Вести

Да се зборува за саморегулацијата во едно општество без демократски капацитети е тешко. Но, мора да се зборува. Во Босна и Херцеговина се водеше војна. Медиумите беа воени хушкачи, новинарите исто. И ако тие имаа храброст да се погледнат в очи и да се договорат дека мора да имаат такво тело, зошто ние да не веруваме дека можеме да ги достигнеме и да бидеме подобри од нив, вели претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ, Мирче Адамчевски.

Пишува: Ана Анастасовска

Од каде потекна идејата за создавање на Советот за етика и која е целта на неговото постоење?

Адамчевски: Традицијата на советите за печат, како саморегулаторни тела, во светот е речиси подолга од еден век. Кај нас идеите за формирање саморегулаторно тело се јавија пред повеќе од десет години, кога Македонскиот институт за медиуми ги направи првите обиди за формирање совет за печат во државава. Но, не се успеа. Пред шест години повторно се наврати на ваквата идеја. И повторно неуспешно. Во октомври 2011 година во Маврово, МИМ и Здружението на новинари на Македонија одржаа голем собир на уредници и на новинари од сите медиуми во државава на кој се расправаше за нивната иднина. Тогаш меѓу заклучоците од тој собир беше и оној за формирање совет за печат. Тоа влезе во акцискиот план, по што се формираше работна група составена од членови на ЗНМ и на МИМ, чија цел беше да се подготват темелите за советот. По тригодишна работа, конечно во 2014 година Советот и официјално беше формиран, а со практична работа почна кон крајот на годината. Саморегулатрното тело кај нас официјално се вика Совет за етика на медиумите во Македонија (СЕММ). Во својата работа ги опфаќа сите медиуми. Станува збор за невладина, неполитичка организација, која по принципот на слободна волја ги здружува своите членови (основачи), заради остварување на целите и дејностите утврдени со статутот на СЕММ.

adamce

А таму, меѓу другото, се зборува за заштита на слободата на медиумите и на правото на јавноста да биде информирана, за спречување на влијанието на државата, политичките партии и на другите центри на моќ врз медиумите, за штитење на интересите на јавноста, преку обезбедување независен ефикасен и правичен процес на решавање поплаки за медиумските содржини, за промовирање на квалитет во медиумските содржини усвојувајќи јасни и практични упатства за работењето на уредниците и на новинарите, за подигнување на свеста на јавноста за професионалните и за етички стандарди кои медиумите треба да ги почитуваат, потоа за создавање амбиент за самокритичност, самосвесност и за отчетност на медиумите кон публиката, за олеснување на пристапот на публиката до медиумите, за унапредување на професионалните и на етичките стандарди и за намалување на сите форми на цензура и на самоцензура во новинарството.

Има ли капацитет македонската новинарска бранша да воспостави квалитетна саморегулација во рамките на професијата?

Адамчевски: Секако дека има. Но, до квалитет се стигнува со текот на време. Еве, за пример да го земеме босанскиот совет за печат. Тој постои повеќе од 10 години. Две-три години по основањето, под меѓународен надзор, неговата активност спласна, практично престана со работа, за потоа одново да се возобнови. И денес важи за еден од најдобрите во регионот, па и пошироко. Можете да замислите во ситуација на три ентитета, кои војуваа, раскарани по сите основи, медиумите да седнат и да се договорат дека им е потребен таков совет. Тоа го увидоа дури кога прекина со работа првиот совет. Затоа јас велам дека нашиот Совет е како новороденче или, еве, има една година и треба да се негува, а не да се бранува за некои работи, околу него и во него, зашто тогаш не ни бега босанското сценарио. За потоа, по некоја година, одново да се вратиме кон активирање на работата на таквото тело. Затоа потребно е трпение, а резултатот ќе дојде сам по себе.

Можно ли е тоа воопшто во ситуација кога има остра разлика на опозициски или критички медиуми и провладини медиуми и кога политичката ориентација на медиумите е поважна од професионалните стандарди? Можна ли е саморегулација во професијата врз основа на професионалните стандарди, кои би важеле за сите, кога политиката, кај која се парите, е вистинскиот газда на медиумите?

