Реакција на СЕММ - 28.04.2017

Советот за етика во медиумите (СЕММ), по вчерашните инциденти во Собранието на Република Македонија, во кои беа нападнати и новинарски екипи од неколку медиуми, апелира за итна реакција на полицијата и Јавното обвинителство и преземање на неопходните мерки за расветлување и расчистување на инцидентите.

Ваквите случувања се суров доказ за алармантните услови со кои се соочуваат медиумите, а насилството врз нив е атак врз демократијата, а со тоа и криминал врз општеството. Доколку властите не преземат сериозни чекори во заштитата на слободата на изразување ќе продолжат да ги охрабруваат оние кои имаат за цел по пат на сила да ги замолчат новинарите и другите критички гласови во општество. Барањето одговорност од политичарите е една од клучните одговорности во новинарството и медиумите не смеат да бидат блокирани во обидите да ги истражат сите важни прашања од јавен интерес.

Потсетуваме дека државата, во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права, е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да создаде и одржува поволна средина за слобода на изразување. Ваквата слобода и права помагаат да се забрза развојот на отворено, толерантно, општество во кое мора да се почитуваат човековите права, вкучувајќи ја и слободата на медиумите.

Ги повикуваме и медиумите професионално и непристрасно да ја вршат својата работа за урамнотежено претставување на настаните од сите засегнати страни.