Соопштенија

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) на денешната прес-конференција, во ЕУ Инфо центарот во Скопје, ја претстави иницијативата за потпишување Повелба за етичко известување на медиумите за време на изборите.

„Оваа иницијатива произлегува од потребата за заедничко мобилизирање и искористување на моќта на медиумите во стремежите за постигнување независност во новинарството. Ниту една влада и политичка партија не треба да одлучуваат во име на медиумите кога станува збор за објективноста“, рече директорката на СЕММ, Марина Тунева.

Текстот на Повелбата се заснова на најважните и универзални принципи на професијата, што се еднакво важечки во секакви околности, па така и за време на изборите. „Се обидовме како СЕММ дас повикаме и да вратиме на она што е базичното во новинарството, на суштината – точност избалансираност, етичност“, рече Драган Антоновски од Управниот одбор на Советот.

Според претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ, Мирче Адамчевски, документот се заснова на досегашната практика на добивање голем број жалби за непрофесионалност и нетичко работење во медиумите.

Во документот се опфатени принципите на вистинитост и објективност, избалансираност, чесност и неутралност, професионална солидарност, уредувачка независност и професионален интегритет, почит и толерантност, принципите на слобода и одговорност, како и принципот на јасна дистинкција меѓу информациите и коментарите.

Настанот за официјално потпишување на Повелбата од страна на медиумите ќе се организира на 12 февруари, во ЕУ инфо центарот во Скопје.