Дебата на СЕММ со студентите на Институтот за комуникациски студии

Саморегулацијата во медиумите и нејзините придобивки беше главна тема за дискусија на дебатата со студентите на Институтот за комуникациски студии, на 21 февруари.

„Досега се добиени повеќе од 170 жалби,а целта ни граѓаните се’ повеќе да реагираат на непрофесионалното известување во медиумите, бидејќи тоа ни овозможува полесно да ги детектираме таквите случаи“, рече директорката на СЕММ, Марина Тунева.

Укажувајќи на состојбата со етиката во медиумите, претседателот на Управниот одбор на СЕММ, Драган Антоновски, потсети и на големата улога на медиумите во почитување на саморегулацијата, како моќен начин за заштита на нивната независност од различните влијанија.

Најчестите основи за прекршување на професионалните стандарди ги претстави Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби. „Јавноста најчесто се жали на едностраното и неурамнотежено известување, а чести се и случаите на дискриминација по различни основи“, рече тој.

Во контекст на дискусијата за најчестите проблеми во медиумското известување, на студентите им беше претставен и процесот на медијација. „Ве повикуваме и вас да придонесете во работата на СЕММ преку пријавување на случаи на медумско известување за кои сметате дека ги нарушиле професионалните стандарди“, апелира Гоце Герасимовски, член на Комисијата за жалби.

Дебатата се организира со помош на грант доделен преку проектот „РеФорМедиа – Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера“, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми и Мировниот институт од Љубљана со финансиска поддршка од Европската Унија.

Што е медиумска саморегулација?

 

Совет за етика во медиумите на Македонија