Соопштенија

Советот за етика во медиумите на Македонија најостро ги осудува сите облици на физички пресметки во коишто се инволвирани новинари и апелира на воздржаност и смирени реакции на какви било провокации од кој и да е центар на моќ, групации или поединци.

Новинарите се должни да ги почитуваат вредностите на својата професија, да не поттикнуваат насилство ниту со своето пишување, ниту со своето однесување, и никогаш да не заборават дека нивното најсилно оружје е зборот.

Не очекува бурен период на политичка кампања и тензии пред претстојните локални избори, па СЕММ повикува на максимална одговорност во вршењето на јавните професии. СЕММ исто така апелира до медиумите на посериозен пристап во известувањето, односно јавниот интерес да биде главен услов при селекцијата на темите што се презентираат на публиката.

Освен информативна, медиумите имаат и едукативна улога, тие треба да го збогатуваат јавниот дискурс, да влијаат на негово култивизирање, а не на спуштање на нивото на јавната комуникација и креирање на атмосфера којашто не доликува на едно современо демократско општество.

Пред последните парламентарни избори голем дел од медиумите ја потпишаа Повелбата за етичко известување на Советот за етика и СЕММ упатува истата да биде максимално почитувана.