Адамчевски: Да се зборува за саморегулацијата во едно општество без демократски капацитети е тешко. Но, мора да се зборува. Јас пак ќе ви ја повторам Босна и Херцеговина. Таму се водеше војна. Медиумите беа воени хушкачи, новинарите исто, како дел од нив. И ако тие имаа храброст да се погледнат в очи и да се договорат дека мора да имаат такво тело, зошто ние да не веруваме дека можеме да ги достигнеме и да бидеме подобри од нив. Во нашиот совет, меѓу основачите има и критички медиуми, и како што ги викате, провладини медиуми. Значи сите тие покажале волја и желба за почитување на професионалните стандарди. А политиката со нејзините пари е минлива работа. Ние треба да работиме на тоа, кога ќе се смени политиката, новата да не стане газда на медиумите. Да работиме на тоа газдите да осознаат дека саморегулацијата за нив значи помош во евентуалните закани со судски постапки, за кои може да се оди во затвор или да се платат големи парични казни.

Вие сте претседател на Комисијата за жалби при Советот. Што точно работи ова тело?

Адамчевски: Комисијата за жалби ги разгледува сите жалби пристигнати до неа, а поврзани со кршење на професионалните и на етичките стандарди во печатените, електронските и во интернет-медиумите. Независно дали тие медиуми се основачи на СЕММ или не се.

Имавте членови (во Советот или во Комисијата) кои си заминаа. Кои беа причините за тоа и како тоа се одрази врз нејзиното работење? Најдовте ли соодветни замени?

Адамчевски: Во Комисијата имаше член кого Управниот одбор го разреши поради неактивност. Комисијата има седум члена, а за нејзина нормална работа потребен е кворум од четири члена. Така што тоа не се одрази врз работата. Набргу беше кооптиран нов член, кој, можам да кажам, е мошне кооперативен и активен во работата.

Како се одвива процесот од поднесување жалба, до донесување финална одлука?

Адамчевски: Прво треба да се каже дека жалба за неетички и за непрофесионални содржини може да поднесе секој граѓанин, правни лица и други преставници на јавноста, вклучувајќи ги и новинарите. Жалбата се поднесува против медиум, а не против новинар. Таа се поднесува писмено до извршната канцеларија на СЕММ и тоа во рок од еден месец, откако е објавен таквиот прилог во медиумот. Канцеларијата испитува дали жалбата е во рамките на надлежноста на СЕММ.

Доколку не е, извршната канцеларија во консултација со претседателот на Комисијата за жалби може да ја одбие и да го извести за тоа подносителот за причините за тоа. За жалбите што се прифаќаат, се отвара предмет со досие. Најнапред канцеларијата прави обид за посредување меѓу страните. Доколку тој е неуспешен, тогаш Комисијата, која се состанува најмалку еднаш месечно, ја разгледува жалбата и носи одлука со консензус, односно со мнозинство гласови од вкупниот број членови, доколку тој не може да се постигне.

На што најмногу се однесуваат жалбите што се доставуваат до вас? Кој дел од новинарскиот процес е најпроблематичен според она што го гледате во жалбите?

Адамчевски: Досега, од повеќе од 50 жалби, речиси една третина се однесуваат на загрозени човекови права, говор на омраза, поттикнување насилство и дискриминација по разни основи. Било да е национална, верска, расна, полова, социјална, сексуална ориентација, политичка, јазична. Има жалби за објавување непроверени информации, без консултирање на два или повеќе извори, за непочитување на приватноста, се мешаат фактите и мислењата, веста и коментарот. Не се негуваат културата на говорот и етиката…

Кои се најчесто жалителите? Државни институции, фирми, невладини организации, функционери, граѓани, новинари? Дали жалителите се главно во право или не?

Адамчевски: На почетокот имавме многу жалби од политичари, па потоа дојдоа жалби од новинари, па институции и организации, а сега веќе доаѓаат жалби и од обични граѓани. Во огромен дел жалителите се во право.

