Леунора Калиќи е избрана за нов претседател на Управниот одбор на Советот за етика во медиумите на Македонија. Таа е новинарка во Вториот програмски сервис на МРТ, со повеќе од две децениско работно искуство. Леунора беше предложена и доби едногласна поддршка од членовите на УО на СЕММ, избрани на годишното Собрание на СЕММ што се одржа на 19.06.2023. Таа доаѓа на местото на Катерина Синадиновска, која на позицијата Претседател на УО на СЕММ беше во текот на два мандати, од 2015 година.
За заменик-претседател на УО е избрана Сашка Цветковска, уредничка во Истражувачката репортерска лабораторија.
Управниот одбор на СЕММ го сочинуваат: Леунора Калиќи (МРТ), Сашка Цветковска (ИРЛ), Ирена Мулачка (Фокус), Анета Андонова (МРТ), Меваип Абдиу (ТВ Коха), Бранко Геровски (Плусинфо) и Семи Мехмети (Алмакос).
На годишното Собрание беше избран и нов Надзорен одбор на СЕММ, во состав: Адријан Ќерими, Сашо Дамовски, Сали Мемед, Генур Исени и Драган Ивановски.
Новите членови на работните тела на СЕММ се заложија дека целосно ќе се посветат на постигнување на основните цели на Советот за етика - подигање на професионалните стандарди во медиумите во земјава, преку почитување на Кодексот на новинарите и Насоките за известување во онлајн медиумите, засилување на медиумската писменост и неширење дезинформации.
Претставници на повеќе онлајн медиуми на вчерашниот состанок ги усвоија критериумите за членство во Регистарот на професионални онлајн медиуми Promedia.mk. Онлајн медиумите кои во иднина ќе сакаат да членуваат во Регистарот на Промедиа, ќе треба освен објавувањето на импресум и сопственичката структура, да имаат најмалку двајца вработени, да објавуваат редовно содржини, како и да се регистрирани трговски друштва или здруженија кои „не учествуваат на пазарот на комерцијално и политичко рекламирање и огласување“. Исто така, на состанокот беа усвоени и правилата за преземање содржини меѓу членките на Промедиа.
Во продолжение ги објавуваме критериумите за членство во Промедиа, како и правилата за преземање содржини меѓу членките на Промедиа:
Критериуми за членство на онлајн медиуми во Регистарот на професионални онлајн медиуми Promedia.mk на СЕММ
Во promedia.mk односно во СЕММ можат да членуваат онлајн медиуми кои:
1. Имаат МК домејн.
2. Имаат наведено веродостоен импресум (име и презиме на главен односно одговорен уредник и состав на редакцијата), адреса и други неопходни податоци за контакт.
3. Редовно објавуваат информативни содржини од јавен интерес.
4. Го наведуваат датумот и часот на објавување на своите содржини.
5. Имаат регистрирано деловно активно трговско друштво или деловно активнo здружениe на граѓани кое не учествува на пазарот на комерцијално и политичко рекламирање и огласување.
6. Транспарентно ја декларираат сопственоста и начинот на финансирање согласно со законите, а на барање на СЕММ и на promedia.mk, презентираат и податоци неопходни за ажурирање на членството.
7. Имаат по двајца вработени во редакцијата, согласно со Законот за работни односи.
8. Редовно објавуваат авторски содржини, со почитување на авторските права во согласност со законот и во согласност со Основните правила на преземање содржини меѓу членките на promedia.mk.
9. Имаат објавено ценовници за рекламирање.
10. Видливо ги означуваат платените комерцијални содржини.
11. Ги почитуваат Кодексот на новинарите, Повелбата за етичко известување за избори и Статутот на СЕММ.
12. На својата страница ќе постават банер со кој се обврзуваат дека ги почитуваат Кодексот на новинарите и принципите на саморегулацијата.
13. Ги објавуваат одлуките на СЕММ и се вклучуваат во процесот на медијација.
14. Го прифаќаат правилото според кое медиумот се исклучува од членство по 3 одлуки на Комисијата за жалби во рок од 3 месеци, во коишто е утврдено прекршување на Кодексот на новинари, при што Управниот одбор на СЕММ го зема предвид однесувањето на медиумот во текот на процесот, учеството во медијација и поправката на стореното прекршување.
15. Прифаќаат редовно ажурирање на регистарот promedia.mk на секои 3 месеци, од страна на СЕММ и ЗНМ, во координација со Комисија на promedia.mk.
___________________________________________________________________
Основни правила на преземање содржини меѓу членките на promedia.mk
Усвоени на 15.11.2022 на состанок на членки на promedia.mk
Координатор Бранко Героски
Во текот на првите шест месеци од 2022 година се забележани најголеми прекршувања на Кодексот на новинарите во онлајн сферата, тренд кој продолжува од лани. Ова го покажа анализата на Советот за етика во медиумите на Македонија, во која се опфатени споредбени показатели за првата половина од годинава во споредба со првата половина од минатата година. Најголемите прекршувања кои се забележани според статистиката, се во однос на прекршувања на членот 1 од Кодексот, додека прекршувањата во однос на другите членови се помалку.
Инаку, годинава, за разлика од лани, кога најмногу жалители биле граѓаните, годинава, најголем процент на жалители доаѓаат од граѓанските организации и јавните институции.
Анализата е реализирана со поддршка на УНЕСКО во рамките на проектот „„Медиумска саморегулација: зајакнување на медиумскиот професионализам за јавно добро“.
Целата анализа можете да ја погледнете во прилог.
