Соопштенија

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), по повод Светскиот ден за слободата на медиумите, потсетува дека професионалното новинарство е суштински елемент за функционална демократија и остварување на интересот и правата на граѓаните за пристап до вистинити и објективни информации.

Подобрениот пристап на јавноста до таквите информации значи и подобрена клима за слободно одвивање на новинарската дејност, почитување на темелните слободи и права на медиумите и заштита на безбедноста на медиумските работници. Независноста во новинарската дејност, освен што опфаќа автономија на новинарите и ослободеност од политички и бизнис влијанија, подразбира постоење и поддршка на механизмите на саморегулација и задоволителен степен на професионална автономија. Во Декларацијата од Виндхук, од чие усвојување годинава се одбележуваат 25 години, се наведува дека независноста се препознава во практикувањето на етиката во новинарството и во моќта на професионалните новинарски и медиумски организации во општеството. Трите клучни елементи на Декларацијата од Виндхук продолжуваат да бидат важни аспекти во работењето на медиумите, покривајќи ги слободата, плурализмот и независноста на сите медиумски платформи.

На овогодинешната конференција на УНЕСКО во Хелсинки, по повод одбележувањето на Светскиот ден за слободата на медиумите, Советот за етика во медиумите ги претстави своите досегашни активности и предизвиците со кои се соочува, вклучувајќи се и во дискусиите за понатамошно зајакнување и поддршка на саморегулацијата во медиумите.