Како реагираат медиумите кога ќе донесете одлука која е негативна за нив и дали ги објавуваат истите? Ги објавуваат ли позитивните одлуки по нив?

Адамчевски: Мнозинството медиуми, особено оние кои не се основачи на СЕММ, се однесуваат игнорантски во целата постапка. Но, сигурно не им е сеедно. Има малку примери на објавување на негативни одлуки, а повеќе на позитивни. Но, тоа нас не нè обесхрабрува. Сè ќе си дојде на свое место.

Дали се соочувате со притисоци и од каков вид се тие ако ги има?

Адамчевски: Како Комисија воопшто не сме биле изложени на притисоци. Така што засега спокојно си ја вршиме својата работа.

Една од целите на Советот за етика е спречување на влијанието на државата, политичките партии и на другите центри на моќ врз медиумите. Мислите ли дека може да се постигне тоа и како?

Адамчевски: Веќе реков дека да се зборува за саморегулацијата во едно општество без демократски капацитети е тешко. Но, мора да се зборува. Зашто саморегулацијата е најдобар начин за заштита, од политичките и од другите центри на моќ. Заштита на сопствениците на медиумите, заштита на уредниците и на новинарите. Тие не се свесни какво оружје е Кривичниот законик, доколку доследно се спроведува во поглед, да речеме, на говорот на омраза и на дискриминацијата, и доколку обвинителите си ја вршат својата работа професионално. Оружје, кое може да прати во затвор одговорен уредник или издавач, односно сопственик на медиум. Казните во зависност од тежината на делото се од една до 10 години затвор. Или, пак, за клеветата и за навредата, каде што паричните казни се до 25.000 евра. Ние како СЕММ мораме постојано да им зборуваме на сопствениците, на уредниците за опасностите што ги демнат. Некои од нив сега се заштитени како бели мечки и од судовите и од политиката, но верувам, наскоро сето тоа ќе се промени. И токму тука ќе настапи саморегулацијата за да ги заштити медиумите и од политичките партии и од влијанието на државата.

За оваа неполна година, колку што активно работите, мислите ли дека барем малку сте успеале во тоа да ја подигнете свеста на јавноста за професионалните и етички стандарди кои медиумите треба да ги почитуваат?

Адамчевски: Според бројот на жалбите одговорот е – да. Во Босна, на пример, во првата година од работата имале само седум жалби, а денес, по повеќе од десет години добиваат повеќе од стотина, само за половина година. Но, ние не можеме да спиеме на увото на бројките. Потребно е уште многу работа за зголемување на видливоста на СЕММ во јавноста.

Кои ќе бидат Вашите следни чекори во работењето, за идната година, на пример? Дали ќе воведете нови активности или измени во постоечките, со оглед на стекнатото искуство?

Адамчевски: Секое искуство подучува. Веќе ви споменав за зголемување на видливоста на СЕММ. За таа цел до крајот на годинава и идната година ќе работиме во земјава за запознавање на граѓаните, невладините организации и други за нашата работа. Ги имаме предвид и студентите по новинарство на универзитетите во републикава. Планираме работа во редакциите со уредниците и по можност со сопствениците. Секако, доколку има избори, и СЕММ ќе се вклучи со свои активности кои ќе одат во насока на почитување на етиката и професионалноста во известувањето за нив и од нив. Конечно, нешто ќе мора да се промени и во нашата работа. Покрај инсистирањето за објавување на одлуките на Комисијата за жалби, очекуваме промена на деловникот во кој ќе се вгради одредба одлуките, покрај на веб-страницата на СЕММ, да се објавуваат и на јавните мрежи, како што се, на пример, „Фејсбук“ и „Твитер“. Таму би се најавувале и седниците на Комисијата за жалби, кои би биле отворени за јавноста. За поголема јавност во работата на Комисијата, може да се предвиди одржување на нивни седници во градови во земјата, на факултети и слично.

Извор: proverkanafakti.mk