Покрај регулацијата како модел за односите меѓу медиумите и општеството (државата, институциите, политиката, бизнисот, маркетингот итн), многу е важен моделот на саморегулација.
Овој модел е многу значаен за димензијата на етиката во новинарството (професионални стандарди и етички норми). Саморегулацијата кратко речено значи дека самите новинари/ медиумски работници ќе го регулираат својот систем. Овој инструмент е посeбно важен во земјата, бидејќи онлајн медиумите, популарно познати како портали, не се регулирани со законите за медиуми.
Регистарот на професионалните онлајн медиумите
Во Република Северна Македонија, онлајн медиумите не подлежат под ниедна јавно законска обврска за нивно регистрирање, но и за транспарентноста на сопственоста и за објавување на импресумот (адресата и имињата на новинрите / уредниците на редакцијата).
Како еден од инструментите за зацврстување на саморегулација во медиумската сфера, Советот за етика во медиумите во соработка со Здружението на новинарите, ја презема иницијативата за создавање на доброволен регистар на онлајн медиуми, а на 7 март, 2020 гоина се креира посебна платформа, наречена Промедиа.
Според условите за членство во Етичкиот совет, а потоа во регистарот, интернет порталите е потребно да исполнуваат одредени услови. Професионалните онлајн медиуми, треба да ја истакнуваат на трансапарентен начин сопственоста и уредувачката структура, затоа што медиумите кои се претставуваат со нивниот идентитет, го зголемуваат професионалниот интегритет.
Регистарот за професионални онлајн медиуми предвидува обврзувачки критериуми, но и некои кои се сметаат како дополнителни. Нив медиумските професионални организации ги дефинирале како минимални стандарди, кои треба да се исполнуваат.
Задолжителни критериуми:
1. Да имаат наведено веродостоен импресум (уредник, редакција), контакт- податоци и адреса
2. Да гo почитуваат Кодексот на новинарите, Повелбата за етичко известување за избори и Статутот на СЕМ
3. Членките да се онлајн медиуми кои редовно објавуваат информативни содржини од јавен интерес
4. Да имаат регистрирано правно лице во Република Северна Македонија и транспарентно да ја декларираат сопственоста
5. Членките да имаат транспарентно финансирање, во согласност со законот
6. Да ги објавуваат одлуките на СЕММ и да се вклучуваат во процесот на медијација
7. На својата страница да постават банер со кој се обврзуваат дека ќе ги почитуваат принципите на Кодексот (и саморегулацијата)
8. Објавените текстови да се потпишани од автор, а доколку се преземени од други медиуми тоа да биде наведено, во согласност со Законот за заштита на авторски праваKritere të detyrueshme:
Дополнителни препораки:
1. Членките да имаат објавено ценовници за рекламирање или линк до објавен ценовник во маркетинг агенција
2. Членките потребно е да имаат МК домеин
3. Платената комерцијална содржина потребно е да е видливо означена
4. Пожелно е професионалните редакции да имаат најмалку еден уредник и најмалку двајца вработени и просторни и технички услови за професионално извршување на работата
5. Медиумите да го наведат датумот и часот на објавување на своите содржини
Според Советот за етика во медиумите, медиумот се исклучува од членство по три одлуки на Комисијата за жалби во рок од три месеци, во коишто е утврдено прекршување на Кодексот на новинари, при што Управниот одбор на СЕММ го зема предвид однесувањето на медиумот во текот на процесот, учеството во медијација и поправката на стореното прекршување.
Од критериумите, дискутабилни се две: првиот, дека онлајн медиумите треба да имаат одреден број на вработени, но и технички и просторни услови, бидејќи во денешното време, кога технологијата е многу развиена а публиката е онлајн, новинарството не може да се ограничува на физичките димензии. Вториот, е барањето, онлајн медиумите да имаат домеин .mk, бидејќи според дел од експерите, интернет просторот е слободен и неограничен, односно треба да се дозволуваат и портали со други домеини.
Како да се засцврсти медиумската саморегулација?
И покрај фактот, што има простор за дебата во медиумската заедница околу критериумите за членство во регистарот, саморегулацијата во земјата како концепт и механизам доживува еволутивен развој.
Секако, дека, медиумите и новинарите можеле многу повеќе да влијаат врз нејзиниот развој. Можеби не беа подготвени за еден ваков нов механизам. Од друга страна долго време (од 1997 до 2014 година, кога почнала саморегулацијата), како единствен мехамизам постоела регулацијата во медиумската сфера и токму поради овој факт кон саморегулацијата се гледаше и сеуште се гледа со голема доза на скептицизам. За жал!
Ова го потврдува и негаторскиот пристап на поголемиот број на медиумите кон саморегулацијата. Кога Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите ќе заклучи дека дел од медиумите го прекршиле кодексот на новинарите, а според саморегулаторните правила се обврзани да ги објавуваат одлуките, тоа го прават ретко. Во случај да ги објавуваат, тоа многу често го прават со коментари кон одлуките, во кои не се согласуваат и ги отврлуваат целосно. На овој начин дел од медиумите не прифаќаат дека и новинарите/ уредниците може да грешат, а со ваквото постапување и даваат голем удар на механизмот.
Од друга страна, општествените фактори, само декларативно ја подржуваат саморегулацијата. „Владата активно ќе ја поттикнува дискусијата помеѓу медиумите, медиумските здруженија и граѓанскиот сектор, со цел саморегулација, корегулација и утврдување на медиумски стандарди за интернет порталите, согласно препораките на Европската комисија и Советот на Европа„ стои во предлог-планот против ширењето дезинформации, објавен во јули, 2019 година.
