразата и да поттикнуваат насилство и дискриминација врз која било основа. Објавување информации што ги загрозуваат човековите права и слободи исто така е недозволиво.

Наспроти ова, во 2023 година, Комисијата за жалби на Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) прими 132 жалби, по што донесе 107 одлуки или мислења. Од нив, во 61 случај е констатирано прекршување на Кодексот на новинарите, a во 15 случаи дека е прекршен членот 10 од кодексот. Ова претставува нешто повеќе од 18 отсто од вкупниот број жалби каде што е констатирано прекршување на Кодексот на новинари според членот што санкционира ширење говор на омраза.

Овој член, меѓу другото, зацртува дека обврска на новинарите и медиумите е да ги заштитат поединците и групите од неправда и дискриминација извршени од страна на јавни органи и институции, од приватни претпријатија или од кој било друг. Понатаму, се посочува дека медиумот и новинарот не треба да објавуваат материјал (информација, слика, мислење, коментар) кој има за цел да шири непријателство или омраза, или ако постои голема веројатност дека објавениот материјал ќе предизвика непријателство или омраза спрема некого поради неговата раса, етничка припадност, пол, вера, политичка припадност, сексуална ориентација, физички недостаток итн.

 

Но, комисијата во 15 случаи, по добиени жалби, утврди дека медиумите не ги почитувале овие начела. Во најголем дел, станува збор за говор на омраза спрема ЛГБТ заедницата во Северна Македонија.

Ова претставува огромен скок во споредба со 2022 година, кога само во четири случаи (од вкупно 45 донесени одлуки и мислења дека постои прекршување на кодексот) , односно во 5.06 проценти од жалбите, било утврдено дека станува збор за прекршување на членот 10 од страна на одреден медиум.  Сето ова може да укажува на две тенденции – или дека се зголемува свеста во јавноста да пријавуваат говор на омраза и дискриминација во медиумите, во Комисијата за жалби на СЕММ, или дека се зголемува употребата на говорот на омраза и дискриминација преку медиумите.

 

Новинарот треба да интервенира кога соговорникот шири говор на омраза

Комисијата на СЕММ, на седницата одржана во август 2023 година, врз основа на претставка на Здружението на сексуални и родови малцинства КВИР Центар против Телевизија Сител, излезе со став дека оваа телевизија не ги почитувала етичките стандарди при директниот пренос на вечерните вести од 31 јули 2023 и со ова го прекршила членот 10 од Кодексот.

Во претставката се нагласуваше дека станува збор за вклучување на соговорник во вечерните вести на ТВ Сител, кој се декларирал како организатор на активноста „Илинденски марш“, при што дал изјави кои се категоризираат како имплицитен говор на омраза. Според претставката, станува збор за реченицата, во која се нагласува дека „…за да бидете дел од маршот со коњи, мора да исполнувате одредени услови: да немате пороци и да не сте од ЛГБТ заедницата“.

Комисијата со мнозинство гласови одлучи дека претставката е основана и дека е прекршен членот 10 од Кодексот, односно заклучи дека новинарот кој го водел разговорот, како и уредникот во студиото, морале да интервенираат кога соговорникот објаснувал кој би можел да биде учесник во маршот, односно дека се исклучуваат припадници на ЛГБТ заедницата.

Понатаму, на 11 мај 2023 година, Коалицијата сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници МАРГИНИ Скопје поднесе жалба за содржина со наслов „ ИНТЕГРА: Непримерен притисок од американската амбасада врз јавноста со ЛГБТ+ медиумски кампањи “, објавена на 11 април 2023 на интернет-порталот Вечер (vecer.press), но и на неколку други интернет портали. Во жалбата се наведуваше дека станува збор за пренесување на соопштение на политичката партија „Интегра“ што содржи говор на омраза кон ЛГБТИ луѓето, т.е. говор на омраза и дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.

„Без разлика што се работи за „туѓо“ соопштение, преку неговото пренесување медиумот шири говор на омраза и дискриминација. Во соопштението ЛГБТИ луѓето се прикажани како извитоперени, зли, неприродни, противправни, дека се зло што треба од корен да се сотре. Говорот во соопштението е школски пример за говор на омраза кој треба да се ограничи во демократски општества“, пишуваше во жалбата.

