Вести

Која е суштинската улога на новинарите за време на избори? Што е пресудно за објективно и професионално информирање на граѓаните во текот на изборниот процес? Каква е улогата на саморегулаторните тела за обезбедување избалансирано и професионално покривање на изборите? – Ова се само дел од прашања кои ги разговаравме со Мартин Хакерби, медиумски експерт и долгогодишен новинар и уредник во водечкит медиуми во Англија.

Мартин Хакерби е поранешен новинар и уредник во „The Times“, Лондон, и уредник во надворешна редакција на „The Observer“. По неколкуте години работа како уредник на „The Prague Post“, работи на светско ниво како обучувач на новинари и консултант на уредници во весници и новински агенции. Неговата неодамнешна работа вклучува обуки за новинари што известуваат за политички теми во електронските и печатените медиуми во Непал и Судан.

СЕММ: Според вас, која е најсуштинската улога на новинарите за време на избори?

Новинарите треба да бараат одговорност од оние кои поседуваат моќ и од оние кои сакаат да имаат моќ, истовремено, преиспитувајќи ги нивните тврдења и трагајќи по фактични недоследности. Тоа, исто така, подразбира и проучување и објаснување на главните цели на учесниците во изборниот процес.

martin1

СЕММ: Кои аспекти во изборното изветување се од суштинско значење за објективно и професионално информирање на граѓаните во процесот на одлучување?

Истражување на заложбите на партиите, односно нивно компарирање со постоечките податоци и состојби, како и проверка на остварливоста на предложените политики. Во авторитарните држави, тешко е да се најдат независни експерти, или такви кои што сакаат да зборуваат за политиките кои ги предлагаат партиите. Во таква ситуација, би било разумно да се разгледаат искуствата преку границите и во соседството, за да се види дали во тие земји функционирале слични идеи и какви се коментарите на тамошните експерти во однос на тоа колку реалистична и остварлива може да биде одредена политика.

СЕММ: На кое ниво новинарското известување може да влијае врз мотивацијата на граѓаните за да учествуваат во процесот на гласање?

Доброто известување може да ја воодушеви публиката и да и укаже на важноста од суштински избори, но, медиумите, исто така, може и да ја исклучат јавноста од изборните случувања. Бесконечните извештаи за битката меѓу различни кандидати и партиите, на некој начин, може да ја направат публиката незаинтересирана за изборниот процес. Новинарите честопати се опседнуваат со детали поврзани со политичките збиднувања, игнорирајќи ја пошироката слика. Известувањето за тоа што се случува - кој оди нагоре, а кој надолу во политичката битка, може да биде исто толку возбудливо како и коментирањето спортски натпревар, но тоа не значи и расветлување на некоја комплексна ситуација.

СЕММ: Имајќи го предвид вашето меѓународно искуство како консултант и обучувач, кои аспекти од медиумското известување во државите со низок степен на демократски развој ги сметате за најпроблематични, во споредба со развиените држави?

Честoпати тоа е повеќе прашање на интензитетот, отколку на нешто сосема поразлично. Постои фундаментален проблем во конфузијата околу улогата на новинарите. На пример, во весниците, новинарите кои известуваат за изборите може да бидат во различна улога, како “репортери“ или “политички известувачи“, подготвувајќи анализи и вести, но и како “коментатори“, или “колумнисти“, нудејќи ги своите гледишта за настаните од изборниот процес. Исто така, тие може да бидат во улога на “уредници“, или “водечки пера во редакција“, застапувајќи ја уредувачката политика на весникот, па дури и “пропагандисти“, кои се залагаат за каузата на една партија, за сметка на другите.
Новинарите може да прифатат неколку од овие улоги, но, тука се поставува прашањето – врз основа на што читателот ќе суди за веродостојноста на она што му е кажано? Државните радиодифузери, најверојатно, се соочуваат со најголемиот предизвик. Тие треба да демонстрираат исклучителен морал и етичност, за да ги издржат барањата од владејачката партија да известуваат во нејзина полза.
Но, сепак, известувањето за изборниот процес во државите со недоволен демократски развој може да има и позитивни страни, затоа што, на пример, медиумите во “развиените“ земји честопати се опседнуваат со персоналитетот на лидерите, фокусирајќи се на нивните коментари, облека, однесување и минимални гафови, па честопати недостасува известувањето за нивните политики.

СЕММ: Според вас, кои се најчестите причини за непрофесионално известување за време на изборите во државите каде што сте работеле досега?

Голем дел од проблемите се заеднички за сите видови известување во таквите држави – мали медиуми, кои честопати се слабо опремени или немаат финансиски средства, вработени кои се недоволно платени, или, пак, во голема мерка се необучени и некомпетентни за да работат на коректно, избалансирано и длабинско известување. Голем дел од медиумските куќи имаат сопственици чија цел за време на изборите е да обезбедат политичко влијание или финансиска придобивка. Партиската определеност на дел од новинарите, исто така, претставува проблем, тие се, или стануваат застапници на луѓето за кои што известуваат. Дури и оние кои се обидуваат да бидат урамнотежени може да застранат од тој пат следејќи одреден лидер во неговата кампања.

СЕММ: Како треба да продолжи професионалниот развој на новинарите и редакциите со цел да се обезбеди професионално известување за време на изборите?

Недостигот на соодветна обука за новинарите е заеднички проблем кај помалку развиените држави на политички план. Поранешните комунистички држави може да имаат посебни потешкотии, со оглед на тоа што теоретското новинарско образование придонело многумина новинари да бидат недоволно подготвени за да се справуваат со практичните проблеми поврзани со известувањето. Континуираната програма на советување и практична обука може да им помогне на новинарите во овие земји да се справат со предизвиците што ги наметнуваат моќните политичари, но и да им овозможи да трагаат по темите кои им се најважни на гласачите.

martin2

СЕММ: Каде ја гледате улогата на саморегулаторните тела, како што е Советот за етика во медиумите на Македонија?

Таквите тела ги поставуваат правилата на медиумското изветување, тие може да ги потсетат новинарите како треба да се однесуваат, но и да им помогнат да ги зауздаат различните испади и инциденти кои неизбежно се случуваат за време на избори. Но, веројатно најсуштинската улога е во обезбедување и набљудување на рамноправно и избалансирано известување за различните партии во медиумите. Саморегулаторните тела може да бидат витален елемент во ситуација кога растат тензиите, што е неизбежно за време на политичките битки во изборниот процес. Тие може да понудат мирна рефлексија и разумни насоки за новинарите кои сакаат да работат на професионален начин.