Но, наместо декларативни заложби, треба да се преземаат конкретни чекори. Ако власта и иституциите, заедно со бизнисот и граѓанското општество, сакаат да потврдуваат дека имаат политича и општествена волја за подржување на концептот за саморегулација, на медиумите кои се придржуваат кон професионалните стандарди и етичките норми, треба да им се овозможуваат одредени права и привилегии.
Регистрирањето на онлајн медиумите во регистарот и издвојувањето на професионалните од непрофесионалните, треба да биде услов за медиумскиот маркетинг на политичките партии на избори. Истотака тоа треба да важи и за рекламирањето на бизнис – компаниите во медиумите, а треба да биде и услов за добивање на државна помош од буџетот, како што се случи во периодот на пандемијата на ковид 19.
Истотака, членството со Советот за етиката во медиумите, треба да биде услов за добивање на државни субвенции од страна на приватните весници во земјата.
Една друга „привилегија„ која може да им се нуди на професионалните медиуми е давањето можност за пристап во државните институции односно да се овозможи акредитирање само на новинарите, кои ги претставуваат сериозните и одговорните медиуми, што подразбира тие кои имаат редакција и импресум.
Oвој новинарски текст е подготвен од авторот Сефер Тахири ангажиран од Советот за етика во медиумите во Македонија, во рамките на проектот „Медиумска саморегулација: зајакнување на медиумскиот професионализам за јавно добро“ поддржан од УНЕСКО и не ги одразува ставовите на донаторот или нарачателот.
Лаги, манипулации, искривување на фактите, спинови, па дури и сензационалистички претставувања на работите, пропаганди се топ теми кои длабински го окупираат медиумскиот простор.
Целта на лажната вест е да ја замени издржаната, проверена, точна информација, за да се донесат во заблуда консументите. Сосема спротивно на се што еден медиум треба да го пласира до јавноста. Но, тука често и не станува збор за новинарсто. Зад сите лажни вести или дезинформации, често не стојат новинари, туку лица кои намерно шират лажни вести понесени од најразлични фактори.
Што можат граѓаните да направат во ваква ситуација? Секоја вест што ќе ја прочитаат е да ја земат со доза на резерва. Прво, доколку сакаат да се секогаш точно информирани, да не лутаат по медиумскиот простор, туку секогаш да се насочуваат кон медиумите кои се докажани во својата релевантност, односно да не веруваат во се што ќе прочитаат како и да го проверат изворот на информацијат, односно треба да направат проверка на фактите.
Развојот на интернетот и сите алатки кои ги носи новата ера на медиуми отвори можност за брзо доаѓање до информации кои многу често не се точни. Затоа, секој граѓанин треба да внимава дали ќе чита било што и било каде или пак ќе се насочи на веќе докажаните медиуми.
Во однос на институциите надлежни во овој домен, заедно со советите за етика можат многу да придонесат, но само со здружени сили. Кога сите заедно и координирано ќе дејствуваат во борбата со лажните вести, кога би се поставиле стандарди односно кога би се ограничил медиумскиот простор како треба да изгледа една вест за да биде објавена, тогаш би се намалил и бројот на лажни вести. Оние кои и покрај сите стандарди, дококу не ги почитуваат нормите, следствено е да бидат казнети.
Дополнително, граѓаните, како крајни консументи, може дополнително да се едуцираат и да се подигне свеста кај населението за лажните вести со организирање на масовни кампањи и проекти, организирани од стручни лица и институциите од оваа област.
Сепак, за секоја замисла, за секој чекор во врска со спречуање на лажните вести, очигледно ќе мора и државата за преземе сериозен чекор затоа што во нашиот кривичен законик нема кривично дело за ширење на лажни вести. Што значи дека доколку овој недостаток не се реши, колку и да се вложуваат сите одстанати, на крај секој еден кој што сака да манипулира со јавноста, ќе остане не казнет.
Oвој новинарски текст е подготвен од авторот Елена Бошковска Крстевска ангажирана од Советот за етика во медиумите во Македонија, во рамките на проектот „Медиумска саморегулација: зајакнување на медиумскиот професионализам за јавно добро“ поддржан од УНЕСКО и не ги одразува ставовите на донаторот или нарачателот.
Највредните тајни на новинарската работа не се учеа на факултет, туку отсекогаш во „огнот“ на редакциите, во кои имаше и од кого да се учи. Новинарската работа бараше одреден сет од предиспозиции, талент и вештини. Како што шарлатанството на газдите, политичкото мешетарење и полтронството на уредниците, стандардно килавите плати, лошите услови и другите болести на македонското новинарство стануваа сѐ понеподносливи, голем дел од новинарите кои имаа такви и други таленти и вештини, разбирливо, решаваа да си одат од новинарството и да ги искористат во други, сродни професии, каде подобро се плаќа, а стресот е неспоредливо поподнослив.
Ова се совпадна со почетокот на наметнувањето на интернетот и со „експлозијата“ на портали, во кои мораше некој да работи, па се вработија стотици новинари и неновинари, а поради природата на работата и „тенкиот“ кадар во традиционалните медиуми, тоа беа главно млади луѓе. По децениското труење со шундови од секаков тип, на ред да ја информираат јавноста стасаа генерациите раснети исклучиво во ерата на информациската површност.
