Соопштенија

Слободата на медиумите, слобода на изразувањето и саморегулацијата беше тема на денешната конференција што Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) ја организираше во Битола.

„Само јавност која има критичка, а не манипулативна функција, ќе помогне да се оцени каква е слободата на изразување и ќе ја оцени професионалната работа на медиумите. Во спротивно, секогаш ќе постои опасноста од политичка контрола и наместо будна јавност ќе имаме контролирани институции и медиуми, кои го контролираат и јавното мислење“, рече извршната директорка на СЕММ, Марина Тунева при отворањето на настанот.

Според претседателката на СЕММ, Катерина Синадиновска, клучниот проблем во новинарството е неговата депрофесионализација. „Медиумите и фирмите што ‘глумат’ медиуми се наполнија со неквалитетен кадар, што ниту ги познава, ниту ги почитува новинарските стандарди, ниту, пак, ја живее новинарската мисија“, рече Синадиновска.

„Слободните медиуми им даваат моќ на луѓето. Велиме дека новинарството е јавно добро, ајде да го докажеме тоа. Да ги покажеме нашите заложби за заштита на демократијата и за правата на граѓаните. Најдобриот одговор на сомнежите на граѓаните во однос на новинарите е преку промовирање на етичките насоки. Току затоа е потребна саморегулацијата“, истакна генералниот секретар на Европската федерација на новинари Рикардо Гутиерез, кој исто така се обрати на конференцијата.

Според Сефер Тахири, универзитетски професор, слободните медиуми служат на јавниот интерес, а не на интересот на властите, а тоа подразбира медиумите самите да ги избираат и одработуваат темите за кои известуваат, без притоа некој да им се меша во уредувачката политика.

„Слободните медиуми служат на граѓаните, а не на властите“, рече извршниот директор на Здружението на новинарите на Македонија, Драган Секуловски.

На денешниот настан, Советот за етика го промовираше и 16-то издание на конкурсот на Европската унија за наградата „Жан Моне“ за најдобри достигнувања во известувањето за прашања поврзани со темата „Градење доверба во несигурни времиња“, кој трае до 25 ноември. Повеќе детали за конкурсот се наоѓаат на следниот линк: http://semm.mk/novosti-4/calls/580-16.