Комисијата, по долга расправа, констатираше дека во случајов станува збор за пренесување на јавна комуникација од политичката партија ИНТЕГРА кон американската амбасада во вид на соопштение, преку медиумите, во која се содржи говор на омраза кон одредена група на граѓани, и со тоа  заклучи дека е прекршен Кодексот во членот 10.

Овде дополнително може да се додаде и фактот дека под медиумските објави на Фејсбук, односно во коментарите, често има говор на омраза и повик за линч против одредени групи, заедници или поединци, а редакциите не интервенираат, односно не ги бришат ваквите коментари. Насоките за етичко известување во онлајн медиумите предвидуваат дека ваквиот вид објави треба да бидат отстранети.

Во однос на ова, Комисијата за жалби на СЕММ, на седницата одржана на 25 јули 2023, по претставка од Здружението на сексуални и родови малцинства „КВИР Центар“, одлучи дека порталот Off.net ги прекршил професионалните и етичките стандарди, дефинирани во Упатството за етичко известување во онлајн медиумите, бидејќи на својата Фејсбук страница под написот со наслов „За кого е всушност Прајдот“ не ги отстранил коментарите од читатели кои содржат експлицитен говор на омраза. Порталот не испрати одговор до СЕММ во врска со претставката, а Комисијата за жалби потврди дека порталот го нема прекршено Кодексот со објавувањето на написот, но бидејќи не ги отстранил бројните коментари со говор на омраза на Фејсбук страницата, го има прекршено членот 10.4 од Насоките за етичко известување во онлајн медиумите, како и членот 20 од овие правила.

„20.2. Онлајн медиумот ќе ги отстрани сите коментари што содржат: повици за насилство или други криминални дејствија, говор на омраза, дискриминација, закани и други форми на повреда на правата и безбедноста на поединци, групи, институции, без разлика дали се директно или индиректно поврзани со текстот или темата што ја обработува“.

 

Нема слобода за непријателите на слободата

Спречувањето или пак ограничувањето на говорот на омраза, односно контролата или самоконтролата на медиумите и актерите вклучени во медиумската продукција, во поглед на ширењето вакви пораки, не значи ограничување на слободата на изразувањето. Една позната изрека вели: „Нема слобода за непријателите на слободата“. Тоа значи дека слободата на изразувањето не е апсолутна, односно таа може да биде ограничена кога некој ќе ја злоупотреби за да ги повреди правата на другите во општеството или ќе загрози некои утврдени легитимни цели од јавен интерес, пишува во публикацијата на СЕММ „Известување во интерес на јавноста“  – заштитата на етичките принципи на известувањето низ работата на Комисијата за жалби.

Иако слободата на изразување е основно човеково право, појавата на социјалните медиуми создаде повеќе платформи за производство и ширење на говор на омраза, што понатаму продолжува да се шири и во медиумите. Оттаму, образованието за медиумската етика треба да се фокусира на правата и слободите на новинарите и нивната улога во создавањето и промовирањето на општества без конфликти и да се подигне свеста за политичките, социјалните и културните права на поединците и групите, вклучително и слободата на говорот, како и за одговорностите и социјалните импликации што доаѓаат со слободата на медиумите.

Новинарите мора да поседуваат знаења и вештини за да го идентификуваат говорот на омраза и да се спротивстават на пораките што содржат говор на омраза и дискриминација по која било основа. Учењето вештини за известување за чувствителни теми, со потенцијал да предизвикаат конфликт, би требало да стане дел од редовните обуки на новинарите во текот на нивната кариера .

Последната статистика за работата на Комисијата за жалби при СЕММ, го потврдува токму ова, и дава јасен сигнал дека се потребни понатамошни напори за да се спречи говорот на омраза и дискриминацијата по била која основа што се пренесува во медиумите. „Гласникот“ има своја одговорност и право да одбие да објави одредена информација, доколку таа може и има тенденција да наруши основни човекови права, да предизвика насилство и да дискриминира одредени категории граѓани.

 —

 

Овој текст е изработен од СЕММ во рамки на проектот „Градење доверба во медиумите во Југоисточна Европа: поддршка на новинарството како општо добро“ финансиран од УНЕСКО. Текстот не задолжително ги одразува ставовите на УНЕСКО.

Scroll to Top