Во многу редакции и во вестите што ги објавуваат, неважни станаа некои основни новинарски правила и постулати, а меѓу првите жртви беше етичното известување и пишување. Критериумите, некогаш строги, низ годините стануваа сѐ полабави, а тоа сѐ полесно можеше и може да се забележи, со сѐ пократок поглед на нашите медиуми. Денес професијата се чини безнадежно обезвреднета, а новинарите кои знаат што прават и знаат што пишуваат – безнадежно проретчени.
Младите колеги кои доаѓаат во многу редакции, веќе се под менторство и на уредници „одгледани“ и бирани во духот на новите вредности, кои не се толку потресени за важноста на етиката или интегритетот. Кога ќе се најдете меѓу нив, ќе ве направат будала ако им кажете дека медиумите и тие самите имаат одговорност за тоа какви вредности промовираат.
Пишувајќи го овој текст, кој беше замислен како збир од согледувања од дневната пракса во македонскиот онлајн медиумски простор, ми налета една криминално романтизирана, гротесктно зашеќерена приказна за љубовта меѓу српскиот мафијаш/политичар/воен злосторник Аркан и неговата турбофолк убермадам Светлана, безумно преземена на македонски од некој од српските таблоиди – тие срамни извори на редовна инспирација за нашите портали. Девојчето што го преведувало текстот веројатно и не знае за друга претстава за српските транзициски икони, освен онаа што ѝ ја сервирале загарите на вучиќевата пропаганда – ме сецна уште една поразителна помисла.
Поретко во редакции, а почесто сами и дома – секој ден на работа седнуваат млади „новинари“ кои веројатно и буквално не слушнале за зборот етика. Нивната тажна, понижувачки ботовска задача е денес да „исштанцаат“ што повеќе партиски соопштенија и стерилни пофалби на функционери, веројатно испратени од некој нивни врсник- припадник на силната армија државни и партиски ПР-штанцачи на вистини. Втората важна задача им е да играат по тактот на барањата од збудалените маси, со вечно отворен таб со „Гугл Транслејт“ на нивните компјутери – да ги нахранат орните кликачи гладни за дневната доза секс, крв и интриги што им помага да заборават колку се сиромашни и очајни.
Уште потажно е тоа што овој систем на штанц-портали потчинети на клик-алгоритмите, со човечки копи-пејст ботови впрегнати во задоволување на секакви и сечии интереси – сѐ посилно влијае и го обликува јавното мислење кај нас денес, како што интернетот станува сѐ подоминантна платформа за сервирање пропаганди на нашата намачена, збунета и збрлавена јавност.
Целата оваа работа, секако, е долготраен, грижливо планиран и долго спроведуван проект на вечните политички и бизнис-моќници, кои одамна сфатиле дека нивните криминали одат многу полесно кога во врат не им дишат цврсти медиуми и добри новинари. И кога публиката новинарите ги гледа не како откривачи на вистината, туку како послужници на политичарите и бизнисмените.
Поискусните колеги, кои доаѓаат од она „другото време“, а сѐ уште работат – дел се прилагодија, се помирија и се стопија во новите инстант-шеми, а друг, помал дел, конвергираат во ретки сериозни редакции-острови на етичност и интегритет. Тие на некои млади луѓе сепак имаат волја и услови да им ги пренесуваат своето знаење и своето новинарско чувство, и заедно се исправени во нерамната борба со медиумското интернет-чудовиште кое постојано раѓа нови, сѐ поплитки, но и поефективни методи да ја замае јавноста и да ја направи што побесчувствителна. Во тој грст вистински редакции, во донкихотовската непомирливост на малкумина, се последните надежи за македонското новинарство, а веројатно и за шансите дека некогаш ќе видиме вистинска демократија.
Oвој новинарски текст е подготвен од авторот Жарко Настоски ангажиран од Советот за етика во медиумите во Македонија, во рамките на проектот „Медиумска саморегулација: зајакнување на медиумскиот професионализам за јавно добро“ поддржан од УНЕСКО и не ги одразува ставовите на донаторот или нарачателот.
Тешката финансиска состојба во која се најдоа редакциите при трансформацијата и прилагодувањето на интернет, доведоа до огромен пат на релеватноста во информирањето, претворање на медиумите во таблоиди и дистрибутери на голем број дезинформации. Во трката да обезбедат повеќе реклами кои им се главен извор за опстојување, интернет порталите главно се занимаваат со маркетиншки трикови за да привлечат поголема посетеност, а со тоа и поголема заработувачка. Дури и големите новинарски куќи започнаа да наседнуваат на кликбејт новинарството за да ја зголемат својата гледаност и читаност.
Информативното и истражувачко известување, поткрепено со агументи и факти е ставено во втор план, а новинарот најмногу е посветен на креирање сензационалистички наслови, спинови, па дури и лаги, само да се задоволи уредувачкиот тим и спонзорите. За прекршување на етичките норми немаат никаква дилема, важно е да се преживее.
Содржините кои се типичен кликбејт обично почнуваат со ШОКАНТНО, НЕВЕРОЈАТНО, СКАНДАЛОЗНО, НЕМА ДА ВИ СЕ ВЕРУВА !!!. Содржат многу интерпукнциски знаци и големи букви, а содржината едвај да е подолга од самиот наслов. Текстот обично е „празен“ и нема никаква врска со насловот, но психологијата на читателите е таква што речиси секогаш ќе кликнат на ваков наслов. Иако, голем дел од нив се свесни дека зад насловот нема ништо сензационално или важно, сепак уште на следниот кликбејт текст повторно ќе го употребат кликот.
