Вести

veles 16 11 2017

„Медиумите, изборите и улогата на саморегулација“ е тема на дебатата што Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) ја организираше на 15 ноември, во Општина Велес.

„Саморегулацијата во медиумите добива се’ поголемо значење, особено имајќи ги предвид се’ позачестените реакции на граѓаните за различни случаи на непрофесионално информирање на медиумите до Советот за етика. И во меѓународните извештаи се истакнува и поддржува работата на ова тело, што укажува на се’ поголемата потреба од поддршка на саморегулацијата во државата“, рече Марина Тунева, извршен директор на Советот за етика во медиумите на денешната дебата во општина Велес.

Настанот, кој го организира СЕММ, е дел од серијата активности во државата со цел јавноста одблиску да се запознае со работата на ова саморегулативно тело, но и да се поттикне процесот на поднесување жалби за неетичко известување во медиумите.

Претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ, Мирче Адамчевски, информира дека во тригодшното работење на СЕММ граѓаните најчесто се жалеле на еднострано информирање, дискриминација, говор на омраза и пласирање лажни вести во медиумите. Во исто време, Адамчевски информира за усвоените принципи за прием на Интернет порталите како членки на СЕММ, а особено имајќи предвид дека граѓаните често се жалат на неетичко информирање во онлајн сферата. Принципите се наоѓаат на веб-страницата на СЕММ, односно на http://semm.mk/sovet-za-etika-4/pravila-za-chlenstvo.

За улогата на медиумите за време на изборите зборуваше Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби при СЕММ. „Забележавме случувања во кои медиумите наместо да бидат средства за масовно комуницирање тие станаа инструменти за артикулирање на политичките интереси. Освен тоа, проблем е кога слободата на изразување се разбира на неодговорен начин. Медиумите мора да разберат дека одговорноста подразбира почитување на професионалните стандарди“, рече Тахири.

Осврт за надлежностите на СЕММ, начинот на поднесување жалби и процесот на медијација даде Филип Ѓурчиновски, член на Комисијата за жалби. Тој, исто така, информираше дека најчесто биле нарушувани член 1 од Кодексот на новинарите, кој се однесува на неточното информирање, член 13 за мешањето на факти со мислења, потоа член 10 за говорот на омраза, како и член 14 за неизбалансираното известување од политички процеси. Подетален преглед на одлуките на СЕММ на http://semm.mk/komisija-za-zalbi/arhiva-odluki-i-mislenja