Советот за етика во медиумите има благородна улога постојано да ги потсетува медиумите и новинарите за професионалната етика. Се работи за принципи кои не ја штитат само професијата и нејзините членови, туку и демократијата и нејзиното пошироко влијание“, рече Шефот на Делегацијата на ЕУ Самуел Жбогар на денешната конференција на СЕММ, во хотелот Холидеј Ин, во Скопје.
Во промовирањето на саморегулацијата, особено во адресирањето на проблемот со медиумската саморегулација во дигиталниот свет, како и во севкупното стратешко јакнење на Советот, СЕММ континуирано добива поддршка и од Мисијата на ОБСЕ во државата. На денешната конференција, шефицата на Мисијата на ОБСЕ во државата, Нина Соумалаинен, нагласи дека „саморегулацијата не е цензура, ниту, пак, самоцензура, туку значи регулација без санкции и претставува веродостојна алтернатива за судските процедури и помага да се зголеми етичкото новинарство кое е ориентирано кон стекнување доверба“.
„Новинарството мораме заеднички да го поставиме таму каде што припаѓа, а тоа не е производство на содржини, туку сервис за доследно, етичко и вистинито информирање на публиката“, истакна извршната директорка на СЕММ, Марина Тунева.
Според претседателот на Управниот одбор на СЕММ, Драган Антоновски, „приоритет е да ја тргнеме лагата и пропагандата од медиумите а потоа и сите останати недоследности во етичкото однесување“.
Конференцијата се организираше со поддршка од Македонскиот институт за медиуми преку грант во рамки на проектот РеФорМедиа – унапредување на соработката меѓу граѓанското општество, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми и Мировниот институт од Љубљана со финансиска поддршка од ЕУ. За значењето на саморегулацијата и позитивните ефекти од постоењето саморегулативно тело во Република Македонија зборуваше директорката на МИМ, Билјана Петковска.
На настанот беа промовирани и публикацијата „Известување во интерес на јавноста – заштита на етичките принципи на известувањето низ работата на Комисијата за жалби“, чии автори се д-р Сефер Тахири и Мирче Адамчевски, а уредник д-р Снежана Трпевска. Публикацијата нуди осврт врз почитувањето на некои од основните принципи на новинарската етика и преглед на најкарактеристичните одлуки донесени од Комисијата.
СЕММ подготви и компаративен преглед за искуствата и предизвиците во функционирањето на меѓународните совети за етика, особено на они кои припаѓаат на Алијансата за независни совети за етика во Европа, каде што е членка и СЕММ. Главните наоди од Прегледот ги претстави нејзиниот автор, доктор Дејан Донев.
За улогата на медиумите во демократизацијата на државата, новинарството денес, како и за потребата од професионализација во работата на медиумите зборуваа Младен Чадиковски, главен и одговорен уредник на Телевизија 24, како и заменикот –главен и одговорен уредник на Алсат М, Исуф Кадриу.