Кликбејт новинарството најчесто го користат нерелевантни интернет портали, кои не се во Регистарот на професионални медиуми на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), ниту се членови на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), кој се залага за почитување на професионалните стандарди во известувањето. Тие, всушност, не се регистрирани ниту како медиуми или деловни субјекти за производство на вести, немаат импресум и контакт, па така ги избегнуваат санкциите на професионалните здруженија и судските инстанци. Загрижувачки е што овие квази портали не се занимаваат само со забава, туку и со политички и други значајни теми, и најмногу шират дезинфомации и за власта, политиката , продуцираат теории на заговор и лажни вести. Не ретко користат фотографии на политичари и јавни личности, кои на никој начин не се поврзани со текстот и служат само како мамка за клик. Граѓаните, пак, често не знаат дека за кликбејт поталите не стојат професионални и кредибилни новинари, особено младата публика, па информациите ги земаат здраво за готово. Но, интересно е што нив ги следи дури и политичката и општествена елита, која често е мета на нивните кликбејтови.
Овие портали не почитуваат никакви етички кодекси и стандарди, бидејќи целта им е да заработат што повеќе. Водени се од финансиски и материјални интереси и се во служба на оние што ги плаќаат. Нивни спонзори најчесто се центри на политичка и економска моќ, кои имаат за цел да го омаловажат и да му нанесат штета на противникот и конкуренцијата. Но, ваквото нивно однесување предизвикува низа негативни последици, ја доведува јавноста во заблуда и на погрешни заклучоци, а истовремено го руши кредибилитетот на новинарите и ја намалува довербата на јавноста во медиумите.
Прашањето е како да се сочува професионализмот во новинарството и како тоа да биде ослободено од кликбејт „конкуренцијата“? Како ловот за кликови да се сузбие со квалитетна содржина што информира, едуцира и забавува? Стручните лица сметаат дека саморегулацијата не може да помогне во ваков случај, кога овие квази портали се водени од финансиски, политички или други интереси. Нормално, дека и класичното новинарство трпи промени со појавата на интернет, но не смееме да дозволиме да останеме во магепсаниот круг на кликбејт новинарството. Единствено ни преостанува да продолжиме со напорите за подигање на свеста кај граѓаните за медиумската писменост, а особено кај младите генерации, кои се и најчести „жртви“ на кликбејтот. Покрај професионалните проверувачи на факти кои работат на разоткривање на дезинформациите и лажните вести, кредибилните медиуми мора да ја преземат својата улога за едукација на публиката за ништовноста и штетноста на клибејт вестите. Треба постојано да се укажува што всушност претставуваат кликбејтовите и кој е нивниот интерес. Да се повикуваат на етичкиот кодекс на ЗНМ и професионалните стандарди на новинарите. Целта е да се создаде критична маса која ќе се стекне со медиумска умешност и ќе се приклучи на борбата против кликбејт медиумите.
Еден интересен пример за активизам против кликбејт насловите се појави пред неколку година во Хрватска каде беше основана Фејсбук страницата „Хејт за кликбејт“. Под слоганот „Читаме глупости за да вие не морате “, авторската екипа ги откива информациите кои намерно се сокриени во насловите за да се кликне текстот. Тие ги откриваат кликбејтовите на хрватските портали, а охабрувачка е реакцијата на публиката која заедно со нив ги разоткрива кликбејт вестите. За два дена оваа страница има регистрирано над 4.000 следбеници, кои ја водат „потерата“ против иритирачките наслови.
Етичкиот кодекс на ЗНМ и СЕММ треба да биде истакнати на станиците на сите релевантни интернет портали, а ниту еден новинар не смее да биде политички ангажиран или да биде на платниот список на бизнис елитата. Потребна е сериозна критика кон фејбук новинарството и што поголема продукција на аналитички текстови со кои се истражува и информира. Фејк конкуренцијата може да се победи само со цврста принципиелност кон етичките вредности. На крајот, граѓаните ќе ја сфатат заднината на сензационализмот, ќе научат да го препознаваат и ќе ја ценат квалитетната информација. Европската унија и многу други донатори даваат силна поддршка на борбата против лажните вести, а новинарите треба тоа да го искористат и да дадат придонес за вистинитоста на информацијата и развојот на демократското општество. Слободата на изразување не смее да ја премине границата.
Oвој новинарски текст е подготвен од авторот Сузана Николиќ ангажирана од Советот за етика во медиумите во Македонија, во рамките на проектот „Медиумска саморегулација: зајакнување на медиумскиот професионализам за јавно добро“ поддржан од УНЕСКО и не ги одразува ставовите на донаторот или нарачателот.
Појавата на Интернетот во 90-тите години од минатиот век ги подели масовните медиумите во две поголеми групи: традиционални, – радио, телевизија, печатени медиуми, – и нови медиуми. Интернетот како платформа донесе динамична медиумска сфера, каде новите медиуми постојано добиваат нова форма, нов начин на пласирање на информации, наметнуваат ново темпо и нови модели во новинарството. Несомнено дека овие медиуми придонесоа во демократизирање на општествата, промовирање на либералните вредности и ја поттикнаа глобализацијата како процес, од кој добробит би имале сите граѓани на светот. Ако традиционалните медиуми се карактеризирани со висока контрола на протокот на информации, каде тој е еднонасочен медиум-публика, новите медиуми овозможуваат интерактивност во која и публиката станува создавач на содржини. Контролата врз тоа што ќе се објавува а што не, нема смисла кај новите медиуми од причина што скоро секој кој има пристап до Интернет мрежата може за неколку минути да креира свој сопствен медиум. Затоа, секој кој денеска има профил или страна на социјалните медиуми всушност поседува и медиум за комуницирање со јавноста.
