Борбата против лажните вести бара обединување на медиумската заедница

Заедничко дејствување на медиумските организации и експерти за краткорочни и долгорочни ефекти од борбата против лажните вести и друго неетичко информирање на јавноста е нужност

Пишува Теофил Блажевски

Teofil2Кога во Скопје имаше голем број жртви од поплавата предизвикана од невремето што го зафати пред четири години, во 2016 –тата, проблемот со лажните вести во медиумите во земјата не беше многу видлив, ниту квантитативно, ниту квалитативно. Тој проблем и кога се појавуваше видливо дотогаш се однесуваше најмногу на политичкото битисување и на тогашната војна меѓу власта и опозицијата за излез од тешката политичка криза, која практично започна уште во декември 2012-тата година.

Та, сепак, и тогаш можеа да се најдат примери за лажни или неетечки вести, кои не исполнуваат основни стандарди на професијата, а со тоа и на Кодексот на новинари и вести кои во услови на голема природна несреќа или криза предизвикана од неа може дополнително да ја влошат состојбата со измама и доведување до заблуда на голем дел од јавноста. Еден таков еклатантен пример кој, за среќа, не се прошири во медиумската заедница, но беше пренесуван на најмасовната социјална мрежа Фејбук, беше „веста“ на „Народен Глас“ дека „Бројот на жртвите во Стајковци и околина се искачи над 50.

Реминисценциите на поплавата и лажните вести, меѓутоа, можеа многу повеќе да се видат неколку месеци подоцна во 2016 г., кога, исто така, Скопје беше зафатено од посилни врнежи и кога имаше вести, дури и во угледни медиуми, од типот: „ОБНОВЕНО Стајковци повторно под вода, жителите во паника! ФОТО“, или ПОВТОРНО СТРАВ: Жители на Стајковци јавуваат за поплавени улици, но и умерени и коректни известувања со наслов Улиците во Стајковци под вода, но засега нема вода во подрумите и во куќите, или, конечно, и отворен „медиумски демант“ на некоректно објавените вести со претерување: ГАЛЕРИЈА: Во Стајковци суво - информациите за поплави се неточни.

Повеќето примери се земени од архивираната страница на Тајм.мк и може да се забележи дека вестите, односно линковите од истите на медиумите кои оделе на „кликови“, денеска се нефункционални, што значи дека таквите вести се или избришани или преместени во некоја друга архива. Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) и тогаш имаше претставки за ваквите вести, но бројката не е ни приближно голема колку претставките што ги има денес, поврзани со пандемијата со коронавирусот.

Албанија, земјотрес, медиуми

Слична состојба можеше да се регистрира и во Албанија во 2019-та година во однос на известување на медиумите за време на катастрофалниот земјотрес што ги погоди, пред è, Драч и Тирана. Албанските власти тогаш, пред сè,  по иницијатива на премиерот Еди Рама, се решија на драконски мерки, со цел да го спречи продорот на лажните вести, па беа приведени двајца новинари кои предизвикале паника со своите написи околу афтершоковите од главниот потрес, со што илјадници жители на Тирана беа принудени да ги напуштат домовите, верувајќи им на таквите вести. Стотици луѓе ги преместувале возилата или излегле на автопат или пак, ја преспале ноќта надвор, зашто верувајќи на таквите вести очекувале афтер шок потрес пред полноќ со магнитуда од 6 степени по европската скала.

Сето ова, пак, беше добар повод за носење на нов закон за медиуми, кој беше многу порестриктивен, особено регулирајќи ги онлајн медиумите и кој предизвика големо незадоволство и протести во медиумската заедница во Албанија и пошироко, бидејќи и тие и сите европски и светски институции надлежни за овие прашања оценија дека станува збор за ограничување на слободата на медиумите. Слични тенденции за рестрикции и приведувања на новинари можеа да се забележат и во Црна Гора и во Србија во раната фаза од кризата со пандемијата.

Корона кризата ги извади на виделина сите слабости на медиумите

Неведените примери за неетичко известување во време на природни катастрофи, сепак, не можат да се споредат со штетата што ја прават лажните вести или друг тип неетички вести што се пласираат во земјата и светот, а се поврзани со коронакризата.

Претседателот на Жалбената комисија на СЕММ, Мирче Адамчевски на неодамна одржаниот вебинар посветен на проблемот медиуми во услови на корона криза, ги изнесе следните податоци: „до 10 август до Комисијата за жалби при СЕММ се пријавени 106 случаи на непрофесионално и неетичко известување. Од нив, најголем дел (35 жалби или дури 33 отсто од случаите) се однесуваат на известувањето околу пандемијата на коронавирусот. Ако ги анализираме овие 35 жалби, прекршување на членот 1 од Кодексот на новинарите, кој се однесува на објавувањето точни и проверени информации е утврдено во 46% од пријавените случаи или 16 текстови за кои е поднесена жалба, додека прекршување на членот 8 од Кодексот на новинарите, односно сензационалистичко информирање е утврдено во 11текстови или во 31% од пријавените случаи.

Ако само до СЕММ пристигнале 35 жалби, разумна претпоставка е дека во медиумскиот простор имало објавено најмалку 350 неетички вести и други информации околу сите аспекти на коронакризата, бидејќи СЕММ не работи по принципот сам да ги следи и детектира сите вакви написи, туку исклучиво по пријава на незадоволни субјекти во јавноста. Од тој број, по аналогија, 46 отсто или околу 165 написи биле без проверка на фактите, член 1 од Кодексот.

