Членовите на Управниот одбор и на Комисијата за жалби на Советот за етика (СЕММ) во јули и во октомври годинава одржаа две работилници со независниот експерт од Велика Британија, Дитер Лорејн за подготовка на Стратегијата за работа на оваа организација.
Лорејн, кој беше ангажиран со помош на Мисијата на ОБСЕ во Македонија, на прес-конференцијата во Скопје изјави дека ситуацијата во која се наоѓаат медиумите во регионот и пошироко е далеку од розова, па оттука секој обид да се воспостави саморегулација е чекор напред.
-Ќе биде потребна целосна поддршка од страна на новинарите и уредниците во Македонија, да застанат за Советот за етика и да го поддржат – истакна Лорејн, кој има искуство во работата со вакви организации во повеќе држави.
Според претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите Дуња Мијатовиќ, успешното спроведување на стратегијата и акциониот план ќе зависи од целосната поддршка од сите медиуми во земјата.
-Верувам дека СЕММ ќе има несебична поддршка од целата медиумска заедница – рече Мијатовиќ.
И шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Ралф Брет кажа дека го поддржуваат процесот.
-Мисијата го поддржува овој процес од самиот почеток и ние веруваме дека активностите на СЕММ ќе придонесат за подигнување на меѓународните стандарди на долг рок – кажа Брет.