Од друга страна, за разлика од новите, традиционалните медиуми подразбираат поседување на функционални и цврсти филтри за проверка на информациите, пред истите да бидат објавени. Првиот филтер е новинарот. Информациите кои ги добива, ги проверува со најмалку две извори. Потоа неговиот труд оди кај уредникот. Освен што го прави новинарскиот труд појасен, почитлив и поинтересен за пошироката публика, тој прави и проверка на факти. Дали сите изнесени информации кои ги содржи трудот се точни, дали имињата на соговорниците се точни, дали бројките се официјални, има ли спин од центри на моќ, може ли некој да покрене тужба по објавувањето, дали тврдењата се поткрепени со документи…
МЕДИУМИТЕ ВО ВРЕМЕ НА ГЛОБАЛИЗАЦИЈА – ЗНАЧАЕН ФАКТОР ЗА МИРОТ И СТАБИЛНОСТА
Од овој долг вовед произлегува дека двата вида на медиуми имаат предности и недостатоци. Без да генерализирам, сакам да истакнам дека не сите традиционални медиуми се професионални и кредибилни, и не сите нови медиуми се непрофесионални и ориентирани само кон сензационализам, брзина и број на кликови, допаѓања и споделувања. Но факт е дека феномените на лажна вест, дезинформација и пропаганда стана главна опасност за демократиите со појавата токму на новите медиуми. Ова значи дека Интернетот, покрај промовирање на демократските вредности, истовремено и ги загрозува тие вредности преку ширење на антивредности, кои подразбираат инсталирање на недемократски модел на општествено уредување. Со еден збор – Интернетот стана алатка за влијание на една држава врз друга, но и главно оружје во тоа што се нарекува „хибридна војна“.
Ваквото мешање во внатрешните работи на други земји е спротивно од Вестфалскиот мир, постигнат во 1648 по тридецениски крвава војна во Европа, кога и се родија модерните држави. Дотогаш, користењето на верата за интерферирање и влијание брз тековите во други земји, беше изворот на постојаните војни во стариот континент. Од тогаш, модерните западни држави се градат врз основа на Вестфалскиот модел на суверенитет, кој се заснова на немешање во внатрешните работи на друга држава.
Злоупотребата на интернетот за штетни влијанија е во спротивност и со новиот либерален светски поредок, заснован врз правила, кој беше создаден после Втората светска војна со цел да превенира нови воени судири од светки размер. Главното правило на овој поредок е почитување на суверенитетот на секоја држава, без разлика на односот на силите меѓу државите како главни актери на меѓународните односи. Тоа значи почитување на вољата на граѓаните и на најслабата држава, без разлика дали тоа му се допаѓа на некоја воено-економска посилна држава. Во овој контекст, руската агресија врз Украина е обид за рушење на светскиот поредок заснован врз правила и промовирање на нов светски поредок заснован врз силата.
МОЖНА Е РЕГУЛАЦИЈА БЕЗ ЗАГРОЗУВАЊЕ НА НЕЗАВИСНОСТА НА МЕДИУМИТЕ?
Загрозувањето на Весфалскиот мир и на Светскиот поредок во ера на глобализација и дигитализација, ги прави демократиите позагрозени а мирот поскршлив. Затоа, улогата на медиумите во целиот овој процес на одбрана на демократските вредности е голема и многу значајна. Проблемот станува посложен од причина што потребата за поголема регулација на медиумите, како заштита од таквите напади, може да ја премине границата на слободата на изразување, како основна демократска вредност. Просто кажано, проблемот кај демократските општества се појавува кога се отвора темата за разграничувањето на пропагандата со слободата на говор. Најдобар одговор на оваа дилема е саморегулацијата во медиумите, заснована врз етичките норми и професионалните стандарди, која се докажа како најефикасна заштита од натрапниците во медиумската сфера и ефикасна алатка за борба против дезинформациите.
Лажните информации се повеќе се користат како оружје во актуелниот свет на хибридни војни. Со тоа тие стануваат главен непријател на демократијата од причина што креираат опасно јавно мислење, базирано на лажна реалност и конструирани факти. Едно вакво јавно мислење потоа се преточува во официјални политики на една држава, со тоа што ја насочуваат истата во погрешен правец.
Тука логички се поставува прашањето зошто лажните информации се толку влијателни ако се лажни? Најсоодветниот одговор на оваа прашање ја дава науката. Една научна студија, која е резултат на набљудување на однесувањето на корисниците на Твитер, покажала дека на вистинските информации им биле потребни шест пати повеќе време за да стигнат до 1.500 корисници, во споредба со лажните информации кои истиот број на публика го достигнувале многу побрзо. Студијата покажала дека приказните изградени со лажни вести биле ретвитувани за 70 проценти повеќе од вистинските приказни. Истражувањето покажало дека лажните вести најмногу се шират меѓу луѓето од истата идеолошка група, создавајќи го притоа ефектот на „ехо комора“. Ова е парадокс поврзан со феноменот „ефект на илузорна вистина“, според кој самото повторување на информациите ги зголемува нејзините можности за веродостојност. Или, како што вели златниот совет на пропагандата: повторете лагата илјада пати и истата ќе стане вистина. Основачот на психоанализата Зигмунд Фројд, пак, уште на почетокот од 20-тиот го дал најдобриот одговор за појавата на лажните вести. Тој вели дека луѓето се склони да веруваат во лажни информации кои ги потврдуваат нивните верувања и ставови, и да ги отфрлат сите вистински информации кои ја демантираат нивната конструирана реалност. Првата ситуација Фројд ја карактеризира како „принцип на задоволство“, која означува исполнување на желбите и ги намалува тензиите, додека втората е „принципот на реалноста“, која не соочува со вистинската реалност, со сите непосакувани елементи.
