дандоновавтор: м-р Дејан Андонов, стручњак за медиуми и комуникации

Онлајн просторот и социјалните медиуми станаа централни места кадешто младите луѓе истражуваат нови идеи, го изразуваат својот идентитет и учествуваат во поширокото општество. Но, во исто време, може да бидат злоупотребени од оние кои сакаат да ги користат за омаловажување, навреда и силеџиство. Казнените одредби повеќе не се доволни за да се спречи говорот на омраза, туку се потребни и образовни мерки за решавање на овој општествен проблем.

Зошто луѓето шират говор на омраза?

Говорот на омраза е повеќе од груби зборови. Со него се поттикнуваат, пропагираат или се оправдуваат нетолеранцијата и насилството кон поединци или групи на луѓе врз етничка, религиозна или родова основа. За некои тоа може да биде понижувачко, да влијае на нивната самодоверба и да доживеат депресија, изолација, гнев и антисоцијално однесување. Говорот на омраза често се заснова на стереотипи и негативно влијае на способноста да се решат основните причини за општествените проблеми.

Во онлајн сферата, говорот на омраза и лажните вести се пресретнуваат кога се шират дезинформации и провокации преку социјалните мрежи со намера да се наштети. Некои од медиумите намерно не ги администрираат коментарите под содржините што ги објавуваат на нивните социјални мрежи за да овозможат корисниците дополнително да ги споделуваат дезинформациите и омразата.

Говорот на омраза може да ги рефлектира вистинските убедувања на некој проединец кои се невкусни за одредена група луѓе. Такви поединци може да бидат и ангажирани намерно да провоцираат други луѓе и се нарекуваат „тролови“, кои често доаѓаат од средини кадешто лажните вести се вообичаени. Во анализа на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) се наведува дека „јавни личности преку своите профили на социјалните мрежи или на веб-страници објавуваат содржини во кои е забележан говор на омраза, особено врз основа на политичка припадност“.

Говорот на омраза може да биде и резултат на едноставно незнаење за релевантните факти и дека искажаното е навредливо и штетно. Луѓето може да не се свесни дека користат јазик којшто се смета за омраза кога во нервоза употребуваат, на пример, религиозни стереотипи, без никакво лично знаење за верувањата на таа религиска група. Во анализата на МИМ пишува дека „во периодот од февруари до мај 2020 година, бил регистриран раст на говорот на омразата на етничка основа пред христијанскиот празник Велигден и пред почетокот на рамазанските пости, кога религиските лидери во овој период имаа спротивни ставови и препораки од оние на Владата за почитување на мерките за спечување на ширењето на ковид-19. Драстичниот пораст на новозаболени лица со ковид-19 создаде и говор на омраза врз основа на здравствената состојба, во комбинација со етничката припадност“.

Сепак, не се сите негативни говори говор на омраза. Секако дека може да критикувате јавни функционери или да не се согласувате со некоја политика, етничка група или религиозна доктрина, но критиката мора да се темели врз тоа што се вели или како се постапува, а не врз нечиј идентитет.

Говорот на омраза е кривично дело

Обединетите Нации имаат подготвено голем број документи против говорот на омраза и препораки кои треба да ги следат државите. Уште во 1966 година, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права пропишува дека „секој апел до национална, расна или верска омраза што претставува поттикнување на дискриминација, непријателство или насилство мора да биде забранет со закон“. На европско ниво, Советот на Европа се спротивставува на говорот на омраза со законодавни препораки и судската пракса на Европскиот суд за човекови права. Во согласност со нивните препораки, мнозинството европските власти го сметаат говорот на омраза како кривично дело. Тоа овозможува негово казнување под услови, начин и проценка на судовите, но судството не може да ги реши сите случаи на говор на омраза на Интернет. Од друга страна, постојат опасности и ризици судењата да дадат уште поголема видливост на омразата, а властите да го означат легитимното несогласување како „говор на омраза“ и да ја ограничат слободата на изразување. Затоа препораките на ООН и Советот на Европа се државите да ги криминализираат „само сериозните и екстремни форми на говор на омраза“, т.е. оние што активно поттикнуваат насилство и дискриминација против одредено лице или група. Во сите други случаи, државите треба да бараат алтернативни начини за спречување или спротивставување на говорот на омраза.

дандонов1

Извoр: www.freepik.com

Како се шири говорот на омраза онлајн?

Онлајн говорот на омраза се карактеризира со анонимност на авторите, трајноста на содржината и можноста за ширење низ различни платформи и преку државни граници. Онлајн порталите, блоговите, пребарувачите и социјалните мрежи не се само посредници на содржини. Тие треба да ги почитуваат истите норми и стандарди за човекови права што се применуваат офлајн и да дејствуваат порешително и побрзо против ширењето на говорот на омраза. Така, во мај 2016 година, Европската комисија, од една страна, и Фејсбук, Твитер, Јутјуб и Мајкрософт, од друга страна, усвоија кодекс на однесување за спречување на нелегалниот говор на омраза. Иако мерките не се законски обврзувачки, овие компании се заложија да ги отстрануваат незаконските содржини на омраза во рок од 24 часа од пријавувањето.

Сепак, тие не се секогаш во можност да го сторат тоа затоа што содржината може да не биде пријавена, модераторите на содржината да не успеале да стигнат до неа или таа да не спаѓа во содржини што тие ги забрануваат, а понекогаш сомнителната содржина е дел од приватни групни дискусии. Иако најчесто на критика се изложени популарните социјални мрежи, треба да се има предвид дека многу млади луѓе се селат на нови онлајн простори за игри (во живо), за споделување слики и други содржини генерирани од корисници и инфлуенсери, како и различни форуми кои не можат да бидат постојано модерирани.

Медиумска писменост за спротивставување на говорот на омраза

Иако правната основа и инструменти се неопходни против говорот на омраза на Интернет, превенцијата мора да опфаќа медиумска писменост, пред се`, на младите луѓе. Вештините за критичко размислување и етичко користење на дигиталните платформи се почетни точки во медиумската писменост и се клучни за борбата против онлајн говорот на омраза. Овие вештини ќе ја зголемат способноста на младите да препознаат содржини на омраза, да ги разобличат претпоставките, пристрасностите и предрасудите и да преземат акција против нив. Младите луѓе не се само корисници, туку и создавачи на онлајн содржини, а медиумската писменост ги вклучува и вештините за владеење со технологијата и ефективна комуникација преку разновидни дигитални формати (видеа, инфографики, влогови, мемиња и сл.).

Младите луѓе, повеќе од која било претходна генерација, растат со дигитална технологија, а социјалните медиуми се основно место за нивното социјално, политичко и културно осознавање и дебата. Во Македонија, според мапирањето на нивоата на медиумска писменост од 2019 година, дури 94.6% од испитаниците на возраст од 16 до 29 години рекле дека секој ден одат онлајн преку својот мобилен телефон. Но, ова не значи дека не треба активно да ги учат вештините што им се потребни за да бидат критични корисници на информации и способни граѓани на Интернет. Активностите што оваа возрасна група најчесто ги прави онлајн се комуницирање преку социјалните мрежи (96.1%) и разговори или допишување преку различни апликации за интерперсонална комуникација како што се Вибер, Месинџер, ВатсАп и сл. (91.9%). Само 16.1% од младите луѓе на возраст од 16 до 29 години поставуваат или проследуваат содржини кои самите ги креирале, 14.6% од нив одржуваат веб-страница или блог, а незначителни 6.4% одговориле дека учествуваат во дебати и форуми за граѓански или политички прашања. Според ова, напредното користење интернет е значително помалку застапено, што може да се должи и на недостиг од соодветни вештини, пишува во истражувањето.

Негативните содржини што младите испитаници ги препознавале на социјалните мрежи биле конструирани и лажни информации што се шират намерно заради политички и други цели (38.9%), како и навреди, омаловажувања и закани врз политичка основа (37.4%), врз етничка или верска основа (33.1%) и врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет (29.1%). Кога на социјалните мрежи забележале содржина што може да вознемири, да навреди, некому да нанесе штета или да влијае на друг начин негативно врз луѓето, најголем број од овие испитаници не реагирале никако, односно ја игнорирале содржината (63.9%). Далеку помал број испитаници го блокирале лицето кое споделило таква содржина или напишало таков коментар (17.6%), ја споделиле проблематичната содржина заедно со свој критички коментар за неа (17.2%) или престанале да го следат лицето кое споделило таква содржина или коментар (16.1%). Незначителен број (4.3%) реагирале во врска со содржината кај провајдерот на социјалната мрежа, а само 1 процент испитаници одговориле дека реагирале кај МВР, Дирекција за заштита на лични податоци или друга надлежна институција, стои во истражувањето.

Оттука, развојот на медиумската писменост во формалното и неформалното образование претставува долгорочно одржливо решение против говорот на омраза. За промовирање на медиумската и свеста против погрешните перцепции, предрасуди и злоделата од омраза, во образовните практики треба да се вклучат и Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги, како надлежно тело и регулатор, и Советот на етиката во медиумите, како саморегулаторно тело, кои вршат надзор врз говорот на омраза во медиумите, Народниот правобранител, кој треба да посветува особено внимание за заштита од дискриминација, како и МВР, во кое постои посебен Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика.

Наместо напорите да се фокусираат само да се спречи пристапот на младите луѓе до содржини со говор на омраза, тие треба да бидат оспособени со критичко размислување и вештини за медиумска писменост за да ги разобличат таквите содржини. Да дејствуваат соодветно кога ќе се соочат со омраза, навредлива или незаконска содржина и да дадат позитивен придонес на социјалните медиуми. Со тоа ќе ги оспособиме младите луѓе со вештини кои им се потребни да напредуваат како проактивни и моќни граѓани.