Соопштенија

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) реагира на објавувањето видео-снимка од неодамнешниот инцидент во Куманово кога лице со автомобил прегази цело семејство, меѓу кои и малолетно лице кое им подлегна на повредите.

Им укажуваме на медиумите дека преземањето и објавувањето на таквата содржина внесува дополнителна вознемиреност и гнев кај јавноста околу инцидентот и последиците од него. На уредниците им укажуваме дека сензационалистичкото известување во јавноста нема предност над професионалното и етичкото известување во кое е потребно да се води сметка и за последиците од трагедијата за семејството. Објавувањето на видео-снимката е и во спротивност со член 8 од Кодексот на новинарите, според кој „начинот на информирање во случаи на семејни трагедии мора да биде ослободен од сензационализми“.

И покрај тоа што ваквото известување кај некои од медиумите би можело да се оправда со потребата од задоволување на јавниот интерес и разбирање на тежината на инцидентот, укажуваме дека новинарите и уредниците треба да ја почитуваат и приватноста на личноста, што е во согласност со член 7 од Кодексот на новинарите на Македонија.

Уште еднаш апелираме до медиумите да водат сметка за целта и последиците од своето известување, како и за публиката што ќе дојде во допир со вознемирувачката содржина. Освен тоа, им укажуваме на уредниците дека сносат одговорност што со објавувањето на таквиот материјал овозможуват и негова понатамошна поширока дистрибуција и пристап до него од ранливи категории граѓани и малолетни лица, што би можело да предизвика дополнителна вознемиреност и последици од таквото известување.