Советот за етика во медиумите на Македонија на 11 ноември (среда), со почеток во 11 часот, на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово го организира настанот “Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите – досегашни искуства и планови “.
Членовите на Комисијата за жалби и на Извршната канцеларија на СЕММ кои ќе присуствуваат на презентацијата ќе го промовираат принципот на саморегулација, досегашните искуства на Советот за етика и соработката со слични тела во меѓународни рамки.
Настанот ќе биде искористен и за прикажување на поинтересните случаи кои досега биле обработувани од Комисијата за жалби на СЕММ, како и ефектот на медијацијата, што е една од главните алатки што ги применува Советот при решавањето на пријавите за непрофесионално и неетичко новинарство.
СЕММ е здружение на граѓани формирано од повеќе медиуми пред една година, а функционално започна со работа во јануари, годинава. Главната цел на СЕММ е поголем степен на почитување на етичките стандарди во новинарството, како и поедноставен пристап на јавноста (граѓани, институции и правни лица) до медиумите кога ќе се почувствува некаква повреда на стандардите на професионално и објективно известување.