Лажните вести се извор на проблеми и кај нас, во Република Северна Македонија. Големиот број на портали со време стануваат главен извор на (дез)информации. Со тоа, новите медиуми се повеќе го оформуваат јавното мислење и ја одредуваат јавната агенда во државата. Оваа сила на интернет медиумите наметнува и нова фаза во саморегулацијата. Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) неколку години наназад е главниот столб во зачувување на етичките и професионалните стандарди во овие медиуми, а истовремено ја води и борбата против пропагандата, лажните вести и токсичните медиуми. Во овој чувствителен процес е исто така важно да се зачува слободата на говор, на мисла, на информирање и сето тоа што е поврзано со јавниот интерес. Листата на професионални онлајн медиуми придонесе кон издвојување на професионалните од непрофесионалните, на вистинските од лажните, и на порталите за информирање од порталите за пропаганда. Сепак, се покажа дека досега ова било недоволно да создаде амбиент, во кој вистинските медиуми ќе бидат самоодржливи. Компаниите продолжуваат да рекламираат, а со тоа и да подржат, пропагандистички онлајн медиуми без импресум, а политичките партии продолжуваат да ги хранат со информации и пари, особено пред секој циклус на избори. Преку поагресивна промоција на листата на професионалните онлајн медиуми во јавноста, особено во политичката и бизнис сферата, истата би се воздигнала на ниво на главен патоказ кој би ја водел публиката кон медиуми со потврдени и квалитетни информации. Со оваа истовремено би се придонесувало и за поголема медиумска писменост.
Oвој новинарски текст е подготвен од авторот Џелал Незири ангажиран од Советот за етика во медиумите во Македонија, во рамките на проектот „Медиумска саморегулација: зајакнување на медиумскиот професионализам за јавно добро“ поддржан од УНЕСКО и не ги одразува ставовите на донаторот или нарачателот.
Секоја професија, вклучително и новинарската, регулирана e со одредени етички кодекси кои служат за регулирање на општествената дејност и заштита на основните човекови права и слободи. Новинарската професија се заснова на работа со луѓе и невозможно е да се избега од општествената одговорност која им налага на медиумските работници да постапуваат во согласност со својата совест. Медиумските работници воедно имаат должност да ја вршат својата работа согласно договорените етички норми кои се прифатени во општеството.
Во денешно време, под притисок на сензационалистичкиот пристап во известувањето, етички вредности и професионалната одговорност на новинарите често паѓаат во втор план. И покрај постоењето на етички кодекси, но и закони кои јасно го регулираат етичкото известување бројни се прекршувањата, односно непочитувањата на основните етички стандарди при известувањето. Со кршење на основните етички принципи, новинарската професија, чија цел пред се е да пренесе точни информации од јавен интерес, се става во незавидна положба и провоцира недоверба кај јавноста. Исто така, медиумските работници кои не се водат во својата работа од етичките принципи што ги бара новинарската етика го доведуваат во прашање кредибилитетот на професијата.
Медиумските работници треба да известуваат на начин на кој ја почитуваат и промовираат културата на земјата во која живеат и да се однесуваат достоинствено кон луѓето. Потребно да се почитува е и слободата на изразување што им е дадена во согласност со одредени етички норми.
Во услови кога се зголемува бројот на медиумски производи во кои се препознава дезинформација поради недостиг на втора страна, сензационалистички пристап или служење на политиката наместо работа за јавен интерес, се најчести прекршувања на етичките стандарди. Советот за етика преку Комисијата за жалби и Здружението на новинари на Македонија со Совет на честа постапуваат по пријави за прекршители но како тоа да не е доволно. Можеби потребен е друг вид на санкции? Какви? Не може да се прецизира без сеопфатна анализа на прекршителите и на видот на прекршувања на етичките стандарди. Авторите на дезинформации директно им штетат на професионалните медиуми и новинари кои независно дали пишуваат и објавуваат вест, извештај или анализа, ги почитуваат стандардите на најмалку два извори на информации коишто се проведуваат пред да се објават.
Но за жал, засега професионалното новинарство се става во ист кош со дезинформирачкото. Професионалците се демотивираат кога на крајот на денот ќе ги пребројат кликовите на објавените медиумски производи. Тие се помалку, во споредба со не проверените или напишани со само еден извор информации. И токму тие, поточно дневни, неделни или месечни кликови, а не квалитетот на објавените вести се репер за закупување на рекламен простор од страна на фирми или маркетинг агенциите.
Во последните години, две до три, локалните професионални медиуми се игнорирани од компаниите закупувачи на рекламен простор во споредба со тие кои работат во главниот град на државата. Кампањите завршуваат кај вторите без разлика на содржините, квалитетот и професионалноста на содржините кои се продуцираат. Засега декларативна е улогата на Стопанската комора која вети дека ќе им препорача на своите членови рекламирање на медуми кои се професионални и работат според етичките правила и норми. Медиумите во внатрешноста на државата немаат клиенти од бизнис заедницата која членува во Стопанската комора.
Во настојувањето да се задржи професионалното медиумско милје потребен е и отворен дијалог со политичките партии чиишто кампањи, во изборните циклуси, делумно завршуваат кај медиуми основани за една намена и делумно кон медиумски поддржувачи.
Професионалните медиуми и покрај лошата финансиска состојба во која се наоѓаат во секојдневната работа го штитат јавниот интерес на граѓаните. Затоа заслужуваат фер третман. Нивните очекувања се дека СЕЕМ и ЗНМ ќе го направат многу по видлив Регистерот на професионални медиуми и често ќе го промовираат како во локалните заедници така и пред бизнис заедницата.
Oвој новинарски текст е подготвен од авторот Убавка Јаневска ангажирана од Советот за етика во медиумите во Македонија, во рамките на проектот „Медиумска саморегулација: зајакнување на медиумскиот професионализам за јавно добро“ поддржан од УНЕСКО и не ги одразува ставовите на донаторот или нарачателот.
Од појавата на новинарството како јавно добро до денес, неговата улога е непроменета. Професионалното новинарство во која било форма – вест, извештај, репортажа, анализа или истражување, има иста цел, а тоа е пренесување на точни, навремени, проверени и балансирани информации.
Но, паралелно со времињата, се менуваат и трендовите во известувањето. Новинарската етика во дигиталната ера подлежи на многу предизвици во трката со времето да се биде прв и ексклузивен во пренесувањето на информациите. Тука неретко влегува и сензационалистичкиот пристап во известувањето, кој повеќе нанесува штета и недоверба кај јавноста, отколку бенефит за медиумот што го публикува. Праксата покажува дека тоа најмногу се однесува на интернет порталите.
Непопуларноста на печатот, слабата продукција на оригинални приказни на телевизиите за да го задржат вниманието на гледачите, ги префрли огромен дел од македонските граѓани информациите ги восприемаат преку интернет. Онлајн порталите доминантен извор и избор на информации за граѓаните. Иако, голем дел од нив воопшто и ги немаат воспоставено етичките принципи на работа.
Ваквата слика требаше да се промени со професионалниот регистар за медиуми, кој се најави кон крајот на 2019 година, а почна да функционира неколку месеци подоцна. Беше најавуван како процес на професионализација на онлајн медиумите, преку исполнување на низа критериуми, преку кои ќе се одвојат медиумите кои се на висина на новинарските стандарди, а на другата страна ќе изолирани оние кои во „сенка“ без основни податоци за нивната работа, всушност ја дезинформираат јавноста и работат во корист на политичкиот наместо за јавниот интерес.
Што имаме две години подоцна? Освен бројката дека 155 медиуми се членки на регистарот, други информации што се случува во оваа сфера не се видливи ниту за новинарите и медиумите, ниту за јавноста. За јавноста особено, бидејќи на крајот на денот, ние и служиме нејзе. Многу одговори токму на јавноста должат и иницијаторите кои го почнаа овој процес, Здружението на новинари на Македонија, Советот за етика во медиумите и Стопанската комора.
Прво и основно, постои ли некаква анализа дали и на кој начин овој регистар им помогна на професионалните онлајн медиуми? Дали и какви се ефектите од неговото досегашно функционирање? Трпат ли некаква штета оние непрофесионални медиуми кои не се дел од регистарот? Како да се мотивираат и тие да бидат дел од него? Следејќи ги одлуките на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите, слободно може да се констатира дека и некои од оние онлајн медиуми кои се дел од регистарот, во неколку наврати ги повредиле основните новинарски стандарди, а тоа е застапеност на втората страна во приказната. Тоа го наметнува и прашањето дали се води некаква евиденција колку пати медиумите кои се обврзале на професионални стандарди, а сами не ги почитуваат, можат да продолжат по тој пат? Дали веќе имаме пракса на построга санкција и некој да биде исклучен од регистарот? Понатаму, каква улога одигра Стопанската комора? Колку декларативна, а колку суштинска? Во пазарно општество никој никому не може да забрани каде да се рекламира, но, колку бизнис заедницата ги насочи своите членки преку рекламирање да го помогнат процесот и да ја поддржат работата на професионалните медиуми? Бидејќи, другите примери на компании кои се рекламираат на непрофесионални интернет медиуми се лесно забележливи. Дали всушност постои отпор кај бизнис секторот и кои се причините за тоа?
Оправдувањето дека тоа е процес кој е менлив и се развива тековно, а во период од две години јавноста да не може да види конкретни резултати е неоправдано. Дури и процесите да течат, тие не треба да бидат интерни меѓу ЗНМ, СЕЕМ и Стопанската комора. Дури и да има какви – такви резултати, проблемот е во видливоста. Јавноста мора постојано да биде информирана. Платформата да биде што повеќе достапна за граѓаните, а со помош на еснафот, нејзина многу поголема промоција да дадат и самите медиуми кои се дел од нејзе. Бидејќи од овој процес полза би имале сите: онлајн медиумите преку саморегулација до професионализација, добро информирани граѓани, бизнис сектор заштитен од штетници во професијата. И на крај, можеби најтешкиот чекор, да ги притисне до ѕид и политичките партии за напуштање на праксата за рекламирање на портали кои се или обоени или наклонети.
Oвој новинарски текст е подготвен од авторот Петар Клинчарски ангажиран од Советот за етика во медиумите во Македонија, во рамките на проектот „Медиумска саморегулација: зајакнување на медиумскиот професионализам за јавно добро“ поддржан од УНЕСКО и не ги одразува ставовите на донаторот или нарачателот.