Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), по објавувањето на снимките од немонтираното интервју со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за МРТВ, ги повикува медиумите да не го злоупотребуваат добиениот материјал и да прават обиди за презентирање на добиените информации и гледишта во несоодветен контекст и без почитување на стандардите на чесно, коректно и објективно известување.
Поттикнувајќи ги медиумите и новинарите да известуваат за теми од јавен интерес, ги потсетуваме дека, пред се’, треба да бидат одговорни пред својата публика и општата јавност и да ги негуваат правичноста и сеопфатниот пристап кон јавните прашања, без да служат на какви било посебни интереси.
Од друга страна, во спротивност со нормите на професијата е и дистрибуцијата на аудиовизуелните записи што ги снимиле екипите на МРТ, за коишто право на обработка и нивно емитување имал јавниот радиодифузен сервис. Дистрибуирањето на снимениот материјал, освен што може да предизвика штети врз интегритетот на соговорникот, значи и непочитување на темелните начела на професионалното и одговорно однесување, чесност во работењето и чување на угледот и интегритетот на МРТ.
Повикуваме на почитување на професионалните стандарди и етичките начела во сите полиња на медиумското работење заради заштита на јавниот интерес и професионалниот интегритет на медиумите.