Проблемот се мултиплицира имајќи го предвид „копи-пејст“ новинарството, но особено ако се има предвид  дека досегот на ваквите неетички информации е зголемен за десетици, па и стотици илјади прегледи преку социјалните мрежи, пред сè Фејсбук, кој во Северна Македонија е исклучително популарен и многу често се користи како основен извор на информации за голем дел од популацијата помеѓу 16 и 40 години.

Ако на тоа се додадат и новите трендови кои се со тенденција „фејк њуз“ да бидат заменети со „дипфејк“, за што неодамна стручен труд беше објавен на блогот „Республика“, со право, сите ние што сме инволвирани во медиумскиот свет во земјава треба да бидеме загрижени и да бараме излезни решенија.

Максимализирање на позитивните ефекти на саморегулацијата

Во услови кога властите во земјава немаат соодветна визија, но и цврста волја да применат законски одредби против лажните вести за време на природни или здравствени кризи, знаејќи дека не се способни да го одржат балансот и да не ја преминат границата што води до ограничување на слободата на медиумите и на јавниот говор, саморегулацијата и борбата внатре во медиумската заедница се единствена брана за неетичкото известување.

Она што се нарекуваат надворешни услови, како што се позитивна медиумска атмосфера и опкружување останува наша постојана грижа во комуникацијата со оние што ги носат одлуките. Помошта од институциите во услови на природни катастрофи или здравствена криза, како оваа сегашнава, се покажаа како нужни, иако до неодамна преовладуваше ставот дека секое финансиско мешање на државата во медиумите е недозволиво, со мали исклучоци. Но, исто така, се покажа нужноста од прецизно изградени услови за таквата помош и кој треба да ја добие, како и надзор за тоа како се употребува. А, пак, најголем надворешен услов без кој не се може во вакви кризи е целосната транспарентност на клучните институции од кои зависи борбата за етичко медиумско информирање и на тоа треба постојано да се инсистира.

Саморегулацијата досега даде видливи ефекти во медиумската заедница, од што полза има севкупното општество, иако за целосно успешни резултати можеме да говориме само по извесно подолго време и по пронаоѓање нови модели на справување со неетичкото известување, од кое лажните вести и дипфејкот се најопасни. Се наметнува прашањето, со оглед на досегашните искуства, што може да направи сама медиумската заедница за што поголем ефект од саморегулацијата?

Тука ќе бидат споменати таксативно само неколку решенија за кои може да се размисли:

  • Широка расправа предводена од нас, медиумските организации, заедно со сите претставници на релевантни медиуми, за изработка на нов кодекс на медиуми, во кој, секако, би биле вградени и основните постулати од постојниот Кодекс на новинари. Ако можеше Меѓународната федерација на новинари да процени дека на медиумскиот свет му треба нов кодекс и истиот го донесе на почетокот од 2019 г., зошто сметаме дека кај нас не треба?
  • Врз основа на тој нов кодекс и врз основа на спецификите на секој од медиумите, треба да сериозно да се инсистира и да се подигне свеста дека секој поголем медиум во државата треба да си изработи и сопствен кодекс, за чија релевантност гаранција ќе биде помошта што би се добила од нас (се мисли од релевантните медиумски организации во државата). Засега имаме само еден таков позитивен пример, Етичкиот кодекс на МРТ/НРТ донесен пред две години.
  • Реформа во принципот на работа на СЕММ, пред сè, во правото да може и по сопствено наоѓање да проценува за екстремни примери на неетичко известување и да реагира на соодветен начин.
  • Формализирана соработка со регулаторот на медиумскот пазар, ААВМУ, пред сè, со СЕММ, но и со други медиумски организации, по што, во двострана комуникација, заеднички би се бореле против неетичкото известување, но пред сè против лажните вести, зашто се покажа дека најголемата штета во земјава (сè уште), може да се предизвика ако таквите вести се пренесуваат преку електронските медиуми.
  • Многу подлабока соработка помеѓу СЕММ, ЗНМ, ССНМ, МИМ, ЦГК и други помали или поголеми новинарски организации и независни експерти во областа со три претпоставени цели: ефикасна борба против лажните вести на краток рок; ефикасна борба против лажните вести и друг тип на неетичко известување на долг рок, пред сè преку целосно имплементирање на ефикасно медиумско описменување, како и поткревање на условите за работа на новинарите и медиумските работници. Споменатите субјекти би требало да ја формализираат ваквата соработка преку некој тип медиумски совет, кој во кризни состојби би делувал брзо и гласно во јавноста, кон медиумите и кон носителите на одлуки, а на долг рок би носел одлуки, заеднички настап и заеднички барање за финансиска помош за остварување на втората и третата цел – медиумското описменување и подобрување на стандардот и работните услови за медиумските работници .

Резултатите се поголеми во заедничко дејствување

Се разбира, сигурно постојат и други модели до кои може да се дојде низ заеднички дијалог. Како што може да се види, повеќето од моделите за идно дејствување наведени тука подразбираат заедништво и обединување.

Позитивното искуство на медиумските организаци кога настапуваа заеднички во периодот од последните седум-осум години го потврдува старото синдикалното правило за обединување (што се докажа и во случајот со ССНМ кој во заеднички настап со други организации беше подобро „слушнат“ од Владата).

Медиумската заедница е најсилна во постигнување на своите цели само кога е обединета и затоа е време повторно за такво нешто.