Наташа Стојановиќавтор: Настасија Стојановиќ, МЦГО

Поттикнати и образовани млади луѓе, кои ги препознаваат своите улоги во општеството, се клучот за позитивни промени во сегашноста, но и во иднината. Многу често слушаме дека младите се иднината, но за да бидат двигатели на позитивни промени во иднина, тие мора уште денес да бидат одговорни и активни граѓани. Најважната улога во овој процес ја има образованието и ме радува што оваа улога е и препознаена.

Новиот Концепт за граѓанско образование во основното образование е насочен токму кон овие прашања. Концептот го опишува системскиот приод кон стекнување граѓански компетенции и развивање на способностите на учениците да ги почитуваат различностите и да практикуваат и стекнуваат демократски вредности и вештини. Како дел од новиот концепт за граѓанско образование, подготвени се две, нови, наставни програми по предметот „Граѓанско образование“ во осмо и деветто одделение, кои се применуваат од учебната 2018/2019 година и 2019/20 година. Промените поврзани со граѓанското образование се направени во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, кој го спроведува Македонскиот центар за граѓанско образование.

Со цел да се испитаат искуствата на учениците во поглед на ревидираните наставни програми, но и мерење на постигнатите резултати, имав шанса да слушнам многубројни мислења. На моја огромна радост, наидував на издвојување на содржини поврзани со дискриминацијата, стереотипите и предрасудите, но и медиумите и нивната улога во граѓанското општество. Честопати овие содржини се наведуваат како најкорисни, но и најинтересни од страна на учениците. ,,Најинтересна активност и содржина ми беше ,,Медиумите во граѓанското општество". Мене овој час ми се допаѓаше бидејќи беше од различен карактер за разлика од останатите часови. Нашата наставничка првично ни пушти два кратки филма. Потоа, читаше изјави, а ние одевме од едната до другата страна на училницата во согласност со тоа дали се сложуваме или не со истите. А потоа зборувавме за нашиете мислења на темата.” вели еден ученик. Друга ученичка, пак, додава дека содржините поврзани со дискриминација и прифаќање на различностите, ги смета за најинтересни. ,,Имавме проект за дискриминацијата, правевме анкети за дискриминација во училиштето и глумевме на училишни приредби, драма која беше направена посебно за дискриминацијата, вели таа. Комбинацијата на содржини поврзани со почитување и прифаќање на различностите и препознавање на улогата на медиумите, кои се изучуваат со помош на интерактивни методи и ангажирање во училиштата и заедниците, се само еден вид на помошна алатка која би можела да доведе до позитивни промени.

Сведоци сме  на недоволна медиумска покриеност во однос на антидискриминаторни содржини, инклузивност, борба против стереотипи и предрасуди, што, секако, претставува предизвик на кој треба да се работи. Измените поврзани со предметот „Граѓанско образование“, но и позитивните исходи од нив, треба да бидат само поттик за понатамошни подобрувања, имајќи ја предвид  значајната улога на образованието. Само преку модерни пристапи, содржини и методи, кои, пред сè, ќе го поттикнат критичкото и аналитичко размислување кај учениците, можеме да создадеме граѓани кои понатаму би можеле да ја препознаваат потребата од обезбедување медиумски простор на антидискриминаторни теми. Земајќи предвид дека живееме во мултикултурно општество, образованието е најважната и клучна алка во процесот на креирање на ваквите промени.