Вести

Меѓународната соработка на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) се продлабочи со мошне корисна средба со колегите од Советот за печат на БиХ
Членови на Комисијата за жалби при СЕЕМ, Мирче Адамчевски, претседател и Филип Ѓурчиновски и Теофил Блажевски членови, по претходна покана, минатиот викенд присуствуваа на седница на Жалбената комисија на Советот за печат на БиХ.


На седницата, колегите од Босна и Херцеговина разгледуваа 10 случаи на жалби упатени до нивното тело, предводено од претседателот на Комисијата, универзитетскиот професор, д-р Миодраг Живановиќ. Притоа, членовите на македонската Жалбена комисија беа во можност да се запознаат со процедурите и практиките на своите колеги од БиХ, начинот на решавање по претставките и составувањето на одлуките, односно образложенијата на одлуките.

Делегацијата на Комисијата од Македонија, на покана на своите колеги, активно учествуваше во работата и изнесуваше мислења за секој предмет, без право на глас, а дел од сугестиите беа прифатени и вградени во нивните одлуки. Ова претставуваше и еден вид заедничка проценка на начинот на работа и квалитетот на одлуките што ги носат двете тела.

Средбата, која се одржа во Неум во БиХ на 6 јуни, беше искористена и за размена на искуства за состојбата со медиумските слободи во двете земји, за најчестите видови прекршувања на кодексите, како и за ефектите од работата на саморегулациските тела од овој тип.

Советот за печат на БиХ е најстаро тело од ваков тип во регионот и се смета за едно од најефикасните во саморегулацијата, а неговите одлуки се објавуваат речиси од сите членки - основачи на Советот, додека нивните ставови и мислења се вградуваат и во евентуални судски пресуди за навреда и клевета.

1

2

3

4