Дебата на СЕММ за заштитата на човековите права преку медиумите и поддршка на саморегулацијата

Досегашните искуства и планови на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) беше тема на дебатата што се одржа на 2 февруари, во Скопје.

На дебатата учествуваа 20тина претставници на граѓански здруженија активни во доменот на заштитата и унапредувањето на човековите права. Саморегулацијата и начинот на кој функционира процесот на поднесување и решавање на жалбите во СЕММ беа меѓу темите за дискусија на дебатата.

„Во изминатите две години имаме добиено над 150 жалби. Состојбата со етиката на медиумите во целиот регион се влошува, а сведоци сме дека тоа се случува и во европски и во светски рамки. Оттука и повиците да се бара решение за баланс меѓу она што е слобода на изразување, но и за одговорност за слободно изразеното, особено кога станува збор за нарушување на професионалните стандарди“, рече претседателот на Комисијата за жалби Мирче Адамчевски.

semm debata 06 02

Најчестите основи за прекршување на професионалните стандарди ги претстави Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби. Јавноста честопати се жали на едностраното и неурамнотежено известување, а неретки се случаите и на дискриминација по различни основи.

Дискутирајќи за најчесто забележаните проблеми во медиумското известување, на претставниците на граѓанските организации им беше претставен процесот на медијација, како и начинот на поднесување жалби до СЕММ. „Ги повикуваме здруженијата на граѓани активно да придонесат во работата на СЕММ преку пријавувањето на случаите на непрофесионално известување“, апелира Гоце Герасимовски, член на Комисијата за жалби при СЕММ.

На следниов линк е дневниот ред за настанот.

Што е медиумска саморегулација?

 

Совет за етика во медиумите на Македонија