Вести

Советот за етика во медиумите на Македонија, по повод Светскиот ден на слободата на медиумите, апелира да продолжи дискусијата за враќање и подобрување на медиумската одговорност и довербата на јавноста во новинарската професија. Слободните медиуми се неопходен предуслов за силна демократија и тие не смеат да бидат неетички, некоректни и недемократски, како и промотор на пристрасна и идеолошка дебата.


worldpressfreedom

Начинот на кој ќе ја штитиме слободата на медиумите не е преку замижување пред злоупотребите на медиумската моќ, туку со поголеми заложби за одговорни и вистински и демократски медиуми.

За да се стигне до таквата слобода во медиумите неопходно е да се прифатат и грешките и лошото новинарство. Неодговорното новинарство не само што претставува срам за сопствениците, раководството и уредниците во медиумите, туку ја намалува и јавната поддршка за новинарството. Во интерес и на самите новинари е да го промовираат етичкото новинарство и да бидат први што ќе го преиспитаат неетичкото однесување како на медиумите, така и на јавните институции.

Со слободата во медиумите доаѓаат и одговорностите, а особено во редакциите. Апелираме до сите медиуми да ја искористат својата моќ на одговорен и професионален начин. Освен што ги поддржуваме правата на новинарите да работат слободно и без опструкции, како Советот за етика во медиумите ќе продолжиме да обезбедуваме поддршка и во ослободувањето на граѓаните од штетното однесување на неетичките и